Глава 1
Општи одредби
Правило 1
Скратени изрази
За потребите на овој правилник,
(i) “Договор “ значи Лисабонски договор за заштита на oзнаките на потекло и нивната меѓународна регистрација од 31 октомври 1958 година, ревидиран во Стокхолм на 14 јули 1967 година и изменет на 28 септември 1979 година;
(ii) “ознака на потекло“ значи ознака на потекло како што е дефинирана во членот 2 став (1) од овој договор;
(iii) “меѓународна регистрација“ значи меѓународна регистрација на ознака на потекло направена согласно овој правилник;
(iv) “меѓународна пријава“ значи пријава за меѓународна регистрација;
(v) “Меѓународен регистар“ значи официјален збир на податоци во врска со меѓународната регистрација одржувана од Меѓународното биро чие воспоставување е предвидено во Договорот на овој правилник, како средство за чување на овие податоци;
(vi) “договорни страни“ значи земји страни на Договорот;
(vii) “земја на потекло” значи договорна страна како што е дефинирано во членот 2 став (2) од овој договор;
(viii) “Меѓународно биро“ значи Меѓународно биро на Светската организација за интелектуална сопственост;
(ix) “службен образец“ значи образец утврден од Меѓународното биро;
(x) “надлежен орган“ значи институција на која се однесува правилото 4 став (1)(а), (б) или (в) од овој правилник;
(xi) “носител на правото за користење на ознаката на потекло“ значи секое физичко или правно лице од членот 5 став (1) од Договорот;
(xii) “изјава за одбивање“ значи изјава на која се однесува член 5(3) од Договорот;
(xiii) “билтен“ значи периодичник на кој се однесува членот 5 став (2) од Договорот, како средство преку кое се врши публикација.
(xiv) “административни упатства“ значи административни упатства содржани во правилото 23-бис.
Правило 2
Сметање на роковите
(1) [Периоди изразени во години] Периодот изразен во години, ќе истече во односната последователна година, во месецот со исто име и на ден кој има ист број како месецот и денот на настанот од кој отпочнува да тече периодот, со исклучок, кога настанот се случил на 29 февруари и во односната наредна година февруари завршува со 28-ми, периодот ќе истече на 28 февруари.
(2) [Периоди изразени во месеци] Период изразен во месеци ќе истече во односниот последователен месец на денот со ист број како денот на настанот од кој почнува да тече периодот, со исклучок кога соодветниот нареден месец не содржи ден со ист број, периодот ќе истече на последниот ден од тој месец.
(3) [Истекување рок на ден кој не е работен за Меѓународното биро или за надлежниот орган] Доколку периодот истекува на ден кој не е работен за Меѓународното биро или за надлежниот орган, периодот ќе истече, не земајќи ги во предвид ставовите (1) и (2), на првиот последователен работен ден.
Правило 3
Работни јазици
(1) [Меѓународна пријава] Меѓународната пријава ќе се поднесе на англиски, француски или шпански јазик.
(2) [Комуникации при меѓународна пријава] Секоја комуникација во врска меѓународната пријава или меѓународната регистрација, кореспонденцијата помеѓу Меѓународното биро и надлежниот орган ќе биде извршено на англиски, француски или шпански, согласно на изборот на односниот орган.
(3) [Впишување во Меѓународниот регистар и објавување] Впишувањето во Меѓународниот регистар и објавувањето во Билтенот ќе се врши на англиски, француски и шпански. Преводот потребен за оваа цел ќе го прави Меѓународното биро. Но како и да е Меѓународното биро нема да ја преведува ознаката на потекло.
(4) [Транслитерација и превод на ознаката на потекло] Таму каде надлежната институција дава транслитерација на ознаката на потекло во согласност со правилото 5 став (2)(в) или еден или повеќе преводи на ознаката на потекло, во согласност со правилото 5 став (3)(ii), Меѓународното биро нема да ја проверува нивната точност.
Правило 4
Надлежен орган
(1) [Известување на Меѓународното биро] Секоја земја членка ќе го извести Мегународното биро за името и адресата како и за промените кои се однесуваат на името и адресата,
(а) за нејзиниот надлежен орган
(i) да поднесе меѓународна пријава во согласност со Правилото 5, да ги отстрани нерегуларностите содржани во меѓународната пријава во согласност со правилото 6 став (1) да побара упис во Меѓународниот регистар на промени за меѓународната регистрација во согласност со правилото 13 став (2), да го извести Меѓународното биро дека се откажува од заштитата во една или повеќе договорни страни во согласност со правилото 14 став (1), да побара од Меѓународното биро да поништи меѓународна регистрација во согласност со правилото 15 став (1), да побара корекција од Меѓународното биро во согласност со правилото 17 став (1) и да ги достави до Меѓународното биро, во согласност со правилото 19 став (2)(б), документите на кои се однесува правилото 5 став (3)(в), и
(ii) да го прими известувањето од Меѓународното биро на кое се однесуваат правилата 9 став (3), 10 ставови (1) и (2), 11 став(3),12 став (2) и 16 став (2),
(б) за нејзиниот надлежен орган
(i) да извести за изјава за одбивање, да извести за повлекување на изјава за одбивање во согласност со правилото 11, да испрати изјава за признавање на заштитата во согласност со правилото 11-бис, да извести за ништовност во согласност со правилото 16 став (1), да побара корекција во Меѓународниот регистар во согласност со правилото 17 став (1) и да се изјасни во согласност со правилото 17 став (3), дека не може да обезбеди заштита на корегираната меѓународна регистрација и
(ii) да прими известување од Меѓународното биро на кој се однесуваат правилата: 7 став (1), 13 став (3), 14 став (2), 15 став (2) и 17 став (2) и
(в) од нејзиниот надлежен орган да даде известување до Меѓународното биро дека периодот, кој не може да биде подолг од две години, е даден на третa странa, во согласност со членот 5 став (6) од Договорот.
(2) [Еден или различни органи] Известувањето на кое се однесува ставот (1) може да се однесува на еден или различни органи. Како и да е само еден орган може да биде назначен во поглед на сите потставови од (а) до (в).
Глава 2
Меѓународна пријава
Правило 5
Барања во врска со Меѓународната регистрација
(1) [Претставување] Меѓународната регистрација ќе биде поднесена пред Меѓународното биро преку надлежниот орган во земјата на службен образец, кој за тоа е предвиден, потпишан од органот.
(2) [Задолжителни елементи на меѓународната регистрација]
(а) Во меѓународната регистрација треба да е назначено:
(i) земјата на потекло;
(ii) носителот или носителите на правото на користење на ознаката на потеклото, назначени колективно или таму каде што колективното назначување не е возможно, на име;
(iii) ознаката на потекло за која е побарана регистрација на службен јазик на земјата на потекло или кога земјата на потекло има повеќе од еден службен јазик, на еден или повеќе од тие службени јазици;
(iv) производот на кој ознаката ќе се применува;
(v) подрачјето на кое се произведува производот;
(vi) називот и датумот на легислативата или административните одредби, судското решение или датумот и бројот на регистрацијата на основа на која ознаката на потекло е заштитена во земјата на потекло.
(б) Доколку имињата на носителот или носителите на правата на користење на ознаката на потеклото или подрачјето каде што се произведува производот се во карактери различни од латинските, тие треба да бидат назначени во форма на транслитерација на латинско писмо; транслитерацијата ќе ја користи фонетиката на јазикот на меѓународната пријава.
(в) Доколку пријавата за потекло е во карактери различни од латинските назначувањето во потставот (а)(iii) треба да биде придружено со транслитерација на латинско писмо; транслитерацијата ќе ја користи фонетиката на јазикот на меѓународната пријава.
(г) Меѓународната пријава ќе биде придружена со такси за регистрација чиј износ е определен во правилото 23.
(3) [Незадолжителни елементи на меѓународната пријава] Во меѓународната пријава може да биде назначено или да е содржано:
(i) адресите на носителите на правото на користење на ознаката на потекло;
(ii) еден или повеќе преводи на ознаката на потекло, во толкав број на јазици колку што сака надлежниот орган на земјата на потекло;
(iii) изјава дека заштита не е побарана за определени елементи на ознаката на потекло;
(iv) изјава дека заштитата е повлечена во една или повеќе договорни страни назначени со име;
(v) копија на оригинален јазик на одредбите, решенијата или регистрациите како во ставот (2) (а) (vi).
Правило 6
Неуредна пријава
(1) [Испитување на пријавата и корекција на недостатоците]
(а) во врска со ставот (2) доколку Меѓународното биро утврди дека меѓународната пријава не ги задоволува условите предвидени во правилото 3 став (1) или од правилото 5 ставови (1) и (2) ќе ја одложи регистрацијата и ќе го покани надлежниот орган да ги отстрани недостатоците кои се најдени во неа во период од три месеци од денот на тоа повикување.
(б) Доколку надлежниот орган не ги отстрани најдените недостатоци во рок од два месеца од денот на повикувањето од потставот (а), Меѓународното биро ќе го потсети органот за повикувањето. Испраќањето на таквото потсетување нема да има влијание врз периодот од три месеци на кој се однесува потставот (а).
(в) Ако корекциите на недостатоците не се примени од страна на Mеѓународното биро во рок од три месеци предвиден во потставот (а) меѓународната пријава ќе биде отфрлена од Меѓународното биро кое ќе го информира надлежниот орган од земјата на потекло.
(г) Доколку во согласност со потставот (в) меѓународната пријава е отфрлена, Меѓународното биро ќе ги надомести платените такси за пријавата, со одбивање на сума соодветна на половината од регистрационата такса од правилото 23.
(2) [Меѓународната пријава не се смета за поднесена] Доколку меѓународната пријава не е доставена до Меѓународното биро преку надлежниот орган на земјата на потекло нема да се смета за поднесена пријава и Меѓународното биро ќе ја врати до испраќачот.
Глава 3
Меѓународна регистрација
Правило 7
Впишување на ознаката на потекло во меѓународниот регистар.
(1) [Регистрација, сертификат, известување] Доколку Меѓународното биро утврди дека меѓународната пријава ги задоволува условите предвидени во правилото 3 ставови (1) и (5) тоа ќе ја впише ознаката на потекло во меѓународниот регистар, ќе испрати сертификат за меѓународна регистрација до органот кој ја побарал регистрацијата и за меѓународната регистрација ќе го извести надлежниот орган од договорните земји за кои заштитата не била откажана.
(2) [Содржина на регистрацијата] Во меѓународната регистрација треба да бидат содржани или назначени:
(i) сите поединости дадени во меѓународната пријава;
(ii) јазикот на кој Меѓународното биро ја примило меѓународната пријава;
(iii) бројот на меѓународната регистрација;
(iv) датумот на меѓународната регистрација.
Правило 8
Датум на меѓународната регистрација
и нејзините ефекти
(1) [Недостатоци во врска со датумот на меѓународната регистрација] Доколку меѓународната пријава не ги содржи следните поединости:
(i) земјата на потекло,
(ii) носителите на правото на користење на ознаката на потекло;
(iii) ознаката на потекло за која се бара регистрација;
(iv) производот на кој ќе се применува ознаката,
(v) меѓународната регистрација ќе го носи датумот на кој Mеѓународното биро е информиранo за отстранување на последниот недостаток во пријавата.
(2) [Датум на меѓународна регистрација во сите други случаи] Во сите други случаи, меѓународната регистрација ќе го носи датумот на кој меѓународната пријава била примена во Меѓународното биро.
(3) [Датум откога Мегународната регистрација има ефект]
(а) Ознаката на потекло која е предмет на меѓународната регистрација во секоја договорна страна која не се изјаснила во согласност со членот 5 став (3) дека таа не може да обезбеди заштита на ознаката, или испратила изјава до Меѓународното биро за признавање на заштитата согласно правилото 11-бис, ќе биде заштитена од денот на меѓународната регистрација или доколку договорната страна направила изјава во согласност со потставот (б), од датумот наведен во таа изјава.
(б) Договорната страна може со изјава да го извести генералниот директор дека во согласност со законот на таа земја, ознаката на потекло, која е предмет на меѓународната регистрација, е заштитена од датумот кој е наведен во изјавата, кој датум нема да биде подоцнежен од датумот на истекувањето на периодот од една година на кој се однесува членот 5 став (3) од Договорот.
Глава 4
Изјава за одбивање на заштитата
Правило 9
Изјава за одбивање
(1) [Известување до Меѓународното биро] Надлежниот орган на договорната страна со изјава за одбивање ќе го извести Меѓународното биро за издаденото одбивање кое ќе биде потпишано од тој орган.
(2) [Содржината на изјавата за одбивање] Изјавата за одбивање ќе се однесува на една меѓународна регистрација и ќе содржи или ќе има назначено:
(i) број на меѓународната регистрација на која се однесува, дополнет со понатамошни информации кои го овозможуваат идентификувањето на меѓународната регистрација, како што е името на ознаката на потеклото;
(ii) основот за одбивањето;
(iii) доколку одбивањето се врши брз основа на постоењето на претходни права, суштинските поединости од претходните права и посебно, доколку е составена од пријава или регистрација на национална, регионална или меѓународна трговска марка, датумот и бројот на поднесување, приоритетниот датум (доколку одговара), датумот и бројот на регистрацијата (ако е достапен), името и адресата на носителот, изгледот на трговската марка, заедно со списокот на производи и услуги содржан во пријавата или регистрацијата на трговската марка, при што списокот може да се достави на јазикот на односната пријава или регистрација;
(iv) доколку одбивањето се однесува само на некои елементи од ознаката на потекло, елементите на кои одбивањето се однесува;
(v) судските или административни лекови кои можат да се користат против одбивањето заедно во применливите рокови.
(3) [Впишување во меѓународен регистар и известување на надлежниот орган на земјата на потекло] Согласно правилото 10 став (1) Меѓународното биро ќе го впише во Меѓународниот регистар секое одбивање, заедно со датумот на кој изјавата за одбивање била испратена до Меѓународното биро и ќе достави копија од изјавата до надлежниот орган на земјата на потекло.
Правило 10
Неуредна изјава за одбивање
(1) [Изјавата за одбивање нема да се смета за уредна]
(а) Меѓународното биро нема да ја смета изјавата за одбивање за уредна:
(i) доколку не е назначен бројот на односната меѓународна регистрација, освен ако во изјавата се дадени други информации што овозможуваат недвосмислено идентификување на регистрацијата;
(ii) доколку не e назначен основот за одбивање;
(iii) доколку е испратено до Меѓународното биро по истекот на рокот од една година согласно членот 5 став (3) од Договорот;
(iv) доколку не е доставено до Меѓународното биро од надлежниот орган.
(б) Доколку потставот (а) се примени, Меѓународното биро освен ако е невозможно да се идентификува односната меѓународна регистрација ќе достави копија од изјавата за одбивање до надлежниот орган на земјата на потекло и ќе го информира органот дека доставувањето на изјавата за одбивање е задоцнета, Меѓународното биро нема да ја смета за уредна и одбивањето нема да се впише во Меѓународниот регистар, за што ќе бидат наведени причините.
(2) [Неуредна изјава] Доколку изјавата за одбивање е неуредна по други основи од тие на кои се однесува точка (1), Меѓународното биро ќе го впише одбивањето во Меѓународниот регистар и ќе достави копија од изјавата за одбивање до надлежниот орган на земјата на потекло.
Правило 11
Повлекување на изјавата за одбивање
(1) [Известување до Меѓународното биро] Секоја изјава за одбивање може да се повлече делумно или целосно, во секое време од органот што ја доставил. Повлекувањето на изјавата за одбивање ќе биде доставена до Меѓународното биро од надлежниот орган и ќе биде потпишана од тој орган.
(2) [Содржина на известувањето] Известувањето за повлекување на изјавата за одбивање треба да содржи:
(i) број на меѓународната регистрација која што се поднесува, заедно со други информации кои што овозможуваат идентификување на меѓународната регистрација, како што е името на ознаката на потеклото;
(ii) датум на кој изјавата за одбивање била повлечена.
(3) [Впишување во Меѓународниот регистар и известување на надлежниот орган на земјата на потекло] Меѓународното биро ќе го впише во меѓународниот регистар секое повлекување на кое се однесува став (1) и ќе достави копија од известувањето за повлекување до надлежниот орган на земјата на потекло.
Правило 11bis
Факултативна изјава за признавање на заштита
(1) [Изјава за признавање на заштита кога не е доставено одбивање]
(а) Надлежното тело на договорната страна кое не доставило изјава за одбивање до Меѓународното биро, може во рокот од една година од членот 5 став (3) од Договорот, да испрати до Меѓународното биро изјава дека е признаена заштита на ознаката на потекло која е предмет на меѓународната регистрација во односната договорна страна.
(б) Во изјавата ќе биде назначен:
(i) надлежниот орган на договорната страна која ја дала изјавата,
(ii) бројот на соодветната меѓународна регистрација, по можност придружена со други информации кои ќе овозможат да се потврди идентитетот на меѓународната регистрација, како на пример името на ознаката на потекло, и
(iii) датумот на изјавата.
(2) [Изјава за признавање на заштита по одбивањето]
(а) Надлежниот орган на договорната страна која доставила изјава за одбивање до Меѓународното биро може, наместо изјава за повлекување на одбивањето согласно правилото 11 став (1), да испрати до Меѓународното биро изјава за признавање на заштита на ознаката на потекло која е предмет на меѓународната регистрација во односната договорна страна.
(б) Во изјавата ќе биде назначен:
(i) надлежниот орган на договорната страна која ја дала изјавата,
(ii) бројот на соодветната меѓународна регистрација, по можност придружена со други информации кои ќе овозможат да се потврди идентитетот на меѓународната регистрација, како на пример името на ознаката на потекло, и
(iii) датумот на кој заштитата е признаена.
(3) [Впишување во Меѓународниот регистар и известување до надлежниот орган во земјата на потекло] Меѓународното биро ќе ја впише во Меѓународниот регистар секоја изјава од ставовите (1) и (2) и ќе го извести за таквата изјава надлежниот орган на земјата на потекло.
Глава 5
Други впишувања во врска со меѓународниот регистар
Правило 12
Период даден на трети страни
(1) [Известување до Меѓународното биро] Доколку надлежниот орган на договорната страна го информира Меѓународното биро дека периодот кој бил даден на трета страна од таа земја да престане со користење на ознаката на потекло во таа земја, согласно членот 5 ставот (6) од Договорот, известувањето ќе биде потпишано од органот и ќе содржи:
(i) број на меѓународна регистрација која што се поднесува заедно со други информации обезбедувајќи идентификација на меѓународната регистрација, како што е името на ознаката на потекло;
(ii) идентитетот на трети страни на кои се однесува;
(iii) рокот признат на трети страни;
(iv) датумот од кога почнува да тече рокот, при што се претпоставува дека тој датум не може да биде подоцнежен од датумот на кој истекува тримесечниот период на кој се однесува членот 5 ставот (6) од Договорот.
(2) [Впишување во меѓународниот регистар и известување до надлежниот орган на земјата на потекло] Согласно известувањето од ставот (1) кое било испратено од надлежниот орган до Меѓународното биро во трите месеци од истекот на периодот од една година, како што е предвидено во членот 5 став (3) од Договорот, Меѓународното биро ќе го впише таквото известување во меѓународниот регистар заедно со дадените поединостите и ќе достави копија од известувањето до надлежниот орган на земјата на потекло.
Правило 13
Промени
(1) [Дозволени промени] Надлежниот орган на земјата на потекло може да побара од Меѓународното биро да ги впише во меѓународниот регистар:
(i) промените кај носителот на правото на користење на ознаката на потекло;
(ii) промените во имињата или адресите на носителите на правото на користење на ознаката на потекло;
(iii) промените во границите на подрачјето на производство на производот на кој ќе се применува ознаката на потеклото;
(iv) промените во врска со законските или административните одредби, судските решенија или регистрациите на кои се однесува правилото 5 став (2)(а)(vi) ;
(v) промените кои се однесуваат на земјата на потекло и кои што не влијаат на подрачјето на производството на производот на кој ќе се применува ознаката на потекло.
(2) [Постапка] Барањето за впишување на промените на кои се однесува ставот (1) надлежниот орган ќе го достави до Меѓународното биро и истото треба да е потпишано од органот и треба да е пропратено со такси чиј износ е определен во правило 23.
(3) [Впишување во меѓународниот регистар и известување до надлежниот орган] Меѓународното биро ќе ја впише во меѓународниот регистар бараната промена во согласност со став (1) и (2) и ќе ја достави до надлежните органи на другите договорни страни.
Правило 14
Одрекување од заштита
(1) [Известување до Меѓународното биро] Надлежниот орган на земјата на потекло може во секое време да го извести Меѓународното биро дека таа се одрекува од заштитата во една или повеќе договорни страни, назначувајќи ги по име. Известувањето за одрекување од заштита ќе биде потпишано од надлежниот орган и ќе го содржи бројот на меѓународната регистрација на која што се однесува, заедно со информации кои го овозможуваат идентификувањето на меѓународната регистрација како што е името на ознаката на потекло.
(2) [Впишување во меѓународниот регистар и известување до надлежните органи] Меѓународното биро ќе го впише во меѓународниот регистар одрекувањето од заштитата согласно ставот (1) и ќе го извести за тоа надлежниот орган на секоја договорна страна во однос на која се однесува одрекувањето.
Правило 15
Поништување на меѓународна регистрација
(1) [Барање за поништување] Надлежниот орган на земјата на потекло може во секое време да побара од Меѓународното биро да ја поништи регистрацијата која тој ја барал. Барањето за поништување треба да биде потпишано од надлежниот орган на земјата на потекло и треба да го содржи бројот на меѓународната регистрација на која што се однесува, по можност заедно со други информации кои го овозможуваат идентификувањето на меѓународната регистрација, како што е името на ознаката на потекло.
(2) [Впишување во меѓународниот регистар и известување на надлежниот орган] Меѓународното биро ќе го впише поништувањето во меѓународниот регистар и заедно со објаснувањата дадени во барањето за тоа поништување ќе ги извести надлежните органи на другите договорни страни.
Правило 16
Ништовност
(1) [Известување за ништовност до Меѓународното биро] Доколку меѓународната регистрација е огласена за ништовна во договорната страна и ништовноста не е веќе предмет на жалба, огласувањето за ништовност ќе биде доставено до Меѓународното биро од надлежниот орган на договорната страна. Известувањето треба да содржи:
(i) број на меѓународната регистрација која што се поднесува по можност заедно со други информации кои го овозможуваат идентитификувањето на мегународната регистрација како што е името на ознаката на потекло;
(ii) органот кој се изјаснил за ништовност;
(iii) датумот на кој била изјавена ништовноста;
(iv) доколку ништовноста се однесувала само за определени елементи на ознаката, тие елементи;
(v) копија од решението кое ја огласува за ништовна меѓународната регистрацијата;
(2) [Впишување во меѓународниот регистар и известување на надлежниот орган] Меѓународното биро ќе го впише огласувањето за ништовно во меѓународниот регистар заедно со објаснувањата на кои се однесуваат (i) до (iv) од ставот (1), кои што се дадени во известувањето за огласувањето за ништовно и ќе достави копија од известувањето до надлежниот орган во земјата на потекло.
Правило 17
Корекции направени во меѓународниот регистар
(1) [Постапка] Доколку Меѓународното биро, ex officio или на барање на надлежниот орган на земјата на потекло утврди дека меѓународниот регистар содржи грешка во однос на меѓународната регистрација, ќе ја направи потребната исправка во Регистарот.
(2) [Известување до надлежниот орган за корекциите] Меѓународното биро за корекциите ќе ги извести надлежните органи на секоја договорна страна.
(3) [Пријава од правило 9 до 11 bis] Доколку корекциите на грешката се однесуваат на ознаката на потекло или производот на кој ознаката на потекло се применува, надлежниот орган на договорната страна има право да изјави дека не може да обезбеди заштита на меѓународната регистрација како што е корегирана. Изјавата треба да е упатена од надлежниот орган до Меѓународното биро во период од една година од датумот на известувањето за корекцијата од Меѓународното биро. Правилата од 9 до 11 bis ќе се применуваат mutatis mutandis.
Глава 6
Различни одредби и такси
Правило 18
Објавување
Меѓународното биро ќе ги објавува во Билтенот сите впишувања направени во меѓународниот регистар
Правило 19
Изводи од Меѓународниот регистар и други информации предвидени од Меѓународното биро
(1) [Информации за содржината на меѓународните регистри] Изводи од меѓународниот регистар или било кои други информации во врска со содржината на Регистарот ќе бидат обезбедени од Меѓународното биро до кое било лице кое тоа го побарало, со претходна уплата на сума која е предвидена во правилото 23.
(2) [Комуникација на одредбите, решенијата или регистрациите согласно кои е заштитена ознаката на потекло]
(а) Секое лице може да побара од Меѓународното биро копија на оригинален јазик на одредбата, решението или регистрацијата на која се однесува правилото 5 став (2)(а)(vi) со уплата на сума која е предвидена во правилото 23.
(б) Доколку тие документи веќе биле доставени до Меѓународното биро, копија од писмото веднаш ќе биде испратено до лицето кое го поднело барањето.
(в) Доколку документите не биле доставени до Меѓународното биро ќе се побара нивна копија од надлежниот орган на земјата на потекло и ќе се достават на прием до лицето кое го поднело барањето.
Правило 20
Потпис
Доколку е побаран потписот на органот согласно овој правилник таквиот потпис може да биде испечатен или пренесен со факсимил или службен печат.
Правило 21
Датум на испраќање на различни комуникации
Доколку изјавата која се oднесува на правилото 9 став (1) и правилото 17 став (3) или доколку изјавата која се однесува на правилото 12 став (1) се доставени преку пошта, датумот на испраќањето ќе биде определен со печатот на поштата. Ако печатот на поштата е нечитлив или недостасува, Меѓународното биро ќе ја смета односната комуникација како да е испратена дваесет дена пред денот на кој е таа примена. Доколку таквата изјава или известување се испратени преку сервис за доставување датумот на испраќањето ќе се определи преку информацијата обезбедена од таквиот сервис за доставување врз основа на деталите запишани од поштата.
Правило 22
Начини на известување од Меѓународното биро
(1) [Известување за меѓународната регистрација] Известувањето од Меѓународното биро за меѓународната регистрација на која се однесува правилото 7 став (1) ќе биде упатено до надлежниот орган на секоја договорна страна преку препорачана пошта со потврдување на приемот или преку било кои други начини кои обезбедуваат Меѓународното биро да утврди датум на кој известувањето било примено.
(2) [Други известувања] Кои било други известувања од Меѓународното биро согласно овој правилник ќе бидат упатени до надлежните органи преку препорачана пошта или преку било кој друг начин кој овозможува Меѓународното биро да утврди дека известувањето било примено.
Правило 23
Такси
Меѓународното биро ќе ги наплатува следните такси во швајцарски франци:
Износ
(швајцарски франци)
(i) такса за регистрација за ознака нa потекло……………………500
(ii) такса за впишување промени во регистарот ………………….200
(iii) такси за обезбедување извод од меѓународниот регистар…… 90
(iv) такси за обезбедување потврди или други писмени информации во врска со содржината на меѓународниот регистар ….80
Правило 23-бис
Административни упатства
(1) [Востановување на Административни упатства; Прашања што се регулирани со нив]
(а) Генералниот директор ќе востанови Административни упатства. Генералниот директор може да ги модифицира тие упатства. Пред востановувањето, осносно модифицирањето на Административните упатства, генералниот директор ќе ги консултира надлежните органи на договорните страни кои имаат директен интерес во врска со предложените Административни упатства, односно со предложените модификации на тие упатства.
(б) Административните упатства ќе се однесуваат на прашањата изрично опфатени со овој правилник и со деталите во врска со примената на овој правилник.
(2) [Контрола од Собранието] Собранието може да го повика генералниот директор да модифицира која било одредба од Административните упатства и генералниот директор ќе постапи согласно повикот.
(3) [Објавување и датум на влегување во сила]
(a) Административните упатства и било која модификација на тие упатства ќе биде објавена во Билтенот.
(б) Во секоја објава ќе се специфицираат датумите на кои објавените одредби ќе влезат во сила. Датумите може да бидат различни за различни одредби, со тоа што ниту една одредба не може да биде важечка пред нејзиното објавување во Билтенот.
(4) [Судир со Договорот или со овој правилник] Во случај на судир помеѓу било која одредба од Административните упатства од една страна и било која одредба од Договорот или од овој правилник од друга страна, меродавни ќе бидат одредбите од Договорот, односно од овој правилник.
Правило 24
Влегување во сила
Овој правилник влегува во сила на 01.04.2002, и од тој датум го заменува претходниот Правилник.