ЗАКОН ЗА ИНДУСТРИСКА СОБСТВЕНОСТ

ПРВ ДЕЛ

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Содржина на законот

Член 1

Со овој закон се уредува стекнувањето, остварувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост.

Права од индустриска сопственост

Член 2

(1) Права од индустриска сопственост се: патент, индустриски дизајн, трговска марка, ознака на потеклото и географска ознака.

(2) Со патент се штити пронајдок.

(3) Со индустриски дизајн се штити нова форма на тело, слика, цртеж, контура, композиција на бои или нивна комбинација-дизајн.

(4) Со трговска марка се штити трговски знак.

(5)Со ознака на потеклото и географска ознака се штити географскиот назив.

Дефиниции

Член 3

Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следното значење:

-“права од индустрика сопственост” се права од интелектуални творби и економски врски од областа на индустријата и трговијата, вклучително и земјоделството, во смисла на членот 2 став (1) од овој закон;

– “патент” е право од индустриска сопственост со кое се штити пронајдок во постапка согласно овој закон;

– “индустриски дизајн” е право од индустриска сопственост стекнато во постапка согласно овој закон со кое се штити дизајнот;

– “трговска марка” (стоковна, услужна, колективна и сертификатна марка) е право од индустриска сопственост стекнато со постапка согласно овој закон со кое се штити трговскиот знак;

– “географска ознака” е право од индустриска сопственост стекнато согласно овој закон со кое се штити географски назив;

– “ознака на потекло” е право од индустриска сопственост стекнато согласно овој закон со кое се штити географски назив;

– “пронајдок” е решение на технички проблем што се однесува на производ, постапка или материја сама по себе, која е резултат на одредена постапка;

– “дизајн” е надворешен изглед на производот во целост или на негов дел кој е определен од неговите обележја особено линиите, контурите, боите, обликот, текстурата и материјалите од кои производот е сочинет или украсен како и/или негова орнаментација;

– “трговски знак” е знак кој може графички да се прикаже и ги исполнува условите од членот 175 на овој закон;

– “географски назив” е назив и/или обележје на земјата, регионот или местото со кои се означува дека производот потекнува од тоа подрачје;

– “заштитено, регистрирано или признаено право од индустриска сопственост” употребени во овој закон имаат исто значење;

– “биолошки материјал” е материјал кој содржи генетски информации и кој може да се размножува сам или да биде размножуван во биолошки систем;

– “чисто биолошка постапка” е постапка која се состои од природен феномен како што е вкрстување или селекција;

– “медицински производ” е која било супстанција или комбинација на супстанции во фармацевтска дозажна форма наменета за лекување, дијагностицирање или спречување на болести, односно за спречување, коригирање или модифицирање на физиолошките функции кај луѓето или животните;

– “производ” е фармаколошка активна состојка или комбинација од активни состојки на медицинскиот производ;

– “основен патент” е патент доделен за кој било производ, вклучително и постапката за производство на производот или неговата употреба, кој е назначен во постапката за издавање на сертификат;

– “сертификат” е сертификат за дополнителна заштита на медицински производи или сертификат за дополнителна заштита на производите за заштита на растенијата;

– “производи за заштита на растенија” се активни супстанции и препарати што содржат една или повеќе активни супстанции во форма во која му се доставуваат на корисникот, наменети за:

– заштитување на растенија или растителни производи од сите штетни организми или за спречување на дејството на таквите организми, доколку таквите супстанции или препарати поинаку не се дефинирани подолу,

– влијание врз животниот процес на растенијата, а притоа немаат својство на хранлива состојка (на пример, регулатори на растот на растенијата)

– зачувување на растителните производи

– уништување на непожелни растенија или

– уништување делови од растенија, ограничување или спречување непожелно растење на растенијата;

– “супстанции” се хемиски елементи и нивни соединенија, кои можат да се јават во природна или преработена форма, вклучително секаква примеса што неизбежно е резултат на производствениот процес;

– “активни супстанции” се супстанции или микроорганизми, вклучително и вируси кои имаат општо или посебно дејство против штетни организми или врз растенијата, делови од растенијата или растителни производи;

– “препарати” се смеси или раствори составени од две или повеќе супстанции, од кои најмалку едната е активна супстанција, наменети за употреба како производ за заштита на растенијата;

– “растенија” се живи растенија или живи делови од растенија, вклучително и свежо овошје и семиња;

– “растителни производи” се производи на растенија во непреработена состојба или кои претрпеле едноставна подготовка: мелење, сушење или пресување, но со исклучок на самите растенија;

– “штетни организми” се штетници на растенијата или растителни производи кои припаѓаат на царството на животните или растенијата, а исто така и вируси, бактерии и микроплазми и други патогени агенси;

– Париска конвенција за заштита на индустриската сопственост донесена во 1883 година, изменета и дополнета (во натамошниот текст: “Париска конвенција”);

– Договор за соработка во областа на патентите е Договорот од 19 јуни 1970 година, изменет и дополнет (во натамошниот текст: ДСП);

– Мадридски договор за меѓународно регистрирање на трговските марки од 14 април 1891 година, изменет и дополнет (во натамошниот текст: Мадридски договор);

-“меѓународна класификација на производи и услуги” е класификацијата според Договорот од Ница за меѓународна класификација на производите и услугите заради регистрирање на трговските марки од 15 јуни 1957 година, изменет и дополнет;

– “Локарнска класификација” е класификација според Локарнскиот договор за меѓународна класификација на индустриски дизајн од 8 октомври 1968 година, изменет и дополнет;

– “Париска унија” е унија заснована на Париската конвенција;

– “Хашки договор за меѓународно пријавување на индустриски дизајн”, хашки документ од 28 ноември 1960 година, изменет и дополнет (во натамошниот текст: Хашки договор);

– Договор за соработка на полето на патентите меѓу Владата на Република Македонија и Европската патентна организација и Одредбите кои важат при проширувањето на европските патенти од 24 јуни 1997 година ( во натамошниот текст Договор за проширување);

– Европска патентна конвенција од 05.10.1973 година, ревидирана на17.10.1991 и 29.12.2000 година, усвоена од Административниот совет на Европската патентна организација на 28.6.2001 година (во натамошниот текст: ЕПК);

– Европски патентен Завод задолжен за спроведување на постапката за признавање на европските патенти во согласност со ЕПК. (во натамошниот текст: ЕПЗ)

– Патентните пријави поднесени пред ЕПЗ на кои им е утврден датум на поднесување во ЕПЗ (во натамошниот текст: европски пријави);

– Патентите кои ги признал ЕПЗ врз основа на ЕПК (во натамошниот текст: европски патенти);

– Протокол на Мадридскиот договор за меѓународна регистрација на трговските марки од 27 јуни 1989 година (во натамошниот текст: Мадридски протокол);

– Светска трговска организација, меѓународна организација формирана со Маракешката спогодба (во натамошниот текст: СТО);

– Договор за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост на СТО (во понатамошниот текст: ТРИПС); и

– Конвенција за меѓународни изложби потпишана во Париз на 22 ноември 1928 година, последен пат ревидирана на 31 мај 1988 година (во натамошниот текст: Конвенција за меѓународни изложби).

Начело на законитост

Член 4

Правата признаени врз основа на овој закон не можат да се користат спротивно на Уставот, законите и на добрите деловни обичаи.

Субјекти на правата од индустриска сопственост

Член 5

(1) Субјекти на правата од индустриска сопственост се домашни и странски правни и физички лица.

(2) Странските правни и физички лица, во согласност со овој закон, во поглед на заштитата на правата од индустриска сопственост во Република Македонија ги уживаат истите права како и домашните правни и физички лица, ако тоа произлегува од меѓународните договори и конвенции или од применување на начелото на реципроцитет.

(3) Постоењето на реципроцитет од став (2) на овој член го докажува лицето кое што се повикува на него.

Права на субјектите на правата од индустриска сопственост

Член 6

(1) Пронајдувачот на патентот и авторот на индустрискиот дизајн имаат морални и исклучиви права на своите творби утврдени со закон.

(2) Субјектите од ставот (1) на овој член, како и носителот на патент, индустриски дизајн, трговска марка, овластениот корисник на ознака на потеклото и овластениот корисник на географска ознака, имаат и други права утврдени со меѓународни договори и конвенции, друг закон, општи акти и договор.

Морално право

Член 7

(1) Морално право на пронајдувачот и авторот е да бидат назначени во пријавата и исправите, што се однесуваат на патентот и индустрискиот дизајн.

(2) Ако пронајдокот или дизајнот е резултат на творечкиот труд на повеќе лица, тие го уживаат правото од ставот (1) на овој член.

Исклучиви права

Член 8

(1) Исклучивото право на носителот на патентот, индустрискиот дизајн и трговската марка го опфаќа правото на користење, на располагање, правото на надоместок и правото да забрани на трети лица неовластено користење во случаите и на начин што се предвидени, со меѓународни договори и конвенции, со овој закон, со друг закон и со договор.

(2) Носителите на колективната трговска марка и овластените корисници на ознака на потеклото и географска ознака ги уживаат правата од ставот (1) на овој член освен правото на располагање.

Надлежна институција

Член 9

(1) Работите во врска со стекнувањето и заштитата на правата од индустриска сопственост ги извршува Државниот завод за индустриска сопственост (во понатамошниот текст: Завод).

(2) Заводот е управна организација со статус на самостоен орган на државна управа со надлежности утврдени со овој и друг закон.

(3) Заводот има својство на правно лице.

(4) Седиштето на Заводот е во Скопје.

Раководење

Член 10

(1) Со Заводот раководи директор.

(2) Директорот има заменик.

(3) Директорот на Заводот и заменикот ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

(4) Директорот го застапува и претставува Заводот.

Надлежности

Член 11

Заводот ги извршува следниве задачи:

-врши прием на пријави за заштита на правата од индустриска сопственост;

-спроведува управна постапка за стекнување на правата од индустриска сопственост;

-води регистри на стекнати права и други регистри утврдени со овој закон;

-објавува службено гласило во кое се содржат податоци за пријавени и признаени права од индустриска сопственост;

-спроведува испит за застапници во областа на индустриската сопственост за заштита на правата од индустриската сопственост;

– подготвува предлози за донесување на законски и други акти од областа на индустриската сопственост;

– ја промовира заштитата на индустриската сопственост;

-ја претставува Република Македонија и ги застапува нејзините интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за индустриска сопственост;

– поведува иницијативи за ратификување на меѓународни договори и се грижи за извршување на обврските од областа на индустриската сопственост кои произлегуваат од ратификуваните меѓународни договори кои ги склучила Република Македонија;

– подготвува и издава упатства, прирачници и коментари од областа на индустриската сопственост;

-соработува со други субјекти вклучени во системот за заштита на правата на индустриска сопственост во земјата и странство и

– врши други работи утврдени со закон.

Финансирање

Член 12

(1) Средствата за работа на Заводот се обезбедуваат од сопствени приходи, а доколку се потребни дополнително средства и од буџетот на Република Македонија .

Приходи

Член 13

Сопствените приходи Заводот ги остварува за работите кои ги врши според Мадридскиот договор, Мадридскиот протокол и Хашкиот договор, Договорот за проширување, како и од наплата на трошоците на постапката и од надоместоците за давање информативни услуги.

Односи на Заводот со другите органи и корисници

Член 14

Заводот во остварувањето на својата дејност соработува со другите државни органи, правни и физички лица и здруженија на граѓани од областа на индустриската сопственост и разменува информации со други заводи од странство, освен ако за определен вид размена на информации со закон поинаку не е определено.

Извештај

Член 15

Заводот поднесува најмалку еднаш годишно извештај за својата работа до Владата на Република Македонија.

Регистри и објавување податоци од регистрите на Заводот

Член 16

(1) Заводот води регистри на пријавени и признаени права од индустриска сопственост и регистар на застапници во областа на индустриската сопственост.

(2) Во регистрите се впишуваат и подоцнежните промени кои се однесуваат на подносителот на пријавата, носителот на правото и на самото право.

(3) Регистрите од ставот (1) на овој член се јавни.

(4) Регистрите на Заводот се водат во електронска форма.

(5) Податоците за поднесените пријави и признаените права од индустриска сопственост се објавуваат во службеното гласило во согласност со одредбите на овој закон.

(6)Службеното гласило се издава во електронска форма и се објавува на веб-страницата на Заводот.

Видови пријави за заштита на правата од индустриска сопственост

Член 17

(1) Заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија се бара со поднесување соодветна пријава во Заводот.

(2) Заводот прима и пријави со кои се бара заштита на правата од индустриска сопственост во странство, ако тоа е во согласност со меѓународни договори и конвенции кои ги ратификувала Република Македонија.

(3) Заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија може да се бара и со пријава поднесена во странство ако таа е во согласност со меѓународни договори и конвенции кои ги ратификувала Република Македонија.

(4) Подносителот на пријавата од ставот (3) на овој член ги има истите права како и подносителот на национална пријава, освен ако со одделен договор или конвенција не е поинаку определено.

Начин на поднесување на пријава

Член 18

(1) Пријавата за стекнување права од индустриска сопственост се поднесува во писмена форма, лично, по пошта или по електронски пат.

(2) Пријавата од ставот (1) на овој член се поднесува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

(3) Пријавата за стекнување право од индустриска сопственост може да се поднесе и на странски јазик доколку содржи назначување на видот на заштитата која се бара и податоци за контакт со подносителот на македонски јазик.

(4) Ако пријавата е поднесена на странски јазик подносителот мора, во рок од 90 дена од денот на поднесување на пријавата на странски јазик, да достави превод на пријавата на македонски јазик, во спротивно ќе се смета дека пријавата е повлечена и се донесува заклучок за запирање на постапката.

Управна постапка

Член 19

(1) Во управната постапка за стекнување, остварување, одржување и заштитата на правата од индустриска сопственост одлучува Заводот со решение.

(2) Во управната постапка Заводот постапува во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

(3) За сė што не е предвидено со овој закон се применува Законот за општа управна постапка.

Тужба против одлуките на Заводот

Член 20

(1) Решенијата на Заводот од членот 19 став 1 на овој закон се конечни.

(2) Против решенијата на Заводот, странката има право да поведе управен спор.

(3) Управен спор се поведува со тужба до Управниот суд на Република Македонија.

(4) Тужбата се поднесува во рок од 30 дена од денот на доставувањето на решението до странката.

Постапување во согласност со меѓународните договори

Член 21

Постапката која се однесува на пријавите од членот 17 ставови (2) и (3) на овој закон, Заводот ќе ја спроведува во согласност со одредбите од овој закон и меѓународните договори кои ги ратификувала Република Македонија.

Остварување на правата преку полномошник

Член 22

(1) Во постапката пред Заводот, странските правни и физички лица ги остваруваат правата од овој закон преку полномошник кој е регистриран за застапување пред Заводот согласно одредбите од овој закон.

(2) Одредбата од ставот (1) на овој член не се применува во случаите од членовите 48 и 86 од овој закон.

Достапност на документацијата и информациите на Заводот

Член 23

(1) Заводот е должен на заинтересираните правни и физички лица да им овозможи достапност до својата документација и информациите за пријавените и признаените права од индустриска сопственост, со исклучок на онаа документација која не е објавена во службеното гласило на Заводот.

(2) За пријавените права од индустриска сопственост достапни се само информациите содржани во регистарот на пријави.

(3) Увид во необјавена пријава може да се има само со дозвола на подносителот на пријавата.

(4) Содржината и видот на информациите кои се однесуваат на пронајдоците за микробиолошки и биолошки материјал се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот во согласност со меѓународни договори кои ги ратификувала Република Македонија.

(5) За писмен документ од документацијата и информациите од ставот (1) на овој член, како и другите услуги што се во врска со заштитата на индустриската сопственост, се плаќаат трошоци согласно Тарифата на Државниот завод за индустриска сопственост.

Такси и трошоци

Член 24

(1) За стекнување и одржување на правата од индустриска сопственост се плаќаат такси во согласност со Законот за административни такси како и посебни трошоци на постапката за признавање на правото.

(2) Висината на посебните трошоци на постапката од став (1) на овој член и на трошоците за давање информативни услуги од член 23 став (5) на овој закон, ја донесува директорот на Заводот со тарифа за која Владата на Република Македонија дава согласност.

(3) Ако таксите за одржување на правата од овој закон не се платат во роковите определени со овој закон, истите може да се платат во рок од три месеци од денот на истекот на тие рокови, со наплата на редовната такса зголемена за 25%, а може да се плати и во продолжен рок до шест месеци од денот на истекот на дополнителниот рок од три месеци и тоа во двоен износ.

ВТОР ДЕЛ

ПАТЕНТ

Предмет на заштитата

Член 25

(1) Со патент се штити пронајдок во сите области на технологијата, ако е нов, ако содржи инвентивен придонес и ако може да се применува во индустријата.

(2) Доколку се исполнети условите од ставот (1) на овој член, со патент се штити и пронајдок кој се однесува на:

– производ што се состои или содржи биолошки материјал и

– постапка за добивање на биолошки материјал, негова обработка или употреба.

(3) Не се смета за пронајдок во смисла на ставовите (1) и (2) на овој член:

1) откритие, научна теорија и математичка метода;

2) естетска творба;

3) план, правило и постапка за вршење интелектуална дејност, за игри или за вршење на деловни или бизнис активности, како и компјутерска програма;

4) прикажување информации и

5) човечкото тело во различни фази од своето формирање и развој или едноставното откривање на еден од неговите елементи, вклучително секвенца или делумна секвенца на ген.

(4) Исклучок од ставот (3) на овој член е можен единствено ако пријавата на патент не се однесува на некој од тие предмети, сам по себе.

(5) Елемент изолиран од човечкото тело или произведен со помош на технички процес кој содржи секвенца или делумна секвенца на ген може да се заштити со патент и тогаш кога структурата на тој елемент е идентична со онаа на природниот елемент при што индустриската применливост мора да биде содржана во описот на пронајдокот содржан во пријавата.

Исклучоци од патентна заштита

Член 26

Со патент не може да се заштити пронајдок:

– кој се однесува на нови животински видови и растителни сорти и чисто биолошките постапки за добивање животни и растенија, освен за биотехнолошките пронајдоците чија техничка изводливост не е ограничена на определен вид или доколку се работи за микробиолошки процеси и за производи добиени од таквите процеси;

– за хируршка и дијагностичка постапка или постапка за третман на живо човечко или животинско тело, со исклучок на пронајдок кој се однесува на производ, особено материја или соединение, кои служат за примена на една од овие постапки и

– чија примена е спротивна на јавниот поредок или моралот, со тоа што примената на пронајдокот не може да се смета како таква единствено заради фактот што е забранета со закон, особено пронајдоците кои се однесуваат на: процесите за

клонирање и модифицирање на генетичкиот идентитет на линијата на наследство на човекот, користењето на човечките ембриони за индустриски и комерцијални цели, процесите за модификување на генетичкиот идентитет на животните кои веројатно ќе им предизвика страдање без суштинска медицинска корист за човекот или животното и, исто така, животни кои се резултат на тие процеси.

Новост на пронајдокот

Член 27

(1) Пронајдокот е нов ако не е опфатен со состојбата на техниката.

(2) Под состојба на техниката се подразбира сé што е достапно на светската јавноста, со опишување на пронајдокот по писмен или усмен пат, со употреба или на кој било друг начин пред датумот на поднесување на пријавата за патент, на начин кој на експерт од соодветната област му овозожува да го примени.

(3) Во состојбата на техниката од ставот (2) на овој член влегува и:

– содржината на националните пријави на патент, како што се поднесени во Заводот, освен оние патентни пријави кои се отфрлени, повлечени или за кои е запрена постапката на испитување;

– европските патенти за коишто е побарана заштита на територијата на Република Македонија, онака како што ги признал и објавил ЕПЗ, во согласност со ЕПК и Договорот за проширување и

– меѓународните пријави, поднесени според ДСП, доставени до Заводот како избрана институција.

(4) Одредбите од ставовите (2) и (3) на овој член нема да претставуваат исклучок од патентибилноста за која било материја или соединение опфатено со состојбата на техниката, ако истите треба да се употребат во метода или третман од членот 26 алинеја 2 на овој закон, доколку таквата употреба не е содржана во состојбата на техниката.

Откривање на пронајдокот без правни последици

Член 28

(1) При оценувањето дали пријавениот пронајдок е нов во смисла на членот 27 од овој закон, нема да влијае фактот дека пронајдокот станал достапен на јавноста пред истекот на шест месеци од датумот на поднесувањето на пријавата, на следниот начин:

– со очигледна злоупотреба спрема подносителот или неговиот правен претходник или

– со изложување на пронајдокот на официјална или официјално призната изложба во согласност со Конвенцијата за меѓународни изложби од подносителот или од неговиот правен претходник.

(2) Одредбата од ставот (1) алинеа 2 на овој член, се применува само доколку подносителот при поднесувањето на пријавата се повика на фактот дека пронајдокот бил изложуван и при тоа достави писмен доказ издаден од овластена институција на земјата во која бил изложен.

Инвентивен придонес

Член 29

(1) Пронајдокот содржи инвентивен придонес ако за стручњак од областа, предметот на пронајдокот очигледно не произлегува од состојбата на техниката содржана во членот 27 став (2) од овој закон.

Индустриска применливост

Член 30

Пронајдокот ќе се смета за индустриски применлив ако предметот на заштита може да се произведе или употреби во која било гранка на индустријата, вклучително и во земјоделството.

Субјекти на правото на патент

Член 31

(1) Постапка за признавање на правото на патент може да поведе пронајдувачот и неговиот правен следбеник.

(2) Ако пронајдокот е производ на заедничка работа на повеќе пронајдувачи тогаш правото за поведување на постапка за признавање на право на патент им припаѓа на сите пронајдувачи или на нивните правни следбеници.

Пронајдувач

Член 32

(1) Пронајдувач е физичко лице кое го создало пронајдокот со својот пронајдувачки труд.

(2) Не се смета за пронајдувач оној којшто во создавањето на пронајдокот давал само техничка помош.

Правен следбеник на пронајдувачот

Член 33

(1) Правниот следбеник на пронајдувачот е правно или физичко лице чие признавање на правото на патент се темели врз закон, правна работа, наследување и судска одлука.

(2) Работодавецот се смета за правен следбеник на пронајдувачот кога врз основа на закон или договор за работа му припаѓа правото на стекнување патент за пронајдок создаден во рамките на работниот однос на пронајдувачот.

Поведување на постапка

Член 34

(1) Постапката за признавање на патент се поведува со поднесување пријава на патент до Заводот.

(2) Постапка за признавање на патент може да се поведе и со поднесување пријави во согласност со ДСП, Договорот за проширување и ЕПК.

Единство на пронајдокот

Член 35

(1) За секој пронајдок се поднесува посебна пријава.

(2) Една пријава на патент може да содржи и повеќе пронајдоци кои се така меѓусебно поврзани што остваруваат единствена пронајдувачка замисла.

(3) Содржината на пријавата за пронајдоците кои го исполнуваат условот за едниство на пронајдокот се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Право на првенство

Член 36

(1) Од денот на приемот на уредна пријава на патент во Заводот, подносителот на пријавата на патент има право на првенство спрема секое друго лице кое за истиот пронајдок подоцна ќе поднесе пријава.

(2) Исклучок од ставот (1) на овој член е кога се исполнети условите за признавање на саемско и униско право на првенството, предвидени со членовите 37 и 38 од овој закон.

Саемско право на првенство

Член 37

(1) Лицето кое на официјално призната изложба или саем од меѓународен карактер во Република Македонија или во некоја земја членка на Париската унија или на СТО изложи пронајдок, може во рок од 90 дена од денот на затворањето на изложбата (саемот) со пријава да побара право на првенство од првиот ден на излагањето, односно од денот на употребата.

(2) Кон пријавата од ставот (1) на овој член мора да се поднесе писмена потврда од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО дека е во прашање официјално признаена изложба (саем) во смисла на Конвенцијата за меѓународни изложби, со назначување на податоците за видот на изложбата или саемот, местото на нејзиното одржување, денот на отворањето и денот на затворањето, односно за денот на употребата.

(3) Со признавање на правото на првенство од овој член, не се продолжуваат роковите од членот 38 на овој закон.

Униско право на првенство

Член 38

(1) На правно или физичко лице кое во некоја од земјите членки на Париската унија или на СТО поднело уредна пријава за патент, ќе му се признае право на првенство во Република Македонија од денот на поднесувањето на првата пријава, ако тоа го побара во рок од 12 месеци од датумот на поднесувањето на првата пријава.

(2) За уредна пријава од ставот (1) на овој член се смета пријавата чиј датум на поднесување е утврден во согласност со националното законодавство на земјата членка на Париската унија или на СТО во која е поднесена или во согласност со меѓународните договори склучени меѓу земјите членки на Париската унија, без оглед на подоцнежната правна судбина на пријавата.

Обврски на подносителот на пријавата патент со униско првенство

Член 39

Подносителот на пријавата на патент што е со намера да го користи правото на првенство од членот 38 од овој закон, должен е во пријавата поднесена во Република Македонија да ги наведе сите податоци за пријавата на која се повикува и во рок од 90 дена од денот на поднесување на пријавата да приложи документ за приоритетот, заверен од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО, во која е поднесена првата пријава.

Повеќекратно право на првенство

Член 40

(1) Подносителот на пријавата на патент може во барањето за признавање да се повика на повеќекратно право на првенство врз основа на повеќе претходно поднесени пријави во една или повеќе земји членки на Париската унија или на СТО.

(2) Ако подносителот се повика на повеќекратно право на првенство, роковите според овој закон течат од датумот на признаеното право на првенство, сметајки од најраниот датум на повеќекратното право на првенство.

Опфат на побараното право на првенство

Член 41

(1) Барањето за признавање на правото на првенство ги опфаќа само оние елементи од пријавата што се содржани во првата пријава или првите пријави, врз основа на кои подносителот на пријавата се повикува на правото на првенство.

(2) Ако во патентното барање, наведено во првата пријава, не се дадени некои од карактеристиките на пронајдокот за кој е побарано право на првенство, за признавање на правото на првенство доволно е сите други состојки од пријавата детално да ги откриваат тие карактеристики.

Уверение за право на првенство

Член 42

(1) Заводот, на барање на подносителот на пријавата, издава уверение за право на првенство кое се смета од датумот утврден како датум на поднесување на пријавата на патент.

(2) Содржината на барањето и на уверението за правото на првенство се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Содржина на пријавата на патент

Член 43

(1) Пријавата на патент мора да содржи:

1) барање за признавање на патентот;

2) опис на пронајдокот;

3) едно или повеќе патентни барања;

4) кратка содржина на суштината на пронајдокот (апстракт);

5) нацрт (ако е потребен) на кој се повикува описот и патентното барање;

6) доказ за платена такса за пријавување и

7) превод на македонски јазик доколку пријавата е поднесена на странски јазик.

(2) Кон пријавата од ставот (1) на овој член се доставуваат и други состојки и прилози.

(3) Содржината и формата на пријавата и другите состојки и прилози кон пријавата подетално се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Содржина на барањето за признавање на патент

Член 44

(1) Барањето за признавање на патент мора да содржи:

– јасна назнака дека се бара признавање на патент;

– назив на пронајдокот кој ја одразува суштината на пронајдокот и

– податоци за подносителот на пријавата и за пронајдувачот.

(2) Писмена изјава дека пронајдувачот не сака да биде наведен во пријавата мора да се поднесе во Заводот во рок од 60 дена од датумот на поднесување на пријавата.

Опис на пронајдокот

Член 45

Описот на пронајдокот треба да биде јасен и прецизен, така што стручњак од определена област ќе може да го примени.

Патентни барања

Член 46

(1) Со патентни барања се определува предметот за кој се бара заштита.

(2) Патентите барања треба да се јасни и во целост содржани во описот на пронајдокот.

(3) Патентните барања може да бидат независни и зависни.

(4) Независните патентни барања содржат нови, битни карактеристики на пронајдокот.

(5) Зависните патентни барања ги содржат специфичните карактеристики определени со независно или некое друго зависно патентно барање.

Апстракт

Член 47

(1) Апстрактот е кратка содржина на суштината на пронајдокот со исклучива намена да даде технички информации за пронајдокот.

(2) Апстрактот не може да се користи за потребите на определување на обемот на побараната заштита.

Датум на поднесување

Член 48

(1) Заводот ќе утврди датум на поднесување на пријавата на патент ако пријавата на тој датум содржи:

1) јасна назнака дека е побарано признавање на патент;

2) податоци за подносителот на пријавата, име односно назив и живеалиште, односно седиште; и

3) дел кој може да се смета како опис на пронајдокот.

(2) За потребите на утврдување на датумот на поднесување странските правни и физички лица можат да ја поднесат пријавата и да ги преземаат дејствијата во врска со утврдување на датумот на поднесување без застапник, доколку назначат адреса за коресподенција во Република Македонија.

(3) Одредбите од ставот (1) на овој член нема да се применуваат на пријавите за кои со меѓународен договор или со овој закон е поинаку определено.

Утврдување на датумот на поднесување на пријавата

Член 49

(1) Ако пријавата ја нема содржината предвидена од членот 48 на овој закон, Заводот ќе го извести подносителот дека неговата пријава не е уредна и не може да му биде признаен датумот на поднесувањето.

(2) Заводот ќе го повика подносителот во рок од 60 дена од приемот на повикот да ги отстрани утврдените недостатоци во согласност со ставот (1) на овој член.

(3) Ако подносителот ги отстрани недостатоците во предвидениот рок, Заводот ќе го утврди датумот на поднесување на пријавата.

(4) Како датум на поднесување ќе се смета датумот на прием на уредна пријава по која постапил подносителот во согласност со известувањето, во смисла на членот 48 од овој закон.

(5) Ако подносителот во рокот од ставот (2) на овој член, не ги отстрани недостатоците, ќе се смета дека пријавата е повлечена и ќе се донесе заклучок за запирање на постапката.

Измени во пријавата на патент кои не се дозволени

Член 50

Пријавата на патент на која е утврден датумот на поднесување не може дополнително да се менува со проширување на предметот за кој се бара заштита.

Регистар на пријави на патенти

Член 51

(1) Пријавата на патент се впишува во Регистарот на пријави на патенти.

(2) Содржината и начинот на водење на Регистарот на пријави на патенти и на изводот од Регистерот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Изјаснување за начинот на спроведување постапката на испитување

Член 52

(1) Подносителот на пријавата на патент од членот 43 на овој закон треба во барањето за признавање на правото на патент да се изјасни дали постапката на испитување ќе се спроведе како:

1) потполно испитување во институциите од членот 63 став (1) точка 1 на овој закон;

2) потполно испитување во институциите од членот 63 став (1) точка 2 на овој закон; и

3) испитување спроведено во Заводот.

(2) Доколку подносителот не постапил во согласност со ставот (1) на овој член должен е да се изјасни во рок од 6 месеци од датумот утврден како датум на поднесување на пријавата до Заводот

Поделба на пријавата на патент

Член 53

(1) Подносителот може да го подели предметот на пријавата на патент на која и’ е утврден датумот на поднесување (првобитна пријава) на две или повеќе пријави и врз основа на секоја од нив да се продолжи со посебна постапка.

(2) Поделбата на пријавата на патент е дозволена до донесување на решението за признавање на правото на патент.

(3) Пријавата на патент настаната со поделба на првобитната пријава на патент (разделена пријава), го задржува датумот на поднесувањето на првобитната пријава и првенството од првобитната пријава на патент.

(4) Содржината и формата на разделената пријава се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Формално испитување на пријавата

Член 54

(1) По уписот на пријавата на патент во Регистарот на пријави на патенти, Заводот испитува:

1) дали е платена потребната такса;

2) дали е поднесен превод на пријавата на македонски јазик, ако пријавата е составена на странски јазик;

3) дали подносителот на пријавата на патент се изјаснил за спроведувањето на постапката на испитување од членот 52 од овој закон;

4) дали се поднесени нацртите од членот 43 ставот (1) точка 5) од овој закон; и

5) дали е приложено уредно полномошно, доколку пријавата е поднесена преку застапник.

(2) Ако пријавата на патент не ги содржи состојките од ставот (1) на овој член, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата во рок кој не може да биде подолг од 60 дена, сметајќи од денот на приемот на повикот да ги отстрани утврдените недостатоци.

(3) На образложено барање на подносителот на пријавата, рокот од ставот (2) на овој член, може од оправдани причини да се продолжи најмногу за 60 дена.

(4) Ако подносителот на пријавата во определениот рок не ги отстрани недостатоците од ставот (2) на овој член, Заводот со решение ќе ја отфрли пријавата.

(5) Кога во пријавата се повикува на нацрти кои не се содржани во пријавата, Заводот го повикува подносителот на пријавата да ги достави нацртите во предвидениот рок.

(6) Ако подносителот не постапи по известувањето на Заводот од ставот (5) на овој член, при испитувањето на пријавата ќе се смета дека нацртите не постојат.

(7) Ако подносителот во пропишаниот рок ја уреди пријавата ќе се смета дека пријавата била уредно поднесена.

Барање пријавата да се земе во постапка веднаш

Член 55

(1) Во случај на спор во врска со правото од пријавата, подносителот на пријавата може да бара Заводот да ја земе пријавата во постапка веднаш.

(2) Барање пријавата да се земе во постапка веднаш не може да се поднесе пред истекот на 12 месеци од денот на поднесувањето на пријавата на патент.

(3) Подносителот на пријавата на патент мора во случај на спор од ставот (1) на овој член да достави доказ од потполното испитување, спроведено во една од институциите од членот 63 од овој закон.

Испитување на пријавата во постапка пред Заводот

Член 56

(1) При испитување на пријавата на патент Заводот испитува:

1) дали е назначен пронајдувачот;

2) дали е побарано признавање на правото на првенство во согласност со членовите 37 и 38 од овој закон;

3) дали пријавата е во согласност со правилото на единство на пронајдокот предвидено во членот 35 од овој закон;

4) дали одделните состојки на пријавата се во согласност со членовите 43, 44, 45, 46 и 47 на овој закон и

5) дали предметот на пријавата е пронајдок, кој на прв поглед може да се заштити со патент во смисла на членот 25 став (3), членот 26, членот 27 став (3) и членот 30 од овој закон.

(2) Во постапката на испитување на пријавата Заводот не испитува дали е исполнет условот од членот 29 на овој закон.

Недостатоци на пријавата

Член 57

(1) Заводот со допис ќе го извести подносителот на пријавата, ако по испитувањето се утврди дека не се исполнети барањата од членот 56 став (1) точки 1), 2), 3) и 4) на овој закон и ќе го повика во рок од 60 дена од приемот на известувањето да ги отстрани утврдените недостатоци.

(2) Врз основа на образложено барање на подносителот на пријавата, Заводот може да го продолжи рокот од ставот (1) на овој член најмногу за 60 дена.

(3) Заводот донесува решение за отфрлање на пријавата на патент, ако подносителот во определениот рок не ги отстрани недостатоците од известувањето од ставот (1) на овој член.

Решение за одбивање на пријавата на патент

Член 58

(1) Заводот донесува решение за одбивање на пријавата на патент ако пријавата е поднесена за пронајдок кој не може да се заштити со патент во смисла на членот 56 став (1) точка 5) од овој закон.

(2) Решение за одбивање на пријавата на патент, Заводот не може да донесе ако претходно, по писмен пат, не го запознал подносителот на пријавата за причините поради кои не може да се признае бараното право и ако не го повикал подносителот во примерен рок да се изјасни за тие причини.

(3) Рокот од став (2) на овој член може, на образложено барање на подносителот на пријавата, да се продолжи до шест месеци.

Плаќање трошоци и такси

Член 59

(1) Ако во постапката на испитување на пријавата Заводот утврди дека се исполнети барањата и условите од членот 56 од овој закон, ќе го извести подносителот и ќе го повика во рок од 30 дена да ги плати трошоците за објавување на патентот во гласилото на Заводот, трошоците за издавање исправа и таксата за одржување во важност.

(2) Ако подносителот не постапи по известувањето од ставот (1) на овој член, Заводот ќе донесе решение за отфрлање на пријавата.

Решение за признавање на патент

Член 60

(1) Ако се исполнети условите од член 56 и ако подносителот на пријавата во определениот рок ги плати трошоците и таксите од членот 59 став (1) на овој закон, Заводот ќе донесе решение за признавање на патент.

(2) Податоците од решението за признавање на патент се запишуваат во регистарот на патенти на денот на донесувањето на решението и се објавуваат во службеното гласило на Заводот во рок од 90 дена од денот на донесувањето.

Член 61

Испитување на пријавата врз основа на потполно испитување

(1) На пријавите за кои подносителот се изјаснил за спроведување на постапка за потполно испитување се применуваат одредбите од членовите 54, 55 и 56 став (1) точки од 1), 2), 3) и 4) на овој Закон.

Доказ и постапка по доказот од потполното испитување

Член 62

(1) Подносителот на пријавата на патент кој се изјаснил за спроведување на постапката согласно членот 52 став (1) точки 1) и 2) на овој закон, најдоцна до истекот на две години од датумот на поднесување на пријавата на патентот во Заводот, треба да поднесе барање за потполно испитување во една од институциите за испитување од членот 63 на овој Закон.

(2) Примерок од поднесеното барање лицето од ставот (1) на овој член го доставува до Заводот.

(3) Подносителот на пријавата од ставот (1) на овој член, должен е во рок од шест месеци од датумот на кој го добил доказот од испитувањето од членот 64 на овој закон до Заводот да го достави доказот и преводот на доказот на македонски јазик.

(4) Ако подносителот на пријавата на патент не постапи во согласно ставовите (1), (2) и (3) на овој член, Заводот ќе донесе решение за отфрлање на пријавата.

(5) Заводот не може да го донесе решението од став (4) на овој член ако претходно по писмен пат не го запознал подносителот на пријавата за причините поради кои се отфрла пријавата и ако претходно не го повикал во примерен рок да се изјасни за тие причини.

(6) Подносителот на пријавата на патент или носителот на исклучивото право, должен е да го достави доказот од потполно испитување и кога трето лице тужи поради повредата на правото на патент.

(7) Во случај од ставот (6) на овој член, Заводот по итна постапка ќе издаде едно од решенијата од членот 66 на овој закон.

(8) Содржината на доказот од потполното испитување се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Институции за потполно испитување

Член 63

(1) Потполното испитување на пријавата на патентот од членот 64 на овој Закон се спроведува во:

1) една од избраните институции кои по правило се државни и меѓудржавни заводи и кои врз основа на ДСП имаат статус на овластени институции за меѓународно пребарување, односно меѓународно претходно испитување на меѓународните пријави на патенти, или

2) некоја од институциите со која е склучен посебен договор за пребарување и потполно испитување.

Содржина на доказот од потполно испитување

Член 64

(1) Со доказот од потполното испитување се утврдува дали пронајдокот ги исполнува сите услови за признавање на правото на патент, односно дали предметот на пријавата е:

– пронајдок кој може да се заштити со патент согласно членовите 25 и 26 од овој закон;

– пронајдок кој е опишан на начин што стручњак од областа може да го примени согласно член 27 став (2) од овој закон;

– пронајдок кој е согласно со правилото за единство на пронајдокот од членот 35 на овој закон и

– пронајдок кој е нов согласно членот 27 и член 28 од овој закон, кој има инвентивен придонес согласно со член 29 на овој закон и кој е индустриски применлив согласно со член 30 на овој закон.

Дополнително испитување

Член 65

(1) Заводот донесува решение од член 66 од овој закон врз основа на доставените докази од потполното испитување од членот 64 од овој закон и врз основа на дополнителните испитувања од овој член.

(2) Со дополнителното испитување на пријавата на патент се утврдува дали се задоволени условите за признавање, односно дали предметот на пријавата е во согласност со членот 56 став (1) точка 5 од овој Закон.

(3) Решение од член 66 став (1) точка 2) или 3) на овој закон Заводот не може да донесе ако претходно по писмен пат не го запознал подносителот на пријавата за причините поради кои не може да го признае бараното право во целост или делумно и ако претходно не го повикал во примерен рок да се изјасни за тие причини.

(4) Рокот од ставот (3) на овој член може, на образложено барање на подносителот на пријавата, да се продолжи до шест месеци.

Решенија врз основа на доказот од потполно испитување

Член 66

(1) Врз основа на доставениот доказ, Заводот утврдува во која мерка содржината и обемот на патентното барање за соодветниот пронајдок ги исполнува условите од членовите 27, 29 и 30 на овој закон и ќе издаде едно од следните решенија:

1) решение дека пронајдокот по бараниот патент ги исполнува сите услови од членовите 27, 29 и 30 на овој закон и дека на тие услови во целост одговара патентното барање или патентните барања;

2) решение дека пронајдокот само делумно ги исполнува условите од членовите 27, 29 и 30 на овој закон и со кое се дава ограничена понатамошна важност на патентното барање или патентните барања во обем во кој ги исполнува условите и

3) решение за огласување на ништовност кога пронајдокот од денот на поднесувањето на патентната пријава не ги исполнува условите од членовите 27, 29 и 30 на овој закон.

Регистар на патенти

Член 67

(1) Податоците од решението за признавање на правото на патент, со датумот и бројот на објавата на тоа решение, се запишуваат во Регистарот на патенти кој го води Заводот.

(2) Податоците од решението за отфрлање на пријавата и одбивање на барањето за признавање на патентот се запишуваат во Регистарот на пријави на патенти.

(3) Содржината и начинот на водење на Регистарот на патенти и на изводот од регистрите се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Впишување на промени во регистрите

Член 68

(1) Во регистарот на пријави на патенти и во регистарот на патенти се впишуваат промените кои се однесуваат на подносителот на пријавата, носителот на правото и на самото право.

(2) Промените кои се впишуваат во регистарот на патенти се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

(3) Промените кои се впишуваат, содржината, формата на барањето и постапката за впишување на промените се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Објавување

Член 69

(1) Податоците од решението за признавање на патентот се објавуваат во службеното гласило на Заводот, најдоцна во рок од 90 дена од денот на донесувањето на решението.

(2) Заедно со податоците од решението издадено согласно со член 60 на овој закон се објавува и апстрактот на пронајдокот.

(3) Кон податоците на решението издадено согласно со членот 66 на овој закон се објавува првото патентно барање и се наведува бројот на другите патентни барања.

(4) Содржината на податоците на признат патент кои се објавуваат во службеното гласило на Заводот, се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Исправа за патент

Член 70

(1) Заводот на носителот на правото на патент му издава исправа за патент најдоцна во рок од шест месеци од денот на донесување на решението за признавање на правото на патент.

(2) На барање на носителот на патентот, Заводот издава патентен спис.

(3) Содржината на исправата за патент и патентниот спис се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Доверлив патент

Член 71

(1) Пријавите за признавање на патент што се однесуваат на одбраната се сметаат за доверливи и се поднесуваат до министерот за одбрана.

(2) Ако министерот за одбрана во постапката на испитување на поднесената пријава утврди дека пронајдокот не е доверлив, пријавата ќе ја достави до Заводот.

(3) Одредбите на овој закон се применуваат и во постапката за признавање на патент за доверлив пронајдок, освен ако со одредбите на овој закон не е поинаку определено.

(4) Ако министерот за одбрана во постапката на испитување на поднесената пријава утврди дека пронајдокот не е доверлив, пријавата ќе ја достави до Заводот.

(5) Ако Заводот во текот на постапката на испитувањето на пријавата оцени дека се работи за доверлив пронајдок, пријавата ќе му ја отстапи на министерот за одбрана.

(6) Ако министерот за одбрана утврди дека пронајдокот престанал да биде доверлив, целиот предмет ќе го достави до Заводот.

(7) По приемот на предметот Заводот го запишува патентот во регистарот на патенти и на носителот на патентот му издава патентна исправа и спис и ги објавува податоците во смисла на членот 60 од овој закон.

Користење доверлив пронајдок

Член 72

(1) Министерството за одбрана има исклучиво право да го користи доверливиот пронајдок и да располага со тој пронајдок.

(2) За доверлив пронајдок заштитен со патент, на носителот на правото му припаѓа еднократен надоместок, без оглед на тоа дали пронајдокот се искористува за потребите на одбраната и во кој обем.

(3) Висината на надоместок од ставот (2) на овој член спогодбено ја утврдуваат носителот на правото и министерот за одбрана.

(4) Ако не се постигне спогодба, носителот на правото на патентот може според правилата на вонпроцесната постапка да бара од судот тој да ја утврди висината на надоместокот.

Особености на доверливиот патент

Член 73

(1) Патентот за доверлив пронајдок не се објавува.

(2) Заштита на доверлив пронајдок во странство, домашните правни и физички лица можат да бараат само врз основа на писмено одобрение на министерот за одбрана.

(3) Одредбите од членовите 71 и 72 на овој закон сообразно се применуваат на пријавите на патент за признавање на пронајдоци кои се од интерес за безбедноста на државата.

(4) За решавање по пријавите од ставот (3) на овој член е надлежен министерот за внатрешни работи.

(5) Владата на Република Македонија, пропишува кои пронајдоци се сметаат за доверливи во смисла на членовите 71 и 73 од овој Закон, како и начинот за признавање на патент за таквите пронајдоци.

Важност на патентот

Член 74

(1) Правото на патентот важи 20 години, сметајќи од денот на поднесување на пријавата.

(2) Важноста на правото на патентот од ставот (1) на овој член, може да се продолжи преку 20 години, но не повеќе од пет години, во случај кога предметот на патентот е медицински производ, производ за заштита на растенија или постапка за нивно добивање, за кои пред пуштањето во промет е потребно да се изведе со закон пропишана управна постапка за одобрување.

(3) Правото на патент стекнат врз основа на решението од членот 60 од овој закон трае 10 години од денот на поднесување на пријавата.

Сертификат за дополнителна заштита

Член 75

(1) Важноста на правото на патент од членот 74 став (2) од овој закон, може да биде продолжена со издавање сертификат.

(2) Содржината на барањето и другите состојки и прилози кон барањето за издавање на сертификат за заштита на медицински производи и сертификат за заштита на производите за заштита на растенијата подетално се утврдуваат со прописи кои ги донесува директорот на Заводот.

Услови за издавање на сертификатот

Член 76

Сертификат од член 75 став (1) од овој закон се издава доколку на денот на поднесувањето на барањето во Република Македонија:

1) постои важечки основен патент за производот;

2) производот е ставен во промет врз основа на одобрение издадено со прописите со кои се уредува ставањето на лековите во промет, односно со прописите со кои се уредува ставањето на производите за заштита на растенијата во промет;

3) производот не бил претходно предмет на сертификат или не постои претходно издаден сертификат за истиот производ како медицински производ, односно како производите за заштита на растенијата и

4) одобрението од точката 2) на овој член е прво одобрение за ставање на производот во промет во Република Македонија како медицински производ, односно како производите за заштита на растенијата.

Предмет на заштита на сертификатот

Член 77

(1) Сертификат се издава за производот заштитен со основен патент за кој постои одобрение за ставање во промет и за која било употреба на медицински производ или производ за заштита на растенијата одобрена пред истекот на сертификатот.

(2) Правото за кој е издаден сертификат е идентично со правото од основниот патент и подлежи на истите ограничувања и обврски како и основниот патент.

Субјекти на правото од сертификатот

Член 78

(1) Субјекти на правото од сертификатот се носителот на основниот патент или неговиот правен следбеник.

(2) Доколку постојат повеќе носители на основниот патент, постапка за издавање на сертификатот може да поведе заедничкиот претставник или кој било од носителите по претходна согласност на другите носители или нивните правни следбеници.

Поведување постапка за издавање сертификат

Член 79

(1) Постапката за издавање на сертификат од членот 75 од овој закон се поведува со поднесување на барање за издавање сертификат до Заводот.

(2) Барањето за издавање на сертификат се поднесува во рок од шест месеци од датумот кога било издадено првото одобрение за ставање во промет на производот во Република Македонија или во рок од шест месеци од датумот на признавањето на основниот патент доколку одобрението да се стави производот во промет е издадено пред признавањето на основниот патент.

(3) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува на образец.

Содржина на барањето за издавање сертификат

Член 80

(1) Барањето за издавање на сертификат од членот 79 став (1) се поднесува на образец.

(2) Кон барањето се приложува одобрението за ставање во промет на производот на територија на Република Македонија издадено од надлежен орган.

(3) Кон барањето од ставот (1) на овој член се доставуваат и други состојки и прилози.

(4) Содржината и формата на образецот за издавање на сертификатот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Формално испитување на барањето за издавање сертификат

Член 81

(1) Во постапката на формално испитување Заводот проверува:

1) дали барањето ги содржи состојките и прилозите од членот 75 став (2) од овој закон;

2) дали барањето е поднесено во рок од членот 79 став (2) од овој закон и

3) дали се доставени прилозите од член 80 став (2) од овој закон.

(2) Ако барањето не е поднесено во согласност со ставот (1) на овој член, Заводот ќе го повика подносителот во рок што не може да биде подолг од 60 дена, сметајќи од денот на приемот на повикот, да ги отстрани утврдените недостатоци.

(3) На образложено барање на подносителот на барањето, рокот од ставот (2) на овој член може од оправдани причини да се продолжи најмногу за уште 60 дена.

(4) Ако подносителот на барањето во определениот рок не ги отстрани недостатоците од ставот (2) на овој член, Заводот донесува решение за отфрлање на барањето.

Постапка на испитување на барањето за издавање сертификат

Член 82

Во постапката на испитување за издавање сертификат Заводот испитува дали на денот на поднесување на барањето биле исполнети условите за издавање сертификат предвидени во членот 76 на овој закон.

Одобрување на барањето

Член 83

(1) Ако Заводот утврди дека се исполнети условите од членот 76 на овој закон, ќе го повика подносителот во рок од 30 дена да ги плати трошоците за објавување на податоците од сертификатот во гласилото на Заводот и таксата за одржување во важност.

(2) Ако подносителот на барањето во определениот рок ги плати трошоците и таксата од ставот (1) на овој член, Заводот ќе издаде решение за сертификат.

(3) Ако подносителот не ги плати трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот со решение ќе го отфрли барањето.

Важност на сертификатот

Член 84

(1) Сертификатот започнува да важи по истекот на законскиот период на траење на основниот патент за период еднаков на времето што поминало од датумот на поднесување на пријавата за основен патент и датумот на добиеното одобрение за ставање во промет на производот во Република Македонија намален за пет години.

Одбивање на барањето

Член 85

(1) Ако се утврди дека не се исполнети условите предвидени во членот 76 на овој закон или доколку барањето не е поднесено од лице предвидено во членот 78 од овој закон, Заводот, по писмен пат го известува подносителот на барањето за причините поради кои не може да се издаде сертификат и го повикува во определен рок што не може да биде подолг од шест месеци да се изјасни за тие причини.

(2) Доколку подносителот на барањето не се изјасни во определениот рок, Заводот со решение ќе го одбие барањето.

Плаќање такси и трошоци

Член 86

(1) Во постапката за признавање и одржување на правото на патент се плаќаат такси и трошоци на постапката.

(2) Годишните такси за одржување во важност на правото на патент и од сертификатот се плаќаат сметано од датумот на поднесувањето на пријавата за патент.

(3) Годишната такса за одржување на правото од патентот се уплатува до почетокот на годината за која се уплатува таксата, односно до датумот на поднесувањето на пријавата.

(4) Таксите и трошоците може да ги плаќа кое било лице без одобрение на застапникот.

Престанок на патентот пред истекот на важноста

Член 87

(1) Правото на патентот престанува да важи пред истекот на рокот на важење и тоа во следните случаи:

1) ако не се платат пропишаните такси – наредниот ден од денот на пропуштањето на рокот за плаќање на таксата;

2) ако носителот се откаже од правото – наредниот ден од денот на поднесувањето на поднесокот за откажување до Заводот;

3) врз основа на судска одлука, односно акт на Заводот во случаите предвидени со овој закон – со денот определен во таа одлука односно во актот и

4) ако правното лице кое е носител на правото на патент престанало да работи – со денот на престанувањето, односно ако физичкото лице кое е носител на правото на патент умрело – со денот на смртта, или ако исчезнато лице кое е носител

на правото на патент е прогласено за умрено – со денот на правосилноста на решението, освен ако тоа право поминало врз правните следбеници на правното лице, односно врз наследниците на физичкото лице.

(2) Заводот донесува решение за престанок на важност на патент кога се настанати условите од ставот (1) на овој член.

Права на трети лица

Член 88

(1) Ако во регистарот на патенти е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, носителот на патент, не може да се откаже од своите права без писмена согласност од лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право.

(2) Ако носителот на патент во определениот рок не ја плати пропишаната такса, а во регистарот е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, Заводот ќе го извести тоа лице дека таксата не е платена и дека може да ја плати во рок од шест месеци од денот на известувањето и со тоа да го задржи запишаното право.

(3) Во случај на спор за обезбедување на запишаните права на трето лице, судот може, ако тоа е неопходно за обезбедувањето на тие права, да одлучи правото на патент да се пренесе врз лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право, до обезбедување на побарувањата.

Исклучиви права

Член 89

(1) Носителот на патентот има исклучиво право:

1) да го користи во производство заштитениот пронајдок;

2) да пушти во промет предмети изработени според заштитениот пронајдок и

3) да располага со патентот.

(2) Носителот на патентот има право да забрани користење на заштитениот пронајдок во производство или во промет на трети лица, кои за тоа користење немаат негова дозвола ако таквото користење се однесува на изработка, нудење на продажба, извоз или увоз и складирање на производи за тие цели.

(3) Носителот на патентот има право да забрани на друго лице без негова согласност да нуди и испорачува производи кои претставуваат битни елементи на пронајдокот, ако на понудувачот и испорачателот му било или од околностите на случајот требало да му биде познато дека тој производ е наменет за примена на туѓ пронајдок.

(4) Правото од ставовите (1), (2) и (3) на овој член се однесува и на патент за постапка и на производот добиен директно од таа постапка.

Исклучиви права на патентите од областа на биотехнологијата

Член 90

(1) Правото од членот 89 ставови (1) и (2) на овој закон се однесува на секој биолошки материјал со специфични карактеристики кој е резултат на пронајдокот и се проширува врз биолошкиот материјал кој е изведен од тој биолошки материјал со размножување или мултиплицирање во идентична или дивергентна форма и ги содржи истите карактеристики.

(2) Правото од членот 89 став (4) на овој закон се однесува на постапка за добивање биолошки материјал со специфични карактеристики, кои се резултат на пронајдокот и се проширува врз биолошкиот материјал добиен директно преку таа постапка и врз кој било биолошки материјал изведен од биолошкиот материјал со размножување или мултиплицирање во идентична или дивергентна форма и ги содржи истите карактеристики.

(3) Правото од членот 89 став (3) на овој закон се однесува и на производ кој содржи или се состои од генетски информации и се проширува врз сите биолошки материјали во кој генетските информации се содржани и ја вршат својата функција освен врз материјалите од членот 25 став (5) на овој закон.

Слободно користење

Член 91

Правото на носителот на патентот од членот 89 на овој закон за исклучиво искористување на пронајдокот не се однесува на:

1) искористување на пронајдокот во лични и некомерцијални цели;

2) преземање активности за истражување и развој на предметот на заштитениот пронајдок, а особено: изработка, употреба, нудење на продажба, извоз или увоз на заштитениот пронајдок, вклучително и активностите за добивање одобрение за ставање во промет лекови за хумана и ветеринарна медицина или средства за заштита на растенијата и

3) непосредна и поединечна подготовка на лекот во аптека врз основа на единечен лекарски рецепт и на постапки кои се однесуваат на така подготвениот лек.

Патент за постапка

Член 92

(1) Ако патентот е издаден за постапка, неговото дејство се простира и врз производите и материите непосредно добиени со таа постапка.

(2) Во недостаток на спротивни докази ќе се смета дека производот е добиен со заштитена постапка и тоа ако производот е нов или ако постои основано сомневање дека производот е добиен со заштитената постапка и дека носителот на патент не бил во состојба и покрај разумно вложениот труд да ја утврди постапката која е навистина користена.

(3) Постои основано сомнение во смисла на ставот (2) на овој член дека производот е добиен со заштитената постапка, доколку заштитената постапка е единствената позната постапка.

(4) Товарот на докажување од ставот (1) ќе падне врз наводниот прекршител само доколку е исполнет еден од условите од ставот (2) на овој член.

Обем на исклучиво право

Член 93

Обемот на исклучиви права на носителот на патент е определен со текстот на патентните барања кои се конечно прифатени во постапката за признавање патент, при што описот и цртежите служат за толкување на патентните барања.

Право врз основа на претходно користење

Член 94

(1) Правото на патентот не дејствува врз лицето, кое пред датумот на поднесувањето на пријавата за патент или пред датумот на признаеното право на првенство, пронајдокот совесно и не јавно го користело во Република Македонија, или подготвило сé што е потребно за негово користење.

(2) Лицето од ставот (1) на овој член има право, без одобрение од носителот на патентот, да продолжи со искористувањето на пронајдокот во обем во кој го искористувало или подготвувало до датумот на поднесувањето на пријавата на патент за бараниот пронајдок.

Исклучок од повреда на правото на патент

Член 95

Не се смета за повреда на исклучивите права на носителот на патент доколку предметот на пронајдокот се однесува на производите изработени според патентот употребени во конструкција или опрема за бродови, авиони или копнени возила кои припаѓаат на некоја од земјите на Париската унија или на СТО кога тоа превозно средство привремено или случајно ќе се најде на територијата на Република Македонија, под услов вградениот производ да служи исклучиво за потребите на тоа превозно средство.

Исклучок од повреда на правото на патент од областа на биотехнологијата

Член 96

(1) Лицето кое го користи растителниот материјал за размножување, врз основа на согласност на носителот на патент, не го повредува правото од членот 90 на овој закон што се однесува на продажбата или на друг вид комерцијална експлоатација на растителниот материјал за размножување, кога производот на сопствената берба го користи за размножување или мултиплицирање за свои и за потребите на својот имот.

(2) Лицето кое го користи добитокот или друг животински репродуктивен материјал врз основа на согласност на носителот на патентот, не го повредува правото од членот 90 на овој закон кое се однесува на продажбата или друг вид комерцијална експлоатација, кога заштитениот добиток го користи за земјоделски активности, вклучително и за производство на животни и друг животински репродуктивен материјал за целите на својата земјоделска активност, но не и за комерцијални репродуктивни цели.

Издавање присилна лиценца

Член 97

(1) Ако носителот на патентот не го користи пронајдокот заштитен со патент или го користи во обем недоволен за задоволување на потребите на домашниот пазар, и одбива да склучи договор за лиценца или поставува непазарни услови за склучување на тој договор, со присилна лиценца, правото на користење на пронајдокот може да му се даде на друго лице, со обврска за плаќање надоместок на носителот на патентот.

(2) Присилна лиценца може да се издаде и ако искористувањето на пронајдокот заштитен со патент е неопходно поради вонредни состојби во државата, заштита на јавниот интерес во областа на здравството, исхрана, заштита и унапредување на животната средина или е од особен интерес за одделна гранка на стопанството или е неопходно за спроведување на судската и административната постапка за заштита на конкуренцијата.

(3) Отстапувањата при издавањето присилна лиценца од ставот (1) на овој член можно е ако се работи за состојби од ставот (2) на овој член, за што во најкус можен рок се известува носителот на патентот.

(4) Барање за издавање присилна лиценца од ставот (1) на овој член не може да се поднесе пред истекот на рокот од четири години од денот на поднесувањето на пријавата на патент, односно пред истекот на рокот од три години од денот на признавањето на патент, ако овој рок истекува подоцна.

(5) Присилна лиценца нема да се издаде ако носителот на патентот докаже дека постојат законски пречки кои го оправдуваат некористењето или недоволното користење на пронајдокот заштитен со патент.

(6) Во случаите ставот (2) на овој член, присилната лиценца може да се издаде и пред истекот на рокот од ставот (4) на овој член.

Особености на присилната лиценца

Член 98

(1) Присилна лиценца не може да биде ислучителна.

(2) Присилната лиценца трае сé додека трае причината заради која е издадена.

(3) На образложено барање од заинтересирано лице присилната лиценца ќе се укине ако престанат причините заради кои е издадена, а не постои можност истите повторно да настанат под услов да се заштитат легитимните права на стекнувачот на присилната лиценца.

(4) Присилната лиценца не може да се пренесува, освен ако преносот се врши заедно со производствениот капацитет односно со негов дел во кој се искористува пронајдокот за кој е издадена.

(5) Присилна лиценца се издава за задоволување на потребите на домашниот пазар, освен ако во парнична постапка не се докаже дека е во спротивност со заштита на конкуренцијата на пазарот.

Надоместок

Член 99

(1) Во случај на давање присилна лиценца, носителот на патентот има право на соодветен надоместок.

(2) Висината на надоместокот ја утврдуваат спогодбено носителот на патентот и корисникот на кој му е дадена лиценцата, односно кој го користи пронајдокот заштитен со патент.

(3) Висината од ставот (2) на овој член е соодветна на економската вредност на лиценцата и на потребата од усогласување со постапката за заштита на конкуренцијата.

(4) Ако не се постигне спогодба за висината на надоместокот од став (2) на овој член, надлежниот суд ја утврдува висината на надоместокот.

(5) Непостоењето спогодба односно одлука на судот, не го спречува корисникот на кој му е дадена лиценцата да го користи тој пронајдок.

Присилна лиценца на зависен патент

Член 100

(1) Присилна лиценца може да се издаде и ако пронајдокот заштитен со патент не може да се користи во целост или делумно без користење друг пронајдок заштитен со поранешен патент, додека подоцнежниот пронајдок, кој претставува позначаен технички напредок, е од особено значење за стопанството или за задоволување на општите потреби.

(2) Ако присилната лиценца се издава според одредбата од ставот (1) на овој член, носителот на поранешниот патент може да бара присилна лиценца за користење на пронајдокот по подоцнежниот патент за соодветен надоместок.

Надлежност за издавање присилна лиценца

Член 101

(1) За издавање присилна лиценца одлучува судот кој е надлежен за решавање на споровите за правата од индустриска сопственост во парнична постапка.

(2) Постапка за издавање на присилна лиценца се поведува со тужба против носителот на патент или сертификат за дополнителна заштита, која содржи барање за издавање присилна лиценца.

(3) Во постапката за издавање присилна лиценца, носителот од ставот (2) на овој член кој е запишан во регистарот на патенти се смета дека е носител на патентот.

Присилна лиценца за потребите на јавното здравство

Член 102

(1) Судот може на кое било лице што поднело барање во согласност со одребите на овој закон да му издаде присилна лиценца за патент односно сертификат за дополнителна заштита за потребите на производството и продажбата на фармацевтски производи, кога таквиот производ е наменет за извоз во земјите увознички со проблеми во јавното здравство.

(2) При одлучување за идавање присилна лиценца судот ќе ја има во предвид Одлуката на Генералниот совет на СТО од 30 август 2003 година, за спроведување на точката 6 од Декларација од Доха за ТРИПС Договорот и за јавното здравство од 14 ноември 2001 година, во натамошниот текст: Одлука.

(3) Фармацевтски производ од ставот (1) на овој член е секој производ на фармацевтската индустрија, вклучително и лековите за хумана употреба, под кои се подразбира секоја супстанција или смеса на супстанции, која е наменета за лекување

или спречување болести кај луѓето, вклучително и секоја супстанција или смеса на супстанции која може да се примени на луѓе во смисла на обновување, исправање или прилагодување на нивните физиолошките функции со предизвикување фармаколошки, имунолошки или метаболички дејства или поставување медицинска дијагноза, вклучително и активни состојки и прибор за дијагностицирање надвор од живото човечко тело.

Земја увозник

Член 103

(1) Земја увозник од членот 102 став (1) е секоја земја во која се извезуваат фармацевтски производи и може да биде:

1) која било најмалку развиена земја наведена како таква на листата на Обединетите нации (ОН);

2) која било членка на СТО, освен најмалку развиената земја членка од точката (1) на овој став, која упатила известување до Советот на ТРИПС за намерата да го користи системот како земја увозничка, било да го користи системот во таа смисла во целост или делумно;

3) која било земја која не е членка на СТО, а која од страна на собранието за помош и развој на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) е наведна на листата на земји со низок доход на бруто националниот производ по глава на жител кој е помал од 745$, и за која Министерството за економија е известено дека е со намера да го користи системот како земја увозник, без оглед дали на тој начин ќе го користи системот во целост или делумно.

(2)Земја членка на СТО ако дала изјава дека нема се користи со ова право, не ги задоволува условите да го користи системот како земја увозничка.

(3) Земјите увознички кои не се членки на СТО, а се најмалку развиени земји и земји во развој и ги задоволуваат барањата од ставот (1) на овој член, мораат да ги исполнат дополнителните барања:

1) земјата увозничка е должна да испрати известување директно до Министерството за економија;

2) земјата увозничка е должна во известувањето да наведе дека системот ќе го користи за решавање на проблеми од јавното здравство, а не како средство за постигнување индустриски или трговски цели, и дека ќе ги применува мерките од точката 4 од Одлуката;

(4) судот може врз основа на тужба од носителот на правото или Министерството за економија, да укине присилна лиценца ако земјата увозничка не ги почитува обрвските од ставот (3) точка 2) на овој член.

Тужба за издавање присилна лиценца за потребите на јавното здравство

Член 104

(1) Тужбата која содржи барање за издавање присилна лиценца за потребите на јавното здравство се поднесува до судот во согласност со членот 101 од овој закон ако на територијата на Република Македонија постои патент или сертификат за дополнителна заштита со кој се опфаќаат работи за производство и продажба заради извоз.

(2) Подносителот на тужбата за издавање присилна лиценца должен е кон тужбата да приложи:

1) барања за издавање присилни лиценци во други држави за ист производ, со податоци за количините и за земјите увознички;

2) подносителот на барањето за издавање присилна лиценца, а ако е назначен застапник, податоци за неговиот застапник

3) име на фармацевтскиот производ кое не подлежи на заштита, кое подносителот на барањето има намера да го произедува врз основа на присилна лиценца;

4) количеството на фармацевтскиот производ кое подносителот на барањето има намера да го произведува врз основа на присилна лиценца;

5) податоци за земјата увозничка;

6) доказ за претходните преговори со носителот на правото, во согласност со одредбите од ставот (5) на овој член и

7) доказ за барањето од овластениот претставник на земјата увозничка или невладината организација која работи со овластување од една или повеќе земји увознички или тела на ОН или друга меѓународна здравствена организација која работи со овластување од една или повеќе земји увознички во кое е наведено количеството на потребниот производ.

Предуслови за издавање присилна лиценца

Член 105

(1) Присилна лиценца може да се издаде само ако подносителот на барањето безуспешно, во период од триесет дена пред поднесувањето на тужбата, се обидувал од носителот на правото да добие согласност за искористување на заштитениот пронајдок, под разумни пазарни услови и рокови.

(2) Одредбата од ставот (1) на овој член не се применува во случај на состојба на нужда или други околности на крајна нужда во државата или во случај на јавна некомерцијална употреба, во согласност со членот 31 точка б) од ТРИПС Договорот.

Известување на носителот на правато

Член 106

Судот без одлагање ќе го извести носителот на правото за поднесеното барање за издавање присилна лиценца и ќе му даде можност да се изјасни.

Особености на издавањето присилна лиценца за потребите на јавното здравство

Член 107

(1) Присилната лиценца не може да биде ислучителна.

(2) Траењето и обемот на присилната лиценца кои се наведуваат во одлуката на судот за нејзиното издавање зависат исклучиво од траењето на причината поради која е издадена.

(3) Количеството производи кои можат да се произведат врз основа на присилна лиценца не смеат да го надминат количеството потребно за задоволување на потребите на земјата увозничка, односно на земјите увознички наведени во тужбата, земајќи го при тоа во предвид и количеството на производите произведени во други земји врз основа на присилна лиценца.

(4)Присилната лиценца може да се пренесува само заедно со производствениот капацитет односно со негов дел во кој се искористува пронајдокот за кој е издадена.

Услови за издавање присилна лиценца за потребите на јавното здравство

Член 108

(1) Производ којшто е произведен или увезен врз основа на присилна лиценца не смее да се нуди на продажба или да се става на пазарот на земја која не е наведена во барањето, освен кога земјата увозничка, во согласност со точката 6, потточка (и) од Одлуката, извезува во земја содоговорничка на регионалниот трговски договор со ист проблем во областа на здравството.

(2) Пакувањето или кој било соодветен текст мораат да содржат јасна назнака дека производот е предмет на присилна лиценца, името на судот кој ја издал и број на предметот, јасна назнака дека производот е наменет исклучиво за извоз и дистрибуција во однос на земјата увозничка или земјите увознички и детални податоци во врска со производот за потребите на царинските органи на Република Македонија.

(3) Присилна лиценца се издава за задоволување на потребите на домашниот пазар освен ако во судска постапка на издавање не се докаже дека е во спротивност со заштита на конкуренцијата на пазарот.

(4) Ако производот за кој во Република Македонија е издадена присилна лиценца е заштитен со патент во земјата увозничка наведена во барањето, производот може да биде извезен само ако таа земја издала присилна лиценца за увоз, продажба и /или дистрибуција на тој производ.

(5) Условите под кои е издадена лиценцата не влијаат на начинот на дистрибуција во земјата увозничка.

Постапка за издавање присилна лиценца

Член 109

(1) Во текот на одлучувањето по барањето за издавање присилна лиценца, судот проверува дали:

1) секоја земја увозничка наведена во барањето која е членка на СТО испратила известување до СТО во согласност со Одлуката, односно дали секоја земја увозничка наведена во барањето која не е членка на СТО го известила Министерството за економија во согласност со одредбите на овој член за секој производ од барањето незвисно од можноста која ја имаат најмалку развиените земји во согласност со Одлуката;

2) количеството на производот наведено во барањето да не го надминува она за кое земјата увозничка како членка на СТО, го известила СТО, односно Министерството за економија;

3) вкупното количество производи за кои е дозволено производство во однос на која било земја увозничка значително не го надминува количеството за кое таа земја пратила известување до СТО, односно до Министерството за економија, земајќи ги во предвид другите издадени присилни лиценци;.

(2) Во одлуката на судот се наведуваат дејствијата за чие производство се овластува подносителот на барањето, а кои се неопходни за производство, за извоз и дистрибуција во земјата односно во земјите наведени во барањето.

(3) Во одлуката на судот се наложува производите да бидат јасно означени со посебни етикети или ознаки дека се произведени врз основа на присилна лиценца така што ќе се разликуваат од оние што ги произведува носителот на правото и тоа со посебно пакување и/или посебни бои и облици, ако таквата разлика е возможна и нема големо влијание на цената.

(4) Судот во одлуката му наложува на примателот на лиценцата пред испораката во земјата увозничка на веб-страницата да стави податоци за количеството на приоизводите со кои ги снабдува земјите увознички со производите добиени со присилната лиценца како и за начинот и видот на обележување на тие производи, и за адресата на таа страница да го информира Министерството за економија и Министерството за здравство.

(5) Судот може врз основа на предлогот за осигурување на докази поднесен од носителот на правото да изрече мерка да се изврши увид во работните книги и другите документи за прием на лиценца, исклучиво заради проверка дали се исплонуваат сите обврски од одлуката за издавање присилна лиценца, особено заради проверка на конечното одредиште на производот при што работните книги и докумети мора да содржат доказ за извозот на производот, во облик на извозна декларација која ја проверила царината, како и доказ за увозот.

Надоместок

Член 110

(1) Во одлуката судот му наложува на подносителот на барањето да му плати надоместок на носителот на правото, кој се утврдува во случај на сериозна опасност по здравјето на луѓето или други околности на крајна нужда или во случај на јавна некомерцијална употреба утврдена со членот 31 (б) на ТРИПС Договорот.

(2) Надоместокот од ставот (1) на овој член изнесува најмногу 4% од вкупната цена која ја плаќаат земјите увознички или која се плаќа во нејзина корист.

(3) Со исклучок на ставот (2) на овој член, во сите други случаи надоместокот се утврдува земајќи ги во предвид економските вреднсти на употребата за која односната земја или земјите увознички се овластени со лиценцата, како и хуманитарните и некомерцијалните околности во врска со издавњето лиценца.

Одбивање на барањето за издавање присилна лиценца

Член 111

(1) Судот ќе го одбие барањето за издавање присилна лиценца доколку не ги содржи елементите потребни за одлучување или ако не се исполнети условите за издавање присилна лиценца од членовите 105 и 108 од овој закон.

(2) Судот нема да ја донесе одлуката од ставот (1) на овој член ако претходно не го повикал подносителот на барањето да се изјасни за причините поради кои судот не може да издаде присилна лиценца.

Престанување или повторно разгледување на присилна лиценца

Член 112

(1) Носителот на правото или примателот на лиценцата може со тужба да бара од судот да ја укине присилната лиценца ако утврди дека спротивната страна не ја почитува одлуката за издавање присилна лиценца.

(2) Во пресудата со која се одлучува за престанокот на присилна лиценца, судот ќе одреди рок во кој примателот на лиценцата е должен на свој трошок да ги пренамени сите производи кои се наоѓаат во негова сопственост или надлежност или да и дозволи на земјата увозник да го направи тоа или на друг начин ги отстрани, во договор со носителот на правото.

(3) Откако земјата увозничка ќе даде известување дека количеството на фармацевтските производи станала недоволна за задоволување на нејзините потреби, приметелот на лиценцата може со тужба да бара измена на условите за давање лиценца, заради производство и извоз на дополнителни количини на производи до нивото на потребите количини за задоволување на потребите на земја увозничка. Во такви случаи судот постапува итно. Ако побараното количество на производот не надминува 25%, од вкупното количество доделено со основната лиценца, не се применуваат одредбите од член 109 став (1) точка 1) од овој закон.

Известувања

Член 113

(1) Судот преку Министерството за економија ќе го извести Советот на ТРИПС за правосилните пресуди за издавањето на присилна лиценца, условите под кои е издадена, нејзиното престанување и измена.

(2) Податоци кои се доставуваат се:

1) име и адреса на примателот на лиценца;

2) производ на кој се однесува;

3) обезбеденото количество;

4) земјата увозничка

5) траењето на лиценца

6) адреса на веб-страницата од членот 109 став (5) од овој закон.

Забрана за увоз

Член 114

(1) Во Република Македонија е забранет увозот на производите произведени врз основа на присилната лиценца, издадена во согласност со одредбите од овој закон заради слободно пуштање во промет, повторен увоз, суспензивни постапки или ставање во слободна зона или слободно складиште.

(2) Ставот (1) од овој член не се применува во случај на повторен извоз во земјата увозничка наведена во пријавата и идентификувана на пакувањето и придружната документација за производот, или ставање во постапка на царинско или транзитно складиште или во слободна зона или слободно складиште заради повторен извоз во земјата увозничка.

Работа на царината

Член 115

(1) Ако постои основа за сомневање дека производите произведени на основа на присилната лиценца издадена во согласност со одредбите на овој закон се увезени на подрајчето на Република Македонија, спротивно на одредбите од член 113став (1) од овој закон, царинските органи заради проверка ќе ги задржат конкретните производи толку колку што е потребно, но најмногу до 10 работни дена. Ако постојат посебни околности, царинските органи можат да одлучат за продолжување на рокот најмногу за дополнителни 10 работни дена.

(2) За задржувањето од ставот (1) на овој член, царинските органи, без одлагање, ќе го известат носителот на правото и производителот или извозникот на тие производи, и ќе го повикаат да достави а податоци и докази за производите.

(3) Ако царинските органи, во периодот на задржување, утврдат повреда на присилната лиценца, спротивно на забраната од членот 114 став (1) на овој закон, ќе ги запленат производите и ќе ги отстранат од прометот, во согласност со царинските прописи.

(4) Постапката за задржување и запленување е на трошок на увозникот, во согласност со царинските прописи. Солидарно со увозникот, за трошкоците одговара и секое друго лице кое се обидело да направи незаконски увоз.

(5) Ако се утврди дека со увозот на производи кои се задржани во согласност со одредбите од овој член е прекршена забраната од членот 114 став (1) на овој закон и ако се почитувани царинските прописи, царинските органи ќе ги пуштат производите во промет на териториаја на Република Македонија.

(6) Во врска со запленувањето и уништувањето производи во согласност со одредбите на овој член царинските органи ќе го известат Министерството за економија.

ПРИЈАВИ КОИ СЕ ПОДНЕСУВААТ СПОРЕД МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ

Пријави кои се поднесуваат преку Заводот како приемен завод во согласност со ДСП

Член 116

(1) На пријавите кои меѓународно се поднесуваат преку Заводот како приемен завод се применуваат одредбите од ДСП и одредбите од овој закон.

(2) Пријавите од став (1) на овој член се поднесуваат на англиски јазик.

(3) Содржината на пријавата и формата на барањето за пријавите од ставот (1) на овој член се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Пријави во кои Заводот е избран или назначен завод

во согласност со ДСП

Член 117

(1) На пријавите кои се поднесуваат до Заводот како избран или назначен завод се применуваат одредбите од ДСП и одредбите од овој закон.

(2) Содржината на пријавата и формата на барањето за пријавите од ставот (1) на овој член се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Пријави кои се поднесуваат во согласност со Договорот за проширувањ

Член 118

(1) На пријавите кои се поднесуваат во согласност со Договорот за проширување се применуваат одредбите на Договорот за проширување и одредбите на овој закон.

(2) Содржината на пријавата и формата на барањето за пријавите од ставот (1) на овој член се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Право кое се применува на европските пријави и европските патенти

Член 119

На европските патенти кои ги признал ЕПЗ во согласност со ЕПК и европските пријави поднесени во согласност со ЕПК за кои е побарана заштита во Република Македонија се применуваат одредбите на овој закон освен ако тоа не е поинаку определено со ЕПК.

Поднесување европски пријави

Член 120

(1) Европските пријави, освен европските разделени пријави, се поднесуваат на кој било јазик.

(2) Пријавата од став (1) треба да содржи јасна назнака дека се поднесува европска пријава.

(3) Одредбите од членовите 71, 72 и 73 се применуваат и на европските пријави кои се однесуваат на безбедноста и одбраната на Република Македонија.

Права од европските пријави

Член 121

(1) Европската пријава за која е побарана заштита во Република Македонија и на која и е утврден датум на поднесување во ЕПЗ има третман на уредна национална пријава на патент, без оглед на исходот од постапката.

(2) Европска пријава објавена во согласност со ЕПК за која е побарана заштита во Република Македонија има заштита според членот 301 став (5) од овој закон сметано од датумот на кој преводот на патентните барања на таа пријава е доставен до лицето кое го користи пронајдокот во Република Македонија.

Права од европските патенти

Член 122

(1) Европскиот патент за кој е побарана заштита во Република Македонија во согласност со ставовите од (2) до (4) на овој член ги има истите права од членот 89 на овој закон со националниот патент, сметано од датумот на признавањето во ЕПЗ.

(2) Носителот на европски патент е должен во рок од 3 месеци од датумот на објавата на признавањето во ЕПЗ кон пријавата за признавање на патент до Заводот

да достави и превод на македонски јазик на патентните барања и нацртите доколку пријавата содржи нацрти и да ги плати пропишаните такси и трошоци на постапката.

(3) Обврската и рокот од ставот (2) на овој член се применува и на европскиот патент кој се одржува со изменет обем на заштита како резултат на постапката на приговор пред ЕПЗ.

(4) Заводот ќе ги објави преводите од ставовите (2) и (3) на овој член во службеното гласило.

(5) Европските патенти кои се поднесени во согласност со ставот (2) на овој член се впишуваат во регистарот на Заводот и се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

(6) Ако носителот на европски патент во определениот рок не ги достави преводите од ставовите (2) и (3) или не ги плати таксите и трошоците на постапката, Заводот со решение ќе ја отфрли пријавата од ставот (2) на овој член.

Јазик на европските патенти

Член 123

(1) Ако преводот на патентните барања на македонски јазик од членовите 121 став (2) и 122 ставови (2) и (3) на овој закон дава заштита со намален обем во однос на заштитата на европската пријава или европскиот патент на јазикот на постапката, преводот на македонски јазик ќе се применува во сите постапки освен во постапката на приговор пред ЕПЗ.

(2) Подносителот односно носителот на европски патент може да ги достави корекциите на преводот од ставот (1) на овој член до завршување на постапката на признавањето пред ЕПЗ.

Одржување на европските патенти

Член 124

(1) За одржување на европските патенти во Република Македонија се плаќаат такси за секоја година која ја следи годината на објавата на признавањето на европскиот патент, но не подоцна од два месеци од датумот на објавата на признавањето на европскиот патент во согласност со ЕПК.

(2) На плаќањето на средствата за одржување од ставот (1) на овој член соодветно се применува членот 141 став (2) од ЕПК.

Конверзија во национална пријава

Член 125

(1) Европската пријава за која е побарана заштита во Република Македонија може да биде конвертирана во национална пријава ако истата се смета за повлечена во согласност со членот 77 став (5) од ЕПК или ако преводот на патентните барања во согласност со членот 14 став (2) од ЕПК не е поднесен во рокот од членот 90 став (3) од ЕПК.

(2) Подносителот на пријавата од ставот (1) на овој член е должен до Заводот да достави превод на пријавата на македонски јазик и да ги плати пропишаните такси и трошоци.

Напоредна заштита

Член 126

Ако европски патент и националниот патент имаат ист датум на поднесување или ако е побарано право на првенство и истиот датум му е признаен на истото лице или на неговиот правен следбеник, националниот патент нема правно дејство во обем во кој истиот пронајдок е опфатен со европскиот патент, сметано од датумот на кој истекол рокот за поднесување на приговор, а приговор не бил поднесен или од датумот на кој во постапка на приговор е донесена конечна одлука дека европскиот патент останува на сила.

ТРЕТ ДЕЛ

ИНДУСТРИСКИ ДИЗАЈН

Предмет на заштита

Член 127

(1) Со право на индустриски дизајн се штити дизајн кој е нов и има индивидуален карактер.

(2) Дизајн во смисла на ставот (1) на овој член е надворешен изглед на производот во целост или на негов дел кој е определен од неговите обележја, особено линиите, контурите, боите, обликот, текстурата и материјалите од кои производот е сочинет или украсен како и/или неговата орнаментација.

(3) “Производ”, во смисла на ставот (2) на овој член е индустриски или занаетчиски предмет, вклучително, помеѓу другото, и делови кои се наменети за спојување во сложен производ, пакување на производот, графичките симболи, типографските знаци, со исклучок на компјутерски програми.

(4)”Сложен производ”, во смисла на ставот (3) на овој член е производ кој е составен од повеќе делови што можат да бидат заменети така што овозможуваат расклопување и повторно составување на производот.

(5) Дизајнот применет на производот или содржан во производот кој сочинува составен дел на сложен производ, се смета дека е нов и има индивидуален карактер ако:

1) составниот дел што е вграден во сложениот производ останува видлив за време на нормална употреба на сложениот производ; и

2) видливите карактеристики на составниот дел ги исполнуваат условите на новост и индивидуален карактер.

(6) Под “нормална употреба” во смисла на ставот (5) точка 2) се подразбира употреба од страна на крајниот корисник, исклучувајќи го одржувањето, сервисирањето или поправката на производот.

Новост на дизајнот

Член 128

(1) Дизајнот се смета за нов ако идентичен дизајн не и станал достапен на јавноста пред денот на поднесување пријава за признавање на тој дизајн или ако е побарано право на првенство пред датумот на побараното првенство, или ако не постои порано поднесена пријава за признавање на идентичен дизајн.

(2) Дизајнот се смета за идентичен и тогаш кога се разликува во небитни делови.

Индивидуален карактер

Член 129

(1) Се смета дека дизајнот има индивидуален карактер ако вкупниот впечаток кој го остава на информираниот корисник се разликува од вкупниот впечаток кој на таквиот корисник го остава кој било дизајн кој и станал достапен на јавноста пред датумот на поднесување на пријавата за индустриски дизајн или ако е побарано право на првенство пред датумот на признаеното право на првенство.

(2) Во оценување на индивидуалниот карактер на дизајнот мора да се земе предвид степенот на слободата која авторот ја имал при создавање на дизајнот.

Откривање на дизајнот

Член 130

(1) Се смета дека дизајнот ­ станал достапен на јавноста, во смисла на членот 128 став (1) од овој закон ако е објавен, изложен, користен во прометот или на друг начин откриен пред датумот на поднесување на пријава за признавање на дизајнот или датумот на првенство доколку е побарано, освен ако од оправдани причини откривањето не можело да биде познато во редовното работење во специјализираните области во Република Македонија, пред датумот на поднесување на пријавата за индустриски дизајн или ако е побарано право на првенство, пред датумот на првенството.

(2) Не се смета дека дизајнот ­ станал достапен на јавноста во смисла на ставот (1) на овој член, доколку:

1) е откриен од трето лице под јасни или претпоставени услови на тајност.

2) е откриен од страна на дизајнерот, неговиот правен следбеник или трето лице врз основа на информации или активности преземени од нив за време од 12 месеци, пред датумот на поднесување на пријавата за индустриски дизајн или ако е побарано право на првенство, од датумот на првенството.

Дизајн условен од техничките функции

и дизајн на поврзани елементи

Член 131

(1) Со индустриски дизајн не може да се заштити дизајнот:

1) кој исклучиво е одреден од техничките функции на производот; или

2)кој мора да биде репродуциран во својот точен облик и димензии за да може производот во кој е содржан или на кој се применува дизајнот да биде механички поврзан со друг производ или сместен во, до или околу друг производ за да можат двата производа да ја извршуваат својата функција.

(2) Доколку се исполнети условите од членовите 128 и 129 од овој закон, без оглед на одредбата од ставот (1) точка (2) на овој член, може да се заштити дизајн кој овозможува повеќекратно составување или поврзување на меѓусебно заменливи производи во модуларен систем.

Апсолутни причини за одбивање

Член 132

(1) Со право на индустриски дизајн не може да се заштити дизајн кој:

1) не е во согласност со членот 127 став (2) на овој закон;

2) е спротивен на јавниот поредок или на моралот;

3) претставува технички план или скица;

4) претставува исклучиво картографско или фотографско дело;

5) содржи државен или друг јавен грб, знаме или амблем, назив или кратенка на називот на некоја меѓународна организација, освен со дозвола од надлежниот орган на односната држава или организација;

6) кој содржи или имитира лик или име на историска или умрена знаменита личност од Република Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа.

7) кој содржи или имитира име, облик или друг препознатлив дел на заштитено културно наследство на Република Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа.

(2) Надлежен орган за давање на дозволата од ставот (1) точки 5) и 6) на овој член за Република Македонија е Министерството за правда, а за издавање на дозволата од ставот (1) точка 7), надлежен орган е Управата за заштита на културното наследство.

Релативни причини за одбивање

Член 133

(1) Со право на индустриски дизајн не може да се заштити дизајн:

1) кој не е нов во смисла на членот 128 од овој закон;

2) кој нема индивидуален карактер во смисла на членот 129 од овој закон;

3) кој не може да се заштити во согласност со член 131 од овој закон;

(2) Со индустриски дизајн не може да се заштити дизајн со кој се повредуваат претходно стекнатите права на:

1) носителот на порано заштитено право од индустриска сопственост;

2) лицето кое има авторско право на дело кое е идентично или слично со дизајнот.

(3) На причините за исклучување од заштитата на правото на индустрискиот дизајн во согласност со ставот (1) точка 4) од овој член, може да се повикува само подносителот на порано поднесена пријава или носителот на порано стекнатото право.

(4) Порано пријавен индустриски дизајн ќе биде причина за одбивање само доколку биде регистриран.

Подносител на пријавата

Член 134

(1) Постапка за стекнување на правото на индустриски дизајн, може да поведе авторот или неговиот правен следбеник.

(2) Ако дизајнот е креација на повеќе автори тогаш правото на поведување на постапка од ставот (1) на овој член имаат сите автори или нивните правни следбеници .

(3) Ако пријавата за индустриски дизајн не е поднесена од авторот се смета дека е поднесена во согласност со ставот (1) на овој член, сé додека не се докаже спротивното.

(4) Пријава за индустриски дизајн може да поднесе и нарачателот ако дизајнот е направен врз основа на договорот за нарачка, освен ако со договорот не е одредено поинаку.

(5) Пријава за индустриски дизајн може да поднесе и работодавачот ако дизајнот е направен од вработен во рамки на извршувањето на работните обврски, следејќи ги упатствата од работодавачот, освен ако со договорот за работа не е одредено поинаку.

Автор

Член 135

(1) Автор е физичко лице кое го создало дизајнот со својот креативен труд.

(2) Не се смета за автор оној кој во создавањето на дизајнот пружал само техничка помош.

Правен следбеник

Член 136

(1) Правен следбеник на авторот е правно или физичко лице чие стекнување на правото на индустриски дизајн се темели врз закон, правна работа, наследување и судска одлука.

Поведување постапка

Член 137

(1) Постапката за признавање на правото на индустриски дизајн се поведува со поднесување пријава за индустриски дизајн до Заводот.

(2) Постапката за признавање на правото на индустриски дизајн може да се поведе и со поднесување пријава во согласност со Хашкиот договор.

(3) Постапката за меѓународно регистрирање на индустриски дизајн, во согласност со одредбите од Хашкиот договор, се поведува со поднесување пријава за меѓународно регистрирање на индустриски дизајн директно до Меѓународното биро на Светската организација за интелектуална сопственост.

Единственост на дизајнот

Член 138

(1) За секој дизајн за кој се бара заштита се поднесува одделна пријава.

(2) Со една пријава за признавање на право на индустриски дизајн, може да се бара заштита на повеќе дизајни на производи (повеќекратна пријава).

(3) Ако е поднесена повеќекратна пријава, сите дизајни од пријавата мора да се наменети за да се применуваат на производи класифицирани во иста класа според Локарнската класификација.

(4) Повеќекратната пријава може да содржи најмногу сто дизајни.

Право на првенство

Член 139

(1) Од денот на приемот на уредна пријава на индустриски дизајн во Заводот, подносителот на пријавата на индустриски дизајн има право на првенство спрема секое друго лице кое за истиот дизајн ќе поднесе пријава.

(2) Исклучок од ставот (1) на овој член е кога се исполнети условите за поднесување пријава за индустриски дизајн предвидени во членовите 140 и 141 на овој закон.

 

Саемско право на првенство

Член 140

(1) Лицето кое на официјално признаена изложба или саем од меѓународен карактер во Република Македонија или во друга земја членка на Париската унија или на СТО изложи дизајн, може во рок од три месеци од денот на затворањето на изложбата (саемот) со пријава да побара право на првенство од првиот ден на изложувањето, односно од денот на употребата.

(2) Кон пријавата од ставот (1) на овој член мора да се поднесе писмена потврда од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО дека е

44

во прашање официјално признаена изложба (саем) во смисла на Конвенцијата за меѓународни изложби со назначување на податоците за видот на изложбата или саемот, местото на нејзиното одржување, денот на отворањето и денот на затворањето, односно за денот на употребата.

(3) Со признавање на правото на првенство од овој член, не се продолжуваат роковите од членот 141 на овој закон.

 

Униско право на првенство

Член 141

(1) На правно или на физичко лице кое во некоја од земјите членки на Париската унија или на СТО поднело уредна пријава за индустриски дизајн ќе му се признае право на првенство во Република Македонија од денот на поднесувањето на првата пријава ако тоа го побара во рок од 6 месеци од денот на поднесувањето на првата пријава.

(2) За уредна пријава од ставот (1) на овој член се смета пријавата чиј датум на поднесување е утврден во согласност со националното законодавство на земјата членка на Париската унија или на СТО во која е поднесена или во согласност со меѓународните договори склучени меѓу земјите членки на Унијата, без оглед на подоцнежната правна судбина на пријавата.

Обврски на подносителот на пријавата со униско првенство

Член 142

(1) Подносителот на пријавата на индустриски дизајн што е со намера да го користи правото на првенство од членот 141 на овој закон, е должен во пријавата поднесена во Република Македонија да ги наведе сите податоци за пријавата на која се повикува и во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето за признавање на правото на првенство да приложи препис на првата пријава, заверена од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО во која е поднесена првата пријава.

Повеќекратно право на првенство

Член 143

(1) Подносителот на пријавата на индустриски дизајн може да се повика на повеќекратно право на првенство врз основа на повеќе претходно поднесени пријави во една или повеќе земји членки на Париската унија или на СТО.

(2) Ако подносителот на пријавата се повикува на повеќекратно право на првенство, роковите кои според овој закон почнуваат да течат од датумот на признаеното право на првенство, се сметаат од најраниот датум на повеќекратното право на првенство.

Уверение за право на првенство

Член 144

(1) Заводот на барање на подносителот на пријавата издава уверение за право на првенство кое се смета од датумот утврден како датум на поднесување на пријавата на индустриски дизајн.

(2) Содржината на барањето и содржината на уверението за правото на првенство се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Содржина на пријавата

Член 145

(1) Пријавата на индустриски дизајн мора да содржи:

1) барање за признавање на правото на индустриски дизајн;

2) податоци за подносителот на пријавата;

3) приказ на дизајнот за кој се бара заштита

(2) Кон пријавата од став (1) на овој член се доставуваат и други состојки и прилози.

(3) Ако е поднесено барање за одложување на објавувањето на пријавата за дводимензионалниот индустриски дизајн во смисла на членот 155 став (1) од овој закон, кон барањето можат да бидат приложени и примероци на предметот на кој дизајнот е применет наместо прикази на дизајнот.

(4) Содржината и формата на пријавата и другите состојки и прилози кон пријавата, подетално се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Датум на поднесување на пријавата

Член 146

(1) Ако пријавата ја нема содржината предвидена во членот 145 став (1) на овој закон, Заводот ќе го извести подносителот дека неговата пријава не е уредна и не може да му се признае датумот на поднесување.

(2) Ако за пријавата на индустриски дизајн не може да се признае датумот на поднесување, Заводот ќе го повика подносителот во рок од 30 дена од приемот на повикот да ги отстрани утвдените недостатоци во согласност со членот 145 став (1) од овој закон.

(3) Ако подносителот ги отстрани недостатоците во предвидениот рок, Заводот ќе го утврди датумот на поднесување на пријавата.

(4) Како датум на поднесување ќе се смета датумот на кој подносителот ги отстранил утврдените недостатоци и постапил во согласност со известувањето, во смисла на член 145 став 1 на овој закон.

(5) Ако подносителот во рокот од ставот (2) на овој член, не ги отстрани недостатоците, ќе се смета дека пријавата е повлечена и ќе се донесе заклучок за запирање на постапката.

Впишување во регистарот на пријави

Член 147

(1) Пријавата на индустриски дизајн се впишува во регистарот на пријави на индустриски дизајни.

(2) Содржината и начинот на водење на регистарот на пријавите на индустриски дизајн и изводот од регистарот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Поделба на повеќекратна пријавата

Член 148

(1) Повеќекратната пријава на индустриски дизајн може, на барање на подносителот на пријавата, во текот на постапката за признавање на правото на индустрискиот дизајн да се подели во две или повеќе пријави.

(2) Поделбата на пријавата на индустриски дизајн е дозволена до донесувањето на решението за признавање на правото на индустриски дизајн.

(3) Пријавата на индустриски дизајн настаната со поделба на повќекратната пријава го задржува датумот на поднесување на првата пријава и правото на првенство доколку е побарано.

(4) Содржината на барањето за поделба на пријавата на индустриски дизајн се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Уредна пријава

Член 149

Пријавата на индустриски дизајн е уредна доколку е:

1) составена така што ги содржи сите потребни состојки и прилози предвидени во членот 145 на овој закон и пропис кој го донесува директорот на Заводот;

2) приложено уредно полномошно, доколку пријавата е поднесена преку застапник;

3) доставен превод на пријавата на македонски јазик, ако пријавата е составена на странски јазик;

3) уплатена пропишана такса за пријава и доставен доказ за извршена уплата.

Формално испитување на пријавата

Член 150

(1) По уписот на пријавата на индустриски дизајн во регистарот на пријави, Заводот испитува дали е уредна во смисла на членот 149 на овој закон.

(2) Ако утврди дека пријавата на индустриски дизајн не е уредна, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата во рок кој не може да биде подолг од 60 дена, сметајќи од денот на приемот на известувањето, да ги отстрани утврдените недостатоци.

(3) На образложено барање на подносителот на пријавата, рокот од ставот (2) на овој член може од оправдани причини да се продолжи најмногу уште за 60 дена.

(4) Ако подносителот на пријавата во пропишаниот рок не ги отстрани недостатоците од ставот (2) на овој член, Заводот со решение ја отфрла пријавата.

(5) Кога подносителот во пријавата се повикува на прилози кои не се содржани во пријавата, Заводот го известува подносителот на пријавата да ги достави во предвидениот рок.

(6) Доколку подносителот не постапи по известувањето од ставот (5) на овој член, се смета дека прилозите не постојат.

(7) Ако подносителот на пријавата во пропишаниот рок ја уреди пријавата, се смета дека пријавата е уредно поднесена.

Испитување на условите за признавање на правото

Член 151

Ако пријавата е уредна во смисла на членот 149 на овој закон, Заводот испитува дали се исполнети условите за признавање на правото на индустриски дизајн.

Решение за одбивање на пријавата

Член 152

(1) Ако пријавениот индустриски дизајн не може да се признае поради некои од причините наведени во членот 132 на овој закон, Заводот донесува решение за целосно или делумно одбивање на пријавата.

(2) Заводот не може да донесе решение за одбивање на пријавата на индустриски дизајн ако претходно, по писмен пат, не го запознал подносителот на пријавата за причините поради кои не може да се признае бараното право, односно не може да го признае правото во бараниот обем и ако не го повикал подносителот на пријавата во примерен рок да се изјасни за тие причини.

(3) Рокот од ставот (2) на овој член може, на образложено барање од подносителот на пријавата, да се продолжи до шест месеци.

(4) Подносителот на пријавата при изјаснувањето не може дополнително да го менува дизајнот.

Плаќање трошоци

Член 153

(1) Ако пријавата на индустриски дизајн ги исполнува условите во смисла на членот 149 на овој закон и ако дизајнот не е исклучен од заштита во смисла на членот 132 од овој закон, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата, во определен рок кој не може да биде подолг од 30 дена, да ги плати трошоците за објавување на податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот.

(2) Ако подносителот не ги плати трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот ќе донесе решение со кое ќе ја отфрли пријавата.

Објавување на пријавата на индустриски дизајн

Член 154

(1) Ако подносителот постапи во согласност со членот 153 став (1) на овој закон, Заводот најдоцна во рок од 90 дена ќе ги објави податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот.

(2) Податоците од пријавата кои се објавуваат во службеното гласило на Заводот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Одложување на објава на пријавата на индустриски дизајн

Член 155

(1) Подносителот на пријавата на индустриски дизајн може, истовремено со поднесување на пријавата, да бара одложување на објавата за време од 12 месеци, сметајќи од датумот на поднесување на пријавата или ако е побарано право на првенство, од датумот на правото на првенство.

(2) Ако е побарано одложување на објавата на индустрискиот дизајн, во службеното гласило на Заводот ќе се објават податоците од пријавата, на начин утврден со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(3) Во случај од ставот (1) на овој член, Заводот по истекот на рокот за одложување на објавата на индустрискиот дизајн или на кој било претходен датум кој е наведен во барањето на подносителот на пријавата, ќе го повика подносителот во рок од 30 дена да достави фотографии или графички приказ на дизајнот од пријавата, во смисла на членот 145 став (1) точка 3 и да ги плати трошоците од членот 153 став (1) на овој закон.

(4) Ако подносителот не постапи во согласност со известувањето од ставот (3) на овој член, пријавата со решение се отфрла.

(5) Ако се работи за повеќекратна пријава, ставот (1) и ставот (3) на овој член, можат да се применат и само на некои од дизајните содржани во таа пријава.

Приговор

Член 156

(1) Приговор на објавената пријава на индустриски дизајн до Заводот во рок од 90 дена, сметајќи од денот на објавата, може да поднесе:

1) подносител на порано пријавен индустриски дизајн и носител на порано признаено право на индустрски дизајн;

2) носител на поранешното право на индустриска сопственост, ако предметот на тоа право е идентичен или сличен со објавениот индустриски дизајн;

3) лице кое има авторско право на дело кое е идентично или слично со објавениот индустриски дизајн; и

4) заинтересирано лице кое смета дека објавениот индустриски дизајн не ги исполнува барањата за новост и индивидуален карактер или исклучиво е условен од функционалните карактеристики на производот во смисла на членот 133 став (1) на овој закон.

(2) Рокот за поднесување на приговорот пропишан во ставот (1) од овој член не може да се продолжи.

(3) За секоја објавена пријава на индустриски дизајн се поднесува посебен приговор.

(4) Содржината на приговорот и начинот на поднесување се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Испитување на приговорот

Член 157

(1) Заводот проверува дали приговорот е поднесен од лице кое има право на поднесување на приговор во смисла на членот 156 став (1) на овој закон и дали приговорот е поднесен во пропишаниот рок.

(2) Ако не се исполнети условите од ставот (1) на овој член, Заводот донесува решение за отфрлање на приговорот.

(3) Ако се исполнети условите од ставот (1) на овој член, Заводот во рок од 15 дена од приемот го доставува приговорот до подносителот на пријавата на

индустриски дизајн и го повикува во рок кој не може да биде подолг од 60 дена да се изјасни за причините наведени во приговорот.

(4) Ако подносителот на пријавата во предвидениот рок од ставот (3) на овој член не се изјасни за причините наведени во приговорот, Заводот ќе одлучи врз основа на наводите во приговорот.

Одлучување по приговорот

Член 158

(1) Ако подносителот на пријавата на индустриски дизајн се изјасни за причините наведени во приговорот и достави одговор по приговорот, Заводот ја испитува основаноста на приговорот, земајќи ги во предвид причините по приговорот и одговорот на приговорот.

(2) Ако Заводот утврди дека приговорот е неоснован, приговорот се одбива со решение кое се доставува до подносителот на пријавата и до подносителот на приговорот.

(3) Ако Заводот утврди дека приговорот е основан, донесува решение за одбивање на пријавата кое му се доставува на подносителот на пријавата и на подносителот на приговорот.

Донесување одлука и упис во Регистарот на индустриски дизајни

Член 159

(1) Ако не е поднесен приговор во утврдениот рок или ако приговорот е одбиен, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата во рок од 30 дена, од денот на приемот на известувањето да ја плати таксата за одржување за првите пет години на важењето на индустрискиот дизајн, трошоците за објавување во гласилото на Заводот и трошоците за издавање исправа на индустриски дизајн.

(2) Ако подносителот на пријавата во определениот рок ги плати таксите и трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот донесева решение за признавање на правото на индустриски дизајн и признаеното право ќе го запише во регистарот за индустриски дизајни.

(3) Ако подносителот на пријавата во предвидениот рок не ги плати пропишаните такси и трошоци од ставот (1) на овој член, Заводот со решение ја отфрла пријавата.

(4) Содржината и начинот на водење на регистарот на индустриски дизајн и изводот од регистарот се утврдуваат со пропис кој го денесува директорот на Заводот.

Впишување промени во регистрите

Член 160

(1) Во Регистарот на пријави на индустриски дизајн и во регистарот на индустриски дизајни се впишуваат промени кои се однесуваат на подносителот на пријавата, носителот на правото и на самото право.

(2) Промените кои се впишуваат во Регистарот на пријави на индустриски дизајн по објавувањето на пријавата и промените кои се впишуваат во Регистарот на индустриски дизајн се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

(3) Промените кои се впишуваат, содржината и формата на барањето и постапката за впишување на промените се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Обем на заштита

Член 161

(1) Обемот на заштита на индустрискиот дизајн е определен со карактеристиките на дизајнот дадени во приказот и кои се поддржани во описот доколку постои.

(2) Заштитата која произлегува од правото на индустриски дизајн го опфаќа дизајнот во обем во кој на информираниот корисник не му остава поинаков вкупен впечаток.

(3) При оценувањето на обемот на заштита се зема предвид слободата на дизајнерот која дизајнерот ја имал при создавањето на дизајнот.

Стекнување право на индустриски дизајн

Член 162

(1) Правото на индустриски дизајн се стекнува со денот на донесување на решението за признавање на правото и со упис во регистарот.

(2) Датумот на упис во регистар е ист со датумот на донесување на решението за признавање на индустрискиот дизајн.

Објавување на индустрискиот дизајн

Член 163

(1) Податоците за индустрискиот дизајн се објавуваат во службеното гласило на Заводот најдоцна во рок од 90 дена од датумот на запишувањето на индустрискиот дизајн во регистарот.

(2) Податоците кои се објавуваат во службеното гласило на Заводот, се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Исправа за индустриски дизајн

Член 164

(1) На носителот на индустрискиот дизајн Заводот му издава исправа најдоцна во рок од шест месеци од датумот на донесувањето на решението за признавање на правото на индустрискиот дизајн.

(2) Содржината на исправата за индустриски дизајн се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Морални права на авторот на индустрискиот дизајн

Член 165

(1) Авторот, независно од тоа дали е подносител на пријавата или носител на правото, секогаш има право да биде наведен како автор на индустрискиот дизајн во сите документи и јавни објавувања.

(2) Моралното право на авторот е непреносливо.

(3) Ако повеќе автори учествувале во креацијата на индустрискиот дизајн, сите автори имаат еднакви права независно од придонесот во изработката на индустрискиот дизајн, така што сите мораат да бидат наведени.

Исклучиви права

Член 166

(1) Носителот на индустриски дизајн има исклучиво право да го користи индустрискиот дизајн и да забрани трети лица да го користат индустрискиот дизајн без негова согласност.

(2) Користењето, во смисла на ставот (1) од овој член опфаќа посебно изработка, понуда, ставање во промет, извоз, увоз или користење на производот во кој дизајнот е содржан или на кој дизајнот е применет или складирање на таквите производи за определени цели.

(3) Ако објавата на индустрискиот дизајн е одложена во смисла на членот 155 на овој закон, за време на траењето на одложената објава носителот има право да спречи трети лица во преземање работи од ставот (2) на овој член, само ако тоа користење е резултат на копирање на индустрискиот дизајн.

Исклучок од повреда на правото на индустриски дизајн

Член 167

Не се смета за повреда на исклучивите права на носителот на индустриски дизајн доколку производи изработени според индустрискиот дизајн се употребени во конструкција или опрема за бродови, авиони или копнени возила кои припаѓаат на некоја од земјите на Париската унија или на СТО кога тоа превозно средство привремено или случајно ќе се најде на територијата на Република Македонија, под услов вградениот производ да служи исклучиво за потребите на тоа превозно средство.

Ограничување на исклучивите права

од индустриски дизајн

Член 168

Исклучивите права од членот 166 на овој закон не се применуваат на користење на индустрискиот дизајн за:

1) приватни и некомерцијални цели;

2) известување на јавноста или за цели на образованието, ако е тоа во согласност со добрите деловни обичаи и не им штети на интересите на носителот на правото и авторот;

3) експериментални и научни цели.

Право по основ на претходно користење

Член 169

(1) Носителот на правото не може да се повика на исклучиви права спрема трето лице кое го користело истиот дизајн на производот или ги извршило сите подготовки за користење на истиот дизајн на производот пред денот на поднесувањето на пријавата во Заводот или пред стекнатото право на првенство, ако е побарано, под услов третото лице да го изработило производот без знаење за постоење на индустриски дизајн кој во тоа време не и бил достапен на јавноста.

(2) Трето лице не може да го користи дизајнот од ставот (1) на овој член на начин кој ги преминува границите на редовни производствени дејности.

(3) Лицето кое има право по основ на претходно користење не може да дава лиценца на трето лице за користење на дизајнот.

(4) Правото на претходно користење не може да се пренесува освен ако заедно со правото на пренос се пренесува и претпријатието или работилницата во кое е подготвено односно започнало користењето на тој дизајн.

Трпење на употреба

Член 170

(1) Носителот на порано признаениот индустриски дизајн нема да има право да бара поништување на подоцна признаениот индустриски дизајн врз основа на своето право на првенство, ниту да забрани употреба на подоцна признаениот ист или сличен индустриски дизајн, ако за време од пет години свесно ја трпел таа употреба, освен ако подоцна признаениот индустриски дизајн е заштитен несовесно.

(2) Носителот на подоцна признаениот индустриски дизајн нема право да му забрани употреба на носителот на претходно признаениот индустриски дизајн.

Исцрпување на правото

Член 171

Носителот на правото на индустриски дизајн нема право да го забрани прометот на производи на кои е применет дизајнот ако тој самиот ги ставил на домашниот пазар или тие се ставени на пазарот со негово одобрение, освен ако дошло до промена на карактерот на дизајнот.

Важење на индустрискиот дизајн

Член 172

(1) Индустрискиот дизајн важи пет години од денот на поднесување на приајавата.

(2) Важењето на индустрискиот дизајн може да се продолжува за периди од по пет години, но не повеќе од 25 години.

(3) Носителот на индустрискиот дизајн поднесува барање за продолжување на важењето во текот на последната година од важењето на заштитата и приложува доказ за уплатена пропишана такса и тошоци на постапката за продолжување.

(4) Барање за продолжување може да се поднесе и во рок од шест месеци по истекот на важењето, со плаќање дополнителна такса.

(5) Новото важење на заштитата започнува да тече наредниот ден по истекот на претходниот период на важење, се запишува во регистарот и се објавува во службеното гласило на Заводот.

(6) Формата и содржината на барањето за продолжување се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Престанок на важење на правото на индустриски дизајн

Член 173

(1) Правото на индустриски дизајн престанува да важи:

1) ако истече рокот на важење на индустрискиот дизајн во согласност со членот 172 на овој закон;

2) врз основа на писмена изјава на носителот на правото со која се одрекува од правото на индустрискиот дизајн и тоа наредниот ден од денот на поднесувањето до Заводот и

3) ако правното лице кое е носител на правото на индустриски дизајн престанало да работи – со денот на престанувањето, односно ако физичкото лице кое е носител на правото на индустриски дизајн умрело – со денот на смртта, или ако исчезнато лице кое е носител на правото на индустриски дизајн е прогласено за умрено – со денот на правосилноста на решението, освен ако тоа право поминало врз правните следбеници на правното лице, односно врз наследниците на физичкото лице.

(2) Престанувањето на важењето на правото на индустрискиот дизајн се запишува во Регистарот за индустриски дизајн.

Права на трети лица

Член 174

(1) Ако во регистарот на индустриски дизајн е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, носителот на индустриски дизајн, не може да се откаже од своите права без писмена согласност од лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право.

(2) Ако носителот на индустриски дизајн во определениот рок не ја плати пропишаната такса, а во регистарот е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, Заводот ќе го извести тоа лице дека таксата не е платена и дека може да ја плати во рок од шест месеци од денот на известувањето и со тоа да го задржи запишаното право.

(3) Во случај на спор за обезбедување на запишаните права на трето лице, судот може, ако тоа е неопходно за обезбедувањето на тие права, да одлучи правото на индустриски дизајн да се пренесе врз лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право, до обезбедување на побарувањата.

ЧЕТВРТИ ДЕЛ

ТРГОВСКА МАРКА

Предмет на заштитата

Член 175

(1) Со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот.

(2) Со трговска марка се штитат знаци подобни за разликување како што се: зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите напред наведени знаци.

(3) Зборовите и буквите од ставот (2) на овој член може да се напишат на кој било јазик и со кое било писмо.

Дистинктивност

Член 176

(1) Знакот е подобен за разликување доколку на стоките или услугите во споредба со истовидни или слични стоки или услуги им дава посебен, дистинктивен карактер.

(2) При оценувањето дали некој знак е подобен за разликување, се земаат предвид сите околности, а особено времето и обемот на неговата дотогашна употреба во прометот.

Апсолутни причини за одбивање

Член 177

(1) Со трговска марка не може да се заштити знак:

1) чие објавување или употреба е спротивна на јавниот поредок или на моралот;

2) кој не може графички да се прикаже;

3) кој не е дистинктивен, односно подобен за разликување на стоките и услугите во прометот;

4) кој го означува само видот на стоките, односно услугите, нивната намена, времето или начинот на производство, географското потекло, квалитетот, цената, количеството и тежината;

5) кој станал вообичаен во секојдневниот говор или во востановената трговска практика за означување на определен вид стоки, односно услуги;

6) кој се состои исклучиво од форма која произлегува од видот на стоките или форма на стоките потребна за постигнување на определен технички резултат, или форма која им дава суштествена вредност на стоките;

7) кој со својот изглед може да создаде забуна во прометот, а особено да го доведе во заблуда просечниот потрошувач во поглед на географското потекло, видот, квалитетот или другите својства на стоките или услугите;

8) кој содржи или се состои од географска ознака која служи за означување на вина или жестоки алкохолни пијалаци, доколку пријавениот знак се однесува на вина и жестоки алкохолни пијалаци кои не се од тоа географско подрачје;

9) кој содржи печат или штембил, официјални знаци или пунци за контрола и гаранција на квалитетот или ги имитира;

10) кој содржи државен или друг јавен грб, знаме или амблем, назив или кратенка на називот на некоја меѓународна организација, како и нивна имитација, во смисла на членот 6-тер од Париската конвенција, освен со дозвола на надлежниот орган на односната држава или организација;

11) кој го содржи називот или кратенката на називот, државниот грб, знамето, амблемот или друг службен знак на Република Македонија, како и нивна имитација, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа;

12) кој содржи или имитира лик или име на историска или умрена знаменита личност од Република Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа;

13) кој содржи или имитира име, облик или друг препознатлив дел на заштитено културно наследство на Република Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа;

14) кој содржи религиозни симболи или ги имитира.

(2) Знаците наведени под точките 3), 4), и 5) од ставот (1) на овој член може да се заштитат како трговска марка само доколку подносителот на пријавата докаже дека знакот стекнал дистинктивност со текот на долгогодишната употреба.

(3) Надлежен орган за давање на дозволата од ставот (1) точки 11) и 12) на овој член е Министерството за правда.

(4) Надлежен орган за давање на дозволата од ставот (1) точка 13) на овој член е Управа за заштита на културното наследство.

Релативни причини за одбивање

Член 178

(1) Со трговска марка не може да се заштити ниту знак:

1) кој е идентичен со порано пријавена или регистрирана трговска марка на друго лице за ист вид стоки или услуги, и

2) кој е идентичен или сличен со порано пријавена или регистрирана трговска марка на друго лице за ист или сличен вид стоки, односно услуги, доколку таа сличност може да создаде забуна кај просечниот потрошувач, вклучително и можност од асоцијација со порано пријавената или порано регистрираната трговска марка.

(2) Порано пријавената трговска марка ќе биде причина за одбивање во смисла на ставот (1) на овој член само доколку биде регистрирана.

(3) Под поимот “порано пријавена или регистрирана трговска марка” се подразбираат:

1) трговските марки кои уживаат право на првенство според одредбите на овој закон;

3) трговските марки кои во време на поднесување на пријавата на трговска марка за знакот од ставот 1 на овој член се добро познати во Република Македонија во рамките на значењето на членот 6-бис од Париската конвенција, односно членот 16(2) од ТРИПс Договорот.

2) порано меѓународно регистрираните трговски марки со дејство во Република Македонија, и

(4) Со трговска марка не може да се заштити ниту знак кој е идентичен или сличен со порано регистрирана трговска марка на друго лице, за стоки, односно

услуги кои не се идентични, ниту слични со стоките, односно услугите за кои знакот е пријавен, доколку порано регистрираната трговска марка има репутација во Република Македонија и доколку употребата на тој знак без оправдана причина би претставувала нелојална конкуренција или би му наштетила на дистинктивниот карактер или на репутацијата на трговската марка.

(5) Со трговска марка не може да се заштити ниту знак со кој се повредуваат порано стекнатите права на:

1) носителот на трговска марка регистрирана во некоја земја членка на Париската унија или на СТО, за која во Република Македонија неговиот застапник, односно претставник поднел пријава без негова согласност;

2) физичко лице чие име, презиме или лик е идентичен или сличен со објавениот знак;

3) носителот на порано заштитено право од индустриска сопственост, ако предметот на тоа право е идентичен или сличен со објавениот знак и

4) лицето кое има авторско право на дело кое е идентично или слично со објавениот знак.

(6) Со трговска марка не може да се заштити ниту знак кој е идентичен или сличен со трговската марка чија важност престанала поради поминатиот рок на важење, а носителот на правото во предвидениот рок не поднел барање за продолжување на важењето и не го платил пропишаниот надоместок, доколку пријавата на трговска марка е поднесена пред истекот на девет месеци, сметајќи од денот на престанокот на важноста на трговската марка, освен ако заштита на тој знак не бара носителот на чие име трговската марка била регистрирана, или неговиот правен следбеник.

(7) На причините за исклучување од заштитата со трговска марка според овој член може да се повикува само подносителот на порано поднесената пријава или носителот на порано стекнато право.

Подносител на пријава

Член 179

Постапка за стекнување на право на трговска марка може да поведе правно и физичко лице.

Поведување постапка

Член 180

(1) Постапката за признавање на трговска марка се поведува со поднесување пријава на трговска марка до Заводот.

(2) Постапката за признавање на правото на трговска марка може да се поведе и со поднесување пријава во согласност со Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол.

(3) За секој знак за кој се бара заштита со трговска марка се поднесува посебна пријава.

(4) Со една иста пријава на трговска марка за еден ист знак може да се бара заштита за повеќе производи и услуги.

Содржина на пријавата

Член 181

(1) Пријавата на трговска марка мора да содржи:

1) барање за признавање на правото на трговска марка;

2) податоци за подносителот на пријавата;

3) изглед на знакот за кој се бара заштита и

4) список на стоките и услугите за кои се бара заштита.

(2) Кон пријавата од став (1) на овој член се доставуваат и други состојки и прилози.

(3) Содржината и формата на пријавата и другите состојки и прилози кон пријавата подетално се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Датум на поднесување на пријавата

Член 182

(1) Ако пријавата ја нема содржината предвидена во членот 181 став (1) на овој закон, Заводот ќе го извести подносителот дека неговата пријава не е уредна и не може да му биде признаен датумот на поднесување.

(2) Ако за пријавата на трговска марка не може да се признае датумот на поднесување, Заводот ќе го повика подносителот во рок од 30 дена од приемот на повикот да ги отстрани утврдените недостатоци во согласност со членот 181 став (1) од овој закон.

(3) Ако подносителот ги отстрани недостатоците во предвидениот рок, Заводот ќе го утврди датумот на поднесување на пријавата.

(4) Како датум на поднесување ќе се смета датумот на кој поднодителот ги отстранил утврдените недостатоци, односно постапил согласно со известувањето, во смисла на членот 181 став (1) на овој закон.

(5) Ако подносителот во рокот од ставот (2) на овој член, не ги отстрани недостатоците, ќе се смета дека пријавата е повлечена и ќе се донесе заклучок за запирање на постапката.

Измени во пријавата на трговска марка кои не се дозволени

Член 183

Во пријавата на трговска марка на која и е утврден датумот на поднесување, не може дополнително да се измени знакот, ниту да се дополни списокот на производите, односно услугите.

Впишување на пријавата во регистарот на пријави на трговски марки

Член 184

(1) Пријавата на трговска марка се впишува во регистарот на пријави на трговски марки.

(2) Содржината и начинот на водење на регистарот на пријави на трговски марки и на изводот од регистарот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Поделба на пријавата на трговска марка

Член 185

(1) Пријавата на трговска марка, на барање на подносителот, во текот на постапката за признавање на правото на трговска марка може да се подели на две или повеќе пријави во однос на предложениот список на стоки и услуги.

(2) Разделените пријави го задржуваат правото на првенство од првата пријава.

(3) Барањето за поделба на пријавата е дозволено во случај кога подносителот во првата пријава има поднесено барање за заштита на еден знак за повеќе стоки или услуги од Меѓународната класификација на стоки и услуги.

(4) Барањето за поделба на пријавата може да се поднесе најдоцна до донесувањето на решението за признавање на правото на трговска марка.

(5) За поделбата на пријавата на трговска марка Заводот ќе донесе посебно решение и ќе ја впише разделената пријава на трговска марка во регистарот на пријави на трговски марки.

(6) Содржината на барањето за поделба на пријавата се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Право на првенство

Член 186

Ако пријавата на трговска марка е поднесена во согласност со членот 181 став (1) од овој закон, подносителот на пријавата стекнува право на првенство од датумот на поднесување на пријавата во однос на секој друг кој за идентичен или сличен знак и за идентични или слични производи или услуги подоцна ќе поднесе пријава.

Униско право на првенство

Член 187

(1) На правно или физичко лице кое во некоја од земјите членки на Париската унија или на СТО уредно поднело пријава, во Република Македонија ќе му се признае правото на првенство од денот на поднесувањето на првата пријава, ако тоа го побара во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на првата пријава.

(2) Тој што е со намера да го користи правото на првенство од ставот (1) на овој член, должен е во пријавата поднесена во Република Македонија да ги наведе сите податоци за пријавата на која се повикува (држава, датум и број на пријавата) и во рок од 90 дена од денот на поднесување на пријавата да приложи препис на првата пријава заверена од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО во која е поднесена првата пријава, како и превод на првата пријава на македонски јазик.

Саемско право на првенство

Член 188

(1) Лицето кое на официјално признаена изложба или саем од меѓународен карактер во Република Македонија или во некоја земја членка на Париската унија или на СТО изложи производи или услуги одбележани со определен знак, може во рок од три месеци од денот на затворањето на изложбата (саемот), со пријавата да побара право на првенство од првиот ден на излагањето на производите, односно давањето на услугите.

(2) Кон пријавата од ставот (1) на овој член мора да се поднесе писмена потврда од надлежниот орган на земјата членка на Париската унија или на СТО дека е во прашање официјално признаена изложба (саем), во смисла на Конвенцијата за меѓународни изложби со назначување на податоците за видот на изложбата (саемот), местото на нејзиното одржување, денот на отворањето и денот на затворањето и за првиот ден на излагањето на производите или услугите наведени во пријавата.

(3) Со признавање на правото на првенство од овој член, не се продолжуваат роковите од членот 187 на овој закон.

Уверение за право на првенство

Член 189

(1) Заводот на барање на подносителот на пријавата издава уверение за правото на првенство кое се смета од датумот утврден како датум на поднесување на пријавата на трговската марка.

(2) Содржината на барањето и на уверението за правото на првенство се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Редослед на постапување по пријавите

Член 190

(1) Пријавите на трговска марка се земаат во постапка според редоследот определен со датумот на нивното поднесување.

(2) По исклучок од одредбата од ставот (1) на овој член, пријавата може да се земе во постапка веднаш кога:

1) постои спор во врска со правото од пријавата;

2) е поднесен приговор на објавена пријава на трговска марка, а основот на приговорот е порано пријавена трговска марка и

3) во согласност со другите прописи е неопходно да се изврши предвремена регистрација на трговската марка.

(3) Во случаите од ставот (2) точки 1) и 3) на овој член, се поднесува барање за земање на пријавата во постапка веднаш и се плаќа такса.

Уредна пријава

Член 191

Пријавата на трговска марка е уредна доколку е:

1) составена така што ги содржи сите потребни состојки и прилози предвидени во членот 181 на овој закон и пропис кој го донесува директорот на Заводот;

2) приложено уредно полномошно, доколку пријавата е поднесена преку застапник и

3) уплатена пропишаната такса за пријава и доставен доказ за извршената уплата.

Формално испитување на пријавата

Член 192

(1) По уписот на пријавата на трговската марка во регистарот на пријави, Заводот испитува дали таа е уредна во смисла на членот 191 од овој закон.

(2) Ако утврди дека пријавата не е уредна, Заводот го повикува подносителот на пријавата во рок кој не може да биде подолг од 60 дена сметајќи од денот на приемот на повикот, да ги отстрани утврдените недостатоци.

(3) На образложено барање на подносителот на пријавата, рокот од ставот (1) на овој член може од оправдани причини да се продолжи најмногу уште за 60 дена.

(4) Ако подносителот на пријавата во пропишаниот рок ја уреди пријавата, ќе се смета дека пријавата била уредно поднесена.

(5) Ако подносителот на пријавата во определениот рок не ги отстрани сите недостатоци што бил должен да ги отстрани според ставот 1 на овој член, пријавата со решение ќе се отфрли.

Испитување на условите за признавање на правото

Член 193

Ако пријавата е уредна во смисла на членот 191 од овој закон, Заводот испитува дали се исполнети условите за признавање на правото на трговска марка.

Решение за одбивање на пријавата

Член 194

(1) Ако пријавениот знак не може да се признае во однос на сите или во однос на некои од наведените производи или услуги од причини наведени во членот 177 од овој закон, Заводот донесува решение за одбивање на пријавата.

(2) Решение за одбивање на пријавата Заводот не може да донесе ако претходно, по писмен пат, не го запознал подносителот на пријавата со причините поради кои не може да се признае бараното право, односно не може да се признае правото во бараниот обем и ако не го повикал подносителот на пријавата во примерен рок да се изјасни за тие причини.

(3) Ако пријавениот знак содржи елемент кој не е дистинктивен, ниту подобен за разликување на стоките, односно услугите во прометот и доколку вклучувањето на тој елемент може да предизвика сомневање во врска со обемот на заштитата на трговската марка, Заводот може да го повика подносителот на пријавата во примерен рок да поднесе писмена изјава дека не бара исклучиви права на тој елемент.

(4) Рокот од ставот (2) на овој член може, на образложено барање од подносителот на пријавата, да се продолжи најмногу до шест месеци.

Плаќање трошоци и објавување на пријавата

Член 195

(1) Ако пријавата на трговска марка ги исполнува условите од членот 191 на овој закон и ако знакот не е исклучен од заштита во смисла на членот 126 на овој закон, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата во определен рок кој не може да биде подолг од 30 дена да ги плати трошоците за објавување на податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот.

(2) Ако подносителот не ги плати трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот ќе донесе решение за отфрлање на пријавата.

(3) Ако подносителот постапи во согласност со ставот (1) од овој член, Заводот најдоцна во рок од 90 дена ќе ги објави податоците од пријавата во службеното гласило на Заводот.

(4) Податоците од пријавата кои се објавуваат во службеното гласило на Заводот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Укажувања од трети лица

Член 196

(1) По објавувањето на пријавата секое правно или физичко лице може, до Заводот да достави писмени укажувања во кои ќе ги образложи причините во смисла на членот 177 став (1) заради кои смета дека пријавениот знак не може да се признае.

(2) Лицата од ставот (1) на овој член не се странки во постапката.

(3) Укажувањата од ставот (1) на овој член Заводот ги доставува до подносителот на пријавата, кој може да достави одговор на укажувањата.

Приговор

Член 197

(1) Приговор на објавената пријава на трговска марка до Заводот во рок од 90 дена од денот на објавата може да поднесе:

1) подносителот на порано пријавената трговска марка и носителот на порано регистрирана трговска марка во смисла на членот 178 ставови од (1) до (4) на овој закон;

2) носителот на трговска марка регистрирана во некоја земја членка на Париската унија или на СТО, за која во Република Македонија неговиот застапник, односно претставник поднел пријава без негова согласност;

3) физичко лице чие име, презиме или лик е идентичен или сличен со објавениот знак;

4) носител на порано заштитено право од индустриска сопственост, ако предметот на тоа право е идентичен или сличен со објавениот знак и

5) лицето кое има авторско право на дело кое е идентично или слично со објавениот знак;

6) носителот на трговска марка чија важност престанала поради изминатиот рок на важење во смисла на членот 178 став (6) на овој закон.

(2) Рокот за поднесување приговор од ставот (1) на овој член не може да се продолжува.

(3) За секоја објавена пријава на трговска марка се поднесува посебен приговор.

(4) Содржината на приговорот и начинот за поднесување на приговорот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Испитување на приговорот

Член 198

(1) Заводот проверува дали приговорот е поднесен од лицето кое има право на поднесување приговор во смисла на членот 197 став (1) на овој закон и дали приговорот е поднесен во пропишаниот рок .

(2) Ако не се исполнети условите од ставот (1) на овој член, Заводот донесува решение за отфрлање на приговорот.

(3) Ако се исполнети условите од ставот (1) на овој член, Заводот го известува подносителот на пријавата на трговска марка за причините наведени во приговорот и го повикува во определен рок кој не може да биде подолг од 60 дена да се изјасни за наведените причини.

(4) Ако подносителот на пријавата во предвидениот рок од ставот (3) на овој член не се изјасни за причините наведени во приговорот, Заводот ќе одлучи врз основа на наводите во приговорот.

Одлучување по приговорот

Член 199

(1) Ако подносителот на пријавата се изјасни за причините наведени во приговорот, Заводот ја испитува оправданоста на приговорот, земајќи ги во предвид причините по приговорот и одговорот по приговорот.

(2) Ако Заводот утврди дека приговорот е неоснован, приговорот со решение се одбива.

(3) Решението од ставот (2) на овој член се доставува до подносителот на пријавата и до подносителот на приговорот.

(4) Ако Заводот во постапката на испитување на приговорот утврди дека приговорот е основан, ја одбива пријавата на трговска марка и за тоа му доставува решение на подносителот на пријавата и на подносителот на приговорот.

Донесување одлука и упис во регистарот на трговски марки

Член 200

(1) Ако причините предвидени во членот 177 став (1) и членот 178 ставови од (1) до (6) на овој закон не претставуваат пречка за признавање на правото на трговска марка, Заводот ќе го извести подносителот на пријавата дека се исполнети условите за признавање на правото и ќе го повика во рок од 30 дена да ја плати таксата за одржување на правото на трговската марка во важност за првиот десетгодишен период, трошоците за објавување на трговската марка во гласилото на Заводот и трошоците за издавање исправа на трговска марка.

(2) Ако подносителот на пријавата во определениот рок ги плати таксата и трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот ќе донесе решение за признавање на правото на трговска марка и признаеното право ќе го впише во регистарот на трговски марки.

(3) Ако подносителот на пријавата не ги плати таксата и трошоците од ставот (1) на овој член, Заводот ќе донесе решение со кое ќе ја отфрли пријавата.

(4) Содржината и начинот на водење на регистарот на трговски марки, како и содржината и формата на изводот од регистарот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Впишување промени во регистрите

Член 201

(1) Во регистарот на пријави на трговски марки и во регистарот на трговски марки се впишуваат промени кои се однесуваат на подносителот на пријавата, носителот на правото и на самото право.

(2) Промените кои се впишуваат во регистарот на пријави на трговски марки по објавувањето на пријавата и промените кои се впишуваат во регистарот на трговски марки се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

(3) Промените кои се впишуваат, содржината и формата на барањето и постапката за впишување на промените се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Стекнување право на трговска марка

Член 202

(1) Правото на трговска марка се стекнува со донесување решение за признавање на правото и со упис на трговската марка во регистарот.

(2) Датумот на уписот на трговската марка во регистарот е ист со датумот на донесување на решението за признавање на трговската марка.

Објавување на трговската марка

Член 203

(1) Податоците за трговската марка се објавуваат во службеното гласило на Заводот најдоцна во рок од 90 дена од датумот на запишување на трговската марка во регистарот.

(2) Податоците кои се објавуваат во службеното гласило на Заводот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Исправа за трговска марка

Член 204

(1) На носителот на правото на трговска марка, Заводот му издава исправа најдоцна во рок од шест месеци од датумот на донесувањето на решението за признавање на правото на трговска марка.

(2) Содржината на исправата за трговската марка се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Поделба на регистрираната трговска марка

Член 205

(1) Регистрираната трговска марка на барање на носителот може да се подели на две или повеќе трговски марки во однос на предложениот список на производи и услуги.

(2) Барањето за поделба на регистрираната трговска марка може да се поднесе во текот на целиот период на заштита.

(3) Разделените регистрирани трговски марки ги задржуваат сите права од првата регистрирана трговска марка.

(4) Барањето за поделба на регистрираната трговска марка е дозволено во случај кога носителот има заштитено една трговска марка за повеќе стоки или услуги од Меѓународната класификација на производи и услуги.

(5) За поделбата на регистрираната трговска марка Заводот ќе донесе посебно решение и ќе ја впише разделената трговска марка во регистарот на трговски марки.

(6) Содржината на барањето за поделба на регистрираната трговска марка се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Исклучиви права

Член 206

(1) Носителот на трговската марка има исклучиво право да ја користи марката во прометот за означување на своите стоки односно услуги.

(2) Носителот на трговската марка има право покрај трговската марка да го употребува симболот “®”.

(3) Носителот на трговската марка има право да забрани користење во прометот од страна на трети лица без негова согласност знак кој:

1) е идентичен со трговската марка за идентични производи или услуги;

2) е идентичен или сличен со трговската марка за идентични или слични производи или услуги доколку таквата сличност може да создаде забуна кај просечниот потрошувач, вклучително и можност од асоцијација меѓу знакот и трговската марка и

3) е идентичен или сличен со трговската марка за различни производи или услуги, доколку трговската марка има репутација во Република Македонија и доколку употребата на тој знак без оправдана причина претставува нелојална конкуренција или му штети на дистинктивниот карактер или репутацијата на трговската марка.

(4) Забраната од ставот (3) на овој член опфаќа и:

1) ставање на знакот на производите или на нивните пакувања;

2) давање услуги или пуштање во промет производи одбележани со тој знак или складирање на производи со таква намера;

3) увоз или извоз на производи под тој знак и

4) користење на знакот при кореспонденцијата, огласувањето и рекламирањето.

Ограничување на правото

Член 207

(1) Трговската марка не му дава право на носителот да им забрани на трети лица употреба во стоковиот промет на нивните имиња, презимиња, знаци или трговски имиња, адреси, престојувалишта, податоци кои се однесуваат на видот, квалитетот, количеството, намената, вредноста, географското потекло, датумот на производство на стоките или давањето услуги, или кое било друго обележје на стоките, без оглед на фактот што тие податоци се идентични или слични со трговската марка, или претставуваат нејзини делови, под услов да се користат во согласност со добрите деловни обичаи и да не доведуваат до нелојална конкуренција.

(2) Трговската марка не му дава право на носителот да им забрани на трети лица употреба во прометот на знак кој е идентичен или сличен со трговската марка ако е тоа потребно заради одбележување на намената на производите, особено на нивните резервни делови или видот на услугите кои се даваат под услов законот да се користи во согласност со добрите деловни обичаи и да не доведува до нелојална конкуренција.

Трпење на употребата

Член 208

(1) Носителот на порано регистрирана трговска марка нема да има право да бара поништување на подоцнежна трговска марка врз основа на своето поранешно право на првенство ниту да забрани употреба на подоцнежна трговска марка во однос на стоките и услугите за кои подоцнежната марка била користена, ако за време од пет

последователни години свесно ја трпел таа употреба, освен ако подоцнежната трговска марка е заштитена несовесно.

(2) Носителот на трговска марка со подоцнежно право на првенство нема право да му ја забрани нејзината употреба на носителот на порано регистрираната трговска марка.

Исцрпување на правото

Член 209

Носителот на правото на трговска марка нема право да забрани употреба на трговска марка за стоки или услуги кои тој сам ги ставил на домашниот пазар или тие се ставени на пазарот со негово одобрение, освен ако дошло до битни промени на стоките или до влошување на својствата, или промена на карактерот на стоките или услугите по нивното ставање во промет.

Репродукција на трговската марка во публикации

Член 210

Доколку репродукцијата на регистрираната трговска марка во речници, енциклопедии или слични публикации создава впечаток дека е генеричко име на производите или услугите за кои марката е регистрирана, издавачот на публикацијата, на барање на носителот на правото на регистрираната трговска марка, ќе овозможи во првото наредно издание на публикацијата, репродукцијата на трговската марка да биде придружена со ознака дека марката е регистрирана.

Важење на трговската марка

Член 211

(1) Трговската марка важи десет години од денот на поднесување на пријавата.

(2) Важењето на трговската марка може да се продолжува неограничен број пати и тоа за период од по десет години, под услов носителот на правото во текот на последната година од десетгодишното важење или најдоцна девет месеци од истекот на важењето до Заводот да поднесе барање за продолжување на важењето на трговската марка и да ги уплати соодветните такси и трошоци на постапката.

(3) Новиот период на заштита започнува наредниот ден по истекот на последниот ден на претходниот период на десетгодишната заштита.

(4) Кога барањето за продолжување на важењето на трговската марка опфаќа само дел од стоките односно услугите за кои трговската марка е регистрирана, важењето на трговската марка ќе се продолжи само за тие стоки, односно услуги.

(5) Содржината и формата на барањето за продолжување на важењето на трговската марка се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Користење на трговската марка

Член 212

(1) Носителот на трговската марка е должен заради одржување на трговската марка во важност, да ја користи во прометот на стоките и услугите за кои таа е регистрирана, освен ако постојат сериозни причини за некористењето, независно од волјата на носителот.

(2) Користењето на трговската марка во незначително изменет облик со кој не се менува динстиктивниот карактер на трговската марка и употребата на марката на производите и пакувањата исклучиво со цел да се извезува исто така се смета за употреба.

(3) Користењето на трговската марка од страна на друго лице со одобрение од носителот на правото ќе се смета за употреба од самиот носител.

Престанок на важење на трговска марка

Член 213

(1) Трговската марка престанува да важи:

1) кога носителот на правото без оправдани причини не ја користи трговската марка за означување на производите, односно услугите на кои таа се однесува подолго од пет години непрекинато од денот на уписот на трговската марка во регистарот на трговски марки, односно од денот кога трговската марка била последен пат користена;

2) кога поради неактивност на носителот на правото станала вообичаено име во прометот за производите, односно услугите за кои е регистрирана;

3) кога поради начинот на употреба од страна на носителот на правото или со негово одобрение, за стоките и услугите за кои е регистрирана, може јавноста да ја доведе во заблуда во поглед на видот, квалитетот или географското потекло на тие стоки или услуги, и

4) кога колективната трговска марка се користи спротивно на општиот акт или договор за колективна трговска марка.

(2) Содржината на барањето за престанок на важење од ставот (1) на овој член се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Постапка по барањето за престанок на важење на трговска марка

Член 214

(1) Постапката по барањето за престанок на важење на трговска марка од членот 21 став (1) на овој закон се поведува на барање на заинтересирано лице.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува во писмена форма до Заводот.

(3) Заводот е должен во рок од петнаесет дена од приемот на барањето да му го достави барањето на носителот на правото и да го повика да се изјасни во определен рок кој не може да биде подолг од 60 дена од приемот на известувањето.

Решение за престанок на правото

Член 215

(1) По спроведената постапка од член 214 од овој закон, Заводот донесува решение за престанок на важење на трговската марка, или за одбивање на барањето.

(2) Трговската марка престанува да важи со денот на правосилноста на решението за престанок што го донесува Заводот.

(3) Решението од ставот (1) на овој член се впишува во регистарот на трговски марки и се објавува во службеното гласило на Заводот.

Специфичности на постапката за престанок на трговската марка поради некористење

Член 216

(1) Во постапката по барањето за престанок на трговската марка поради некористење, носителот на правото е должен да докаже дека ја користи трговската марка.

(2) Решение за престанок на трговската марка поради некористење нема да се донесе ако користењето на трговската марка започнало или продолжило по истекот на петгодишниот период на некористење, но пред поднесувањето на барањето за престанок на важење поради некористење, освен ако користењето започнало или продолжило во периодот од три месеци пред поднесувањето на барањето за престанок на трговската марка, откако носителот на правото дознал дека ќе биде поднесено барање за престанок на трговската марка.

Престанок на важење на трговска марка по други основи

Член 217

(1) Трговската марка престанува да важи освен во случаите од членот 213 и во следните случаи:

1) ако истече рокот на важењето а носителот на правото во предвидениот рок не поднесе барање за продолжување на важењето на трговската марка и не го плати пропишаниот надоместок во согласност со членот 154 од овој закон – наредниот ден од денот на пропуштањето на рокот за плаќање;

2) врз основа на писмена изјава на носителот на правото со која се одрекува од правото на трговската марка – наредниот ден од денот на поднесувањето до Заводот;

3) ако престанало правното лице кое е носител на правото на трговска марка – со денот на престанувањето, односно ако умрело физичкото лице кое е носител на правото на трговска марка – со денот на смртта, или ако исчезнато лице кое е носител на право на трговска марка е прогласено за умрено – со денот на правосилноста на решението, освен ако тоа право поминало врз правните следбеници, односно врз наследниците на физичкото лице и

4) врз основа на судска одлука, односно акт на Заводот во случаите предвидени со овој закон – со денот определен во таа одлука, односно актот.

Права на трети лица

Член 218

(1) Ако во регистарот на трговски марки е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, носителот на трговска марка не може да се откаже од своите права без писмена согласност од лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право.

(2) Ако носителот на трговска марка во определениот рок не ја плати пропишаната такса, а во регистарот е запишана лиценца, залог или некое друго право во корист на трето лице, Заводот ќе го извести тоа лице дека таксата не е платена и дека може да ја плати во рок од шест месеци од денот на известувањето и со тоа да го задржи запишаното право.

(3) Во случај на спор за обезбедување на запишаните права на трето лице, судот може, ако тоа е неопходно за обезбедувањето на тие права, да одлучи правото на трговската марка да се пренесе врз лицето на чие име е запишана лиценцата, залогот или друго право, до обезбедување на побарувањата.

Предмет на заштита на колективна марка

Член 219

(1) Со колективна марка се штити знак кој е наменет за заедничко означување на производите или услугите од страна на здружение или друга асоцијација на правни и физички лица.

Подносител на пријава на колективна марка

Член 220

(1) Подносител на пријавата на колективна марка може да биде домашно здружение или друга асоцијација на правни и физички лица.

(2) Под условите од овој закон, а во согласност со меѓународните конвенции кои ги потпишала или кон кои пристапила Република Македонија, подносител на пријава на колективна марка може да биде и странско правно лице.

Содржина на пријавата на колективна марка

Член 221

(1) Кон пријавата на колективна марка се приложува општ акт или договор за колективната марка.

(2) Општиот акт, или договор од ставот (1) на овој член мора да содржи: фирма односно назив на подносителот на пријавата и назив на органот, односно лицето овластено да го претставува подносителот, одредби за изгледот на знакот и за производите, односно услугите на кои се однесува знакот, одредби за тоа кој има право на употреба на колективната марка и под кои услови, одредби за правата и обврските на корисниците на колективната марка во случај на повреда на трговската марка, одредби за мерките и последиците во случај на повреда на трговската марка, како и одредби за мерките и последиците во случај на непридржување кон одредбите од општиот акт или договорот.

Впишување на измените на договорот за колективна марка

Член 222

(1) На барање на подносителот на пријавата или на носителот на колективната марка, Заводот во регистарот ја впишува секоја промена или дополнение на договорот со кој се одредува употребата на колективната марка.

(2) Правата кои произлегуваат од колективната марка не можат да се пренесуваат ниту можат да бидат предмет на лиценца.

Предмет на заштита на сертификатна марка

Член 223

(1) Со сертификатна марка се штити знак кој го користат неколку трговски друштва под надзор на носителот на сетификатна марка и служи за заштита на квалитетот, потеклото, начинот на производство или други заеднички карактеристики на стоките или услугите на тие трговски друштва.

(2) Одредбата од членот 177 став (4) на овој закон нема да се применува на сертификатните марки.

Содржина на пријавата на сертификатна марка

Член 224

(1) Кон пријавата на сертификатната марка се приложуваат правила за користење на сертификатната марка кои содржат одредби за: квалитетот, својствата и другите карактеристики на стоките или услугите, мерките за контрола кои подносителот на пријавата на сертификатната марка ќе ги користи и санкциите кои ќе ги применува.

(2) Носителот на правото на сертификатната марка не може да ја користи таа марка за означување на производите и услугите кои тој самиот ги произведува.

Меѓународна регистрација

Член 225

(1) Носителот на трговска марка, односно подносителот на пријавата за признавање на трговска марка може да поднесе пријава за меѓународна регистрација на трговската марка во согласност со Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол кон кои пристапила Република Македонија.

(2) За сите прашања кои не се уредени со Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол ќе се применуваат одредбите од овој закон.

(3) Пријавата од ставот (1) на овој член се поднесува преку Заводот во постапка утврдена со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(4) За потребите на меѓународните регистрации на трговските марки, според Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол, објавата на пријавата пропишана во членот 195 на овој закон се заменува со објава на меѓународната регистрација во службеното гласило на Светската организација за интелектуална сопственост.

(5) Рокот за поднесување приговор против признавањето на меѓународно регистрирана трговска марка за Република Македонија тече од првиот ден во месецот кој следува по месецот на издавањето на службеното гласило на Светската организација за интелектуална сопственост во кое таа трговска марка е објавена.

ПЕТТИ ДЕЛ

ГЕОГРАФСКИ НАЗИВ

Предмет на заштита

Член 226

(1) Географскиот назив се штити со ознака на потеклото на производот и географска ознака.

(2) Со географски назив се одбележуваат производите кои ги произведуваат физички или правни лица на определено географско подрачје.

Ознака на потекло

Член 227

Ознаката на потеклото е географскиот назив на земјата, регионот или местото со кој се означува производот кој потекнува од тоа подрачје и чиј квалитет и посебни својства исклучиво или претежно се условени од географската средина, вклучително и

природните и човечките фактори и чие производство, преработка и подготовка во целина се одвиваат на одредено ограничено подрачје на потеклото.

Географска ознака

Член 228

(1) Географска ознака е географскиот назив на земјата, регионот или местото со кој се означува производот чиј квалитет, угледот или други карактеристики во суштина можат да се припишат на географското потекло.

(2) Географската ознака, за еден производ може да се штити под услов производството и/или постапката и/или подготовката на производот да се одвива во определено место на потеклото.

(3) Географските називи кои не ги исполнуваат условите за заштита како ознака на потеклото можат да се заштитат како географски ознаки.

Потекло на суровините

Член 229

Со исклучок на виното и другите алкохолни пијалаци, производот може да се одбележува со ознака на потекло и кога суровините за негово производство потекнуваат од пошироко подрачје или надвор од подрачјето на преработка под услов:

1) определеното подрачје за производство на суровини да е ограничено или да постојат посебни услови за производство на суровини и

2) за квалитетот и посебните својства на производот да е решавачки традиционалниот начин на производство, односно човечкиот фактор.

Традиционални називи

Член 230

За географски назив ќе се смета и називот кој не содржи географски назив на определена земја, регион или место, кој со долга употреба во прометот станал општопознат како традиционален назив за производот кој потекнува од таа територија, како и историскиот назив на таа територија кој упатува на определено потекло на производот, а ги исполнува условите од членот 227 односно членот 228 став (2) на овој закон.

Подрачје на заштита

Член 231

Географскиот назив може да се употреби за одбележување на природни производи, земјоделски производи, индустриски производи, занаетчиски производи и производи од домашна ракотворба.

Исклучување од заштита

Член 232

Со географска ознака, односно со ознака на потеклото не може да се штити називот на производот кој:

1) не ги исполнува условите пропишани со овој закон;

2 е спротивен на законот и моралот;

3) со својата содржина може да создаде забуна во поглед на видот, потеклото, квалитетот, начинот на производството или други својства на производот;

4) е еднаков на називот на растителна сорта или животинска раса, во случај кога тоа би ја довело јавноста во заблуда во поглед на географското потекло

5) претставува точен назив на земја, регион или место од каде што потекнува производот, но кај потрошувачот создава лажна претстава дека производот потекнува од друга земја, регион или место;

6) не е заштитен во земјата на потекло или престанал да се користи во земјата на потекло и

7) е идентичен или сличен на географскиот назив или трговската марка порано регистрирани за идентични или слични производи, кога постои веројатност потрошувачите да се доведат во заблуда.

Забрана за заштита

Член 233

(1) Со географска ознака, односно со ознака на потеклото не може да се заштити називот на местото на потекло кој првично се користел за обележување на призводи од тоа место на потекло, но кој со долга употреба во прометот станал генерички односно општопознат за обележување на определен вид производи.

(2) Називот на местото на потекло заштитен со географска ознака, односно со ознака на потеклото, не може да стане генерички.

Хомоними

Член 234

Ако називите на две или повеќе места на потекло на производите се еднакви или речиси еднакви во пишана форма, заштитата на таквите називи со географска ознака или ознака на потеклото ќе им биде одобрена на сите лица кои ги исполнуваат условите предвидени со овој закон и доколку тие називи се користени во согласност со добрите деловни обичаи, како и врз принципите на рамноправност на производителите на пазарот и вистинското информирање на потрошувачот, со исклучок кога тоа би довело до заведување на јавноста во поглед на географското потекло.

Меѓународна заштита

Член 235

(1) Географскиот назив кој веќе е заштитен со географска ознака, односно ознака на потеклото во Република Македонија може да се штити и во странство врз основа на билатерални договори за взаемна заштита или меѓународни договори кои ги ратификувала Република Македонија.

(2) Пријава за заштита надвор од земјата може да поднесат само корисниците на географските називи кои се запишани во регистарот на заштитени географски називи на Заводот.

(3) Географски назив може да штити и странско физичко или правно лице или група на производители и да се изврши упис на овластен корисник на заштитениот географски назив во случај кога тоа произлегува од меѓународните договори кои ги ратификувала Република Македонија или врз основа на билатерални договори за взаемна заштита ако е така предвидено со прописите на земјата од која потекнува лицето.

Поведување постапка

Член 236

Постапка за заштита на географски назив, односно за признавање на правото на користење на заштитен географски назив се поведува со пријава која содржи барање за заштита на географскиот назив, односно барање за признавање на правото за користење на заштитениот географски назив и други прилози пропишани со овој закон .

Пријава на странско лице

Член 237

Странските лица кога ја поднесуваат пријавата, во прилог на барањето за признавање на географски назив, односно на барањето за признавање на правото на користење приложуваат препис на јавна исправа или друг правен акт на службениот јазик на земјата на потеклото, издадена од надлежниот орган во земјата на потекло, како доказ дека географскиот назив е заштитен во таа земја односно дека е признаено правото на овластен корисник, во согласност со националната легислатива во земјата на потекло, како и заверен превод на македонски јазик.

Единственост на пријавата

Член 238

Со една пријава може да се побара заштита, односно право на користење само на еден географски назив кој се однесува само на еден вид производ.

Подносител на пријава

Член 239

(1) Пријава за заштита на географски назив можат да поднесат:

1) физички и правни лица кои на определено подрачје произведуваат производ кој се одбележува со називот на тоа подрачје; и

2) група производители и преработувачи на исти производи независно од составот и формата на здружување;

3) државен орган, единица на локална самоуправа и коморите заинтересирани за заштита на географските називи на подрачјето на нивното дејствување;

4) странски физички и правни лица, односно странски групи на производители, само ако правото на овластен корисник за заштитениот географски назив им е признаено во земјите на потеклото и ако ги исполнуваат условите предвидени со овој закон.

Содржина на пријавата

Член 240

(1) Пријавата за заштита на географски назив содржи барање за заштита на географскиот назив со назнака дека се бара заштита со ознака на потеклото или со географска ознака.

(2) Пријавата за заштита на географски назив со ознака на потеклото или со географска ознака, покрај барањето за заштита на географски назив, содржи елаборат за производот кој ќе се означува со географскиот назив.

(3) Содржината и формата на пријавата од ставот (1) на овој член, елаборатот и другите состојки и прилози подетално се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Елаборат и контрола

Член 241

(1) Елаборатот го изработува институција која ги исполнува условите предвидени со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(2) Контролата на посебните својства на производот може да ја врши институцијата која го изработила елаборатот или по барање на една од странките, друга институција која ги исполнува условите предвидени со пропис кој го донесува директорот на Заводот, за што издава доказ.

(3) Институцијата која го изработила елаборатот во рок од 90 дена од признавањето на географскиот назив треба да формира Комисија за контрола на квалитетот и посебните својства на производот кој ќе се одбележува со географскиот назив.

(4) Комисијата од ставот (3) на овој член се состои од пет члена кои учествувале при изработка на елаборатот од ставот (1) на овој член и/или други лица со познавање од областа на која припаѓа дадениот производ. Најмалку еден член на Комисијата треба да биде производител.

(5) Начинот и работата на Комисијата од ставот (3) на овој член се утврдува со правилник што го донесува Институцијата.

Промена на институцијата за контрола

Член 242

(1) Ако институцијата која го изработила елаборатот во предвидениот рок не може да формира комисија за контрола на квалитетот и посебните својства на производот, ќе предложи друга соодветна институција, не подоцна од 90 дена од признавањето на географскиот назив.

(2) Ако институцијата која го изработила елаборатот во предвидениот рок не постапи во согласност со ставот (1) од овој член, Заводот ќе побара мислење од стручни институции во зависност од видот на производот или од група производители на дадениот производ, за предлог на нова институција заради контрола на производот.

(3) Ако заради определени причини престанат условите за контрола на производот од институцијата која го изработила елаборатот или друга институција која ја вршела контролата на производот, се применуваат одредбите од ставот (1) и (2) од овој член.

Промени во елаборатот

Член 243

(1) Физички и правни лица и и здруженија на правни и физички лица кои ги исполнуваат условите предвидени во членот 239 став (1) точки 1) и 2) и кои имаат правен интерес можат да побараат измена и дополнување на елаборатот како резултат на настанати промени во поглед на развојот на науката и техничките знаења или пак заради редефинирање на границите на географското подрачје.

(2) Барањето за измените и дополнувањето на елаборатот се доставува до институцијата која го изработила истиот или друга институција која ги исполнува условите предвидени со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(3) Барањето за измени и дополнување на елаборатот треба да ги содржи причините за бараните промени.

(4) Подносителот на барањето до Заводот треба да ја достави измената и дополнувањето на елаборатот.

(5) Како промена во елаборатот се смета и промената на институцијата за контрола на производот.

Регистри

Член 244

(1) Заводот води Регистар на пријави за заштита на географските називи и Регистар на пријави за користење на заштитените географски називи, Регистар на заштитени географски називи и регистар на корисници на заштитени географски називи.

(2) Содржината и начинот на водење на регистрите од став (1) на овој член се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(3) На писмено барање од заинтересираните лица, Заводот издава копии на документи, потврди и изводи од регистрите.

Стекнување на правото

Член 245

(1) Заштита на називот на местото на потеклото за производите со географската ознака, односно со ознака на потеклото се врши со донесување решение и упис на географскиот назив на производот и видот на производот на кој се однесува тој назив во Регистарот на заштитени географски називи.

(2) Правото на користење заштитени географски називи се стекнува со издавање решение за признавање на правото и со упис во Регистарот на корисници на заштитени географски називи.

Важење на правото

Член 246

(1) Заштитата на географскиот назив важи неограничено.

(2) Правото на користење на заштитениот географски назив важи пет години, сметајќи од денот на донесувањето на решението.

(3) Важењето на правото на користење може да се продолжува неограничен број пати и тоа за период од по пет години, под услов носителот на правото во текот на петтата година од важењето до Заводот да поднесе барање за продолжување на важењето на правото на користење на заштитениот географски назив.

(4) Содржината и формата на барањето за продолжување на важењето се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

(5) Правото на користење на заштитениот географски назив ќе се продолжи ако се исполнети условите за признавање на тоа право, во спротивно правото престанува да важи наредниот ден од денот на истекот на петтата година од неговото важење.

Право на користење

Член 247

(1) Ознаката на потеклото е колективно право и можат да го користат исклучиво правни и физички лица и здруженија на правни и физички лица кои:

1) произведуваат или преработуваат производ чиј географски назив е заштитен со ознака на потеклото;

2) производниот процес во целост го извршуваат на географското подрачје кое е точно дефинирано во елаборатот и

3) се запишани во регистарот на корисници како корисници на таа ознака на потеклото.

(2) Географската ознака е колективно право и може да ја користат правни и физички лица, кои:

1) произведуваат производ чиј географски назив е заштитен со географска ознака;

2) производството и/или преработката и/или подготовката на производот ја извршуваат на географското подрачје кое е точно дефинирано во елаборатот и

3) се запишани во регистарот на корисници како корисници на таа географска ознака.

Содржина на пријавата за користење

Член 248

(1) Пријавата за признавање на правото на користење содржи:

1) барање за признавање на правото на користење на заштитен географски назив;

2) доказ за вршење определена дејност и

3) доказ за извршена контрола.

(2) Содржината и формата на пријавата од ставот (1) на овој член и другите состојки и прилози се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Испитување на пријавите

Член 249

(1) Ако пријавата не ги содржи сите потребни состојки и прилози во согласност со овој закон и пропис кој го донесува директорот на Заводот, Заводот го повикува

подносителот на пријавата во рок од 30 дена од денот на приемот на повикот да ги отстрани утврдените недостатоци.

(2) На образложено барање од подносителот на пријавата може од оправдани причини рокот од ставот (1) на овој член да се продолжи најмногу уште за триесет дена.

(3) Ако подносителот на пријавата во определениот рок не ја уреди пријавата или не ги плати трошоците кои е должен да ги плати за уредување на пријавата, Заводот со решение ќе ја отфрли пријавата за заштита на географскиот назив, односно пријавата за признавање на правото на користење на заштитениот географски назив.

Исполнување на условите

Член 250

Ако во согласност со овој закон и пропис кој го донесува директорот на Заводот, Заводот утврди дека пријавата е уредна, продолжува со испитување на пријавата во смисла дали таа ги исполнува со закон предвидените услови за заштита на географскиот назив, односно за признавање на правото на овластен корисник.

Постапка по пријавата и одлучување

Член 251

(1) Ако Заводот утврди дека пријавата не ги исполнува условите за заштита на географскиот назив, односно за признавање на правото на овластен корисник на заштитениот географски назив, писмено ќе го извести подносителот на пријавата за причините заради кои не може да го заштити географскиот назив, односно да го признае правото на овластен корисник и ќе го повика подносителот на пријавата во рок од 90 дена од денот на приемот на известувањето да се изјасни за причините.

(2) На образложено барање од подносителот на пријавата може од оправдани причини рокот од ставот (1) на овој член да се продолжи најмногу уште за 90 дена.

(3) Ако подносителот на пријавата во предвидениот рок воопшто не се изјасни или ако се изјасни, а Заводот утврди дека не може да се заштити географскиот назив, односно да се признае правото на овластен корисник на заштитениот географски назив, со решние ќе ја одбие пријавата за заштита на географскиот назив, односно пријавата за признавање на правото на овластен корисник на географскиот назив.

(4) Ако во случајот од ставот (3) на овој член е во прашање пријава за заштита на географски назив со ознака на потеклото која ги исполнува условите да биде заштитена со географска ознака, Заводот ќе го извести подносителот на пријавата и со негова согласност географскиот назив ќе го заштити со географска ознака.

Донесување решение

Член 252

(1) Ако пријавата за заштита на географскиот назив ги исполнува условите предвидени со овој закон, Заводот ќе донесе решение за заштита на географскиот назив и истиот го запишува во регистарот на заштитени географски називи.

(2) Ако пријавата за признавање на правото на овластен корисник на географскиот назив ги исполнува условите предвидени со овој закон, Заводот ќе го повика подносителот на пријавата, во рок од 30 дена да ја плати таксата за признавање на правото за овластен корисник на географскиот назив за првите пет години, трошоците за објавување на податоците за признаеното право на користење на заштитениот географски назив, како и за издавање исправа и да достави доказ за извршените уплати.

(3) Ако подносителот на пријавата во определениот рок од ставот (2) на овој член не достави доказ за извршените уплати, Заводот со решение ќе ја отфрли пријавата за признавање на правото на овластен корисник на заштитениот географски назив.

Запишување во регистрите

Член 253

Ако подносителот на пријавата достави докази за извршената уплата од членот 252 став (2) на овој закон, Заводот донесува решение за признавање на правото на овластен корисник и го запишува во регистарот на корисници на заштитените географски називи и во регистарот за заштитени географски називи.

Објавување на заштитениот географски назив

Член 254

(1) Објавувањето на заштитениот географски назив во гласилото на Заводот се врши по службена должност.

(2) Податоците за заштитениот географски назив кои се објавуваат во службенотот гласило се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Објавување на податоците за овластен корисник

Член 255

(1) По извршената уплата на трошоците за објавување од страна на носителот на правото за овластен корисник, Заводот ги објавува податоците за признаеното право на овластен корисник во гласилото.

(2) Податоците за признаеното право на овластен корисник кои се објавуваат во службеното гласило се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Исправа

Член 256

(1) На овластениот корисник на заштитениот географски назив Заводот му издава исправа за признаено право на овластен корисник во рок од шест месеци од денот на донесувањето на решението.

(2) Содржината на исправата од ставот (1) на овој член се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Права на корисникот

Член 257

(1) Корисникот на заштитениот географски назив има право истиот да го користи за означување исклучиво за оној вид производ кој е запишан во регистарот на заштитени географски називи на Заводот.

(2) Правото на користење се однесува и на употребата на заштитениот географски назив врз средствата за пакување, рекламните материјали, деловните исправи и друга деловна документација, како и при увоз и извоз на производите обележани со географски назив. .

(3)Овластените корисници на заштитен географски назив имаат исклучиво право своите производи да ги означуваат со “контролирана ознака на потекло” ако се овластени за користење на ознака на потекло или “контролирана географска ознака”, ако се овластени за користење на географска ознака.

Непрометливост

Член 258

(1) Правото на користење на заштитениот географски назив со договор не може да се пренесува, да се отстапува и да се дава во залог.

(2) Ако заштитениот географски назив е предмет на порано пријавена или регистрирана трговска марка, таквата трговска марка не може да се пренесува, отстапува, дава во залог.

Забрана

Член 259

(1) Корисниците на географските називи можат да поднесат барање да се забрани:

1) директно или индиректно неовластено користење на заштитениот географски назив за исти или слични производи заради стекнување имотна корист;

2) означување на производите кои не потекнуваат од местото на потеклото назначено со заштитениот географски назив дури и кога е назначено вистинското потекло, кога е употребен нејзиниот превод или кога се користи во придружба на дополнителни изрази, како, “стил”, “тип”, “на начин”,”како произведено во”, “имитација” и слично;

3) секоја форма на користење на заштитениот географски назив која му нанесува штета на угледот или го искористува угледот на заштитениот географски назив;

4) секое користење на невистинита информација која би го довела во заблуда потрошувачот во поглед на географското потекло, квалитетот или својствата на производот, а се става на пакувањето, деловните исправи или на други документи, со што остава погрешен впечаток за вистинското потекло; и

5) секоја друга примена која би можела да го доведе потрошувачот во заблуда во врска со географското потекло на производот.

(2) Ако заштитениот географски назив покрај географскиот термин содржи и генерички термин, примената на тој генерички термин на соодветни производи не подлежи на забраната од став (1), точка 1) и 2) од овој член.

Слободно користење

Член 260

(1) Овластените корисници на заштитените географски називи не можат да бараат забрана заради повреда на правото кога заштитениот географски назив се користи со цел известување и едуцирање на јавноста на начин кој не им штети на нивните интереси.

(2) Употребата на географските називи за целите од ставот (1) на овој член се врши без надоместок.

Промени во регистарот

Член 261

(1) На писмено барање на физички и правни лица и нивни здруженија кои ги исполнуваат условите предвидени во членот 242, точка 1) од овој закон, Заводот ги впишува промените во регистарот за заштитени географски називи, настанати со измените и дополнувањето на елаборатот.

(2) На писмено барање на подносителот на пријавата или на овластениот корисник на заштитениот географски назив, Заводот ги впишува во соодветниот регистар сите промени кои се во врска со признаеното право на овластен корисник, кои настанале по поднесувањето на пријавата или по признавањето на правото, под услов тие да соодветствуваат на вистинската состојба.

(3) Ако барањето се однесува на значајни промени во обемот на производството, со барањето се доставува и доказот од членот 241 став (2) и (3) на овој закон, не постар од шест месеци.

(4) Ако промените се однесуваат на податоците за нова институцијата за контрола, Заводот може да ги впише и по службена должност.

(5) Промените запишани во Регистарот на заштитени географски називи и во Регистарот на овластените корисници се објавуваат во службеното гласило на Заводот.

(6) Содржината и формата на барањето за впишување на промените се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Услови за укинување на правото на користење

Член 262

Решението за признавање на правото на користење на заштитениот географски назив може да се укине ако се утврди дека престанале да постојат условите за признавање на правото за користење на заштитениот географски назив предвидени со овој закон. Во постапката, по барањето за укинување на решението за признавање на правото за користење на заштитениот географски назив, овластениот корисник на заштитениот географски назив е должен да докаже дека постојат услови за признавање на правото.

Барање за укинување на решението

Член 263

(1) Решението за признавање на правото за користење на заштитениот географски назив може да се укине по службена должност, на барање на заинтересирано лице или здружение во смисла на членот 239 став (1) точка 2) како и на предлог на јавниот обвинител.

(2) Барањето за укинување решение од ставот (1) на овој член се поднесува во писмена форма до Заводот.

(3) Кон барањето од ставот (2) на овој член, подносителот е должен да ги достави потребните докази.

(4) Заводот е должен во рок од петнаесет дена од приемот на барањето да му го достави барањето на носителот на правото на користење и да го повика да се изјасни во рок од триесет дена од приемот на известувањето.

(5) Содржината на барањето за укинување на решението од ставот (1) на овој член се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Продолжување на постапката за укинување на решението

Член 264

(1) Ако подносителот на барањето за укинување на решението за признавање на правото за користење на заштитен географски назив во текот на постапката се откаже од барањето, Заводот може да продолжи со постапката по службена должност.

(2) На лицето кое е запишано како овластен корисник во соодветните регистри му престанува правото за користење на заштитениот географски назив следниот ден од денот на правосилното решение за укинување на тоа право.

ШЕСТИ ДЕЛ

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА И ВРАЌАЊЕ ВО ПОРАНЕШНА СОСТОЈБА

Продолжување на постапката

Член 265

(1) Ако подносителот на пријавата пропуштил во определениот рок да изврши некое дејствие во постапката пред Заводот, поради што може да изгуби одредено право од пријавата или признаено право, може да поднесе барање за продолжување на постапката.

(2) Заводот ќе дозволи продолжување на постапката доколку подносителот:

1) поднесе барање за продолжување на постапката, ги изврши пропуштените дејствија и ги приложи сите поднесоци во пропишаниот рок; и

2) ги плати сите такси и трошоци во постапката во согласност со членот 24 од овој закон;

(3) За барањето за продолжување на постапката се плаќа соодветна административна такса.

Рок за поднесување на барањето за продолжување на постапката

Член 266

(1) Барањето за продолжување на постапката може да се поднесе во рок од два месеца од денот кога подносителот дознал за последиците од членот 265 на овој закон.

(2) По истекот на шест месеци од денот на пропуштањето не може да се бара продолжување на постапката.

(3) Ако пропуштените дејствија не се извршени во рокот од ставот (1) на овој член или ако не се платени таксите и трошоците на постапката од членот 24 на овој закон, Заводот донесува заклучок за запирање на постапката.

Кога не може да се бара продолжување на постапката

Член 267

Барање за продолжување на постапката не може да се поднесе ако е пропуштен рокот:

1) од членовите 265 и 266 на овој закон;

2) за поднесување на барањето од членот 52 став (2) на овој закон;

3) за поднесување на предлог од членовите 268 и 269 на овој закон;

4) за сите постапки пред Заводот во кои учествуваат повеќе страни.

Враќање во поранешна состојба

Член 268

(1) На подносителот на пријавата или носителот на правата од овој закон ќе му се дозволи враќање во поранешна состојба, ако и покрај должното внимание го пропуштил рокот определен со овој закон да изврши некое дејствие во постапката пред Заводот поради што би загубил некое право, доколку:

1) поднесе предлог за враќање во поранешна состојба и ги изврши сите пропуштени дејствија во определениот рок;

2) ги наведе околностите поради кои бил спречен во определениот рок да го изврши пропуштеното дејствие;

3) ги плати таксите и трошоците согласно член 24 на овој закон.

(2) За барањето за враќање во поранешна состојба се плаќа соодветна административна такса.

Рок за поднесување на предлогот за враќање во поранешна состојба

Член 269

(1) Предлогот за враќање во поранешна состојба се поднесува во рок од три месеци сметајќи од денот кога престанала причината што го предизвикала пропуштањето, а ако подносителот дури подоцна дознал за пропуштањето, тогаш од денот кога дознал за тоа.

(2) По истекот на една година од денот на пропуштањето не може да се бара враќање во поранешна состојба.

(3) Ако пропуштањето на рокот се однесува на плаќање на таксите од членот 24 став (3) на овој закон, тој рок се засметува во рокот од ставот (3) на овој член.

Кога не може да се бара враќање во поранешна состојба

Член 270

(1) Враќање во поранешна состојба не може да се бара поради пропуштањето на роковите за следните дејствија:

1) поднесување на предлогот од членовите 268 и 269 став (1) на овој закон;

2) поднесување на барање за продолжување на постапката од членовите 265 и 266 на овој закон;

3) поднесување на едно од барањата од членот 52 на овој закон;

4) поднесување на приговор од членовите 156 и 197 на овој закон;

5) поднесување на барање за продолжување на роковите утврдени со овој закон;

6) доставување на преводот од членовите 18 став 4, 122 став 2 и 3 од овој закон;

7) за сите постапки пред Заводот во кои учествуваат повеќе страни.

(2) Секое лице кое со добра намера го искористува или направило сериозни подготовки за искористување на пронајдокот кој е предмет на пријавата на патент или на патент, во периодот помеѓу губењето на правото од членот 265 став (1) на овој закон и објавата на податоците од решението за враќање во поранешна состојба од соодветниот регистар, може без надоместок на штета да продолжи со таквото искористување за целите на својата работа и потребите поврзани со таа работа.

СЕДМИ ДЕЛ

ПРОМЕТЛИВОСТ НА ПРАВАТА ОД ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ

Договор за пренос

Член 271

(1) Подносителот на пријавата на право од индустриска сопственост и носителот на правото, со договор во целост или делумно може да го пренесат своето право под условите предвидени со овој закон и со други прописи.

(2) Договорот за пренос на правото мора да биде составен во писмена форма и потписите на договорните страни да бидат заверени од нотар.

(3) Договорот од ставот (2) на овој член по барање на една од договорните страни се запишува во соодветен регистар кој се води во Заводот.

(4) Договорот од ставот (2) на овој член кој не е составен во писмена форма и не е заверен од нотар не произведува правно дејство.

(5) Договорот за пренос на право што не е запишан во соодветниот регистар на Заводот не произведува дејство спрема трети лица.

Договор за лиценца

Член 272

(1) Подносителот на пријавата на право на индустриска сопственост и носителот на правото може со договор за лиценца да го отстапат тоа право на користење, под услови предвидени со овој закон и со други прописи.

(2) Договорот за лиценца мора да биде составен во писмена форма.

(3) Ако пријава на патент поднеле повеќе лица или ако носители на патент се повеќе лица, за склучување на договорот за лиценца е потребна согласноста од сите тие лица.

(4) Доколку не постои согласност за склучување договор за лиценца од ставот (3) на овој член, за отстапување на правото на користење се применуваат правилата на сосопственост.

(5) Договорот за лиценца кој не е составен во писмена форма не произведува правно дејство.

(6) Договорот за лиценца по барање на една од договорните страни се запишува во соодветниот регистар кој се води во Заводот.

(7) Договорот за лиценца што не е запишан во соодветниот регистар на Заводот не произведува дејство спрема трети лица.

Ништовност на договорот за лиценца

Член 273

Во договорот за лиценца ништовна е секоја одредба која на корисникот на лиценцата му поставува ограничувања кои не произлегуваат од правото што е предмет на договорот или која е непотребна за зачувување на тоа право, или доколку се во спротивност со прописите за ограничување на конкуренцијата.

Примена на Законот за облигациони односи

Член 274

На договорите од членовите 271 и 272 од овој закон, освен одредбите од овој закон се применува и Законот за облигациони односи.

ОСМИ ДЕЛ

ОГЛАСУВАЊЕ ЗА НИШТОВНО РЕШЕНИЕ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА ПРАВАТА ОД ИНДУСТРИСКА СОПСТВЕНОСТ

Член 275

Решение за признавање на правата на индустриска сопственост ќе се огласи за ништовно ако се утврди дека не постоеле услови предвидени со членот 25 став (3), членот 26, членот 27 став (3), членот 30, членот 74, членот 132, членот 133, членот 177, членот 178, членот 232 и членот 233 став (1) од овој закон за признавање на тоа право.

Постапка по предлогот

Член 276

(1) Решението за признавање на правото може да се огласи за ништовно за сето време на траење на заштитата и тоа по службена должност или на предлог на заинтересирано лице.

(2) По исклучок од одредбата од ставот (1) на овој член, предлог за огласување за ништовно решение за признавање на правото на трговска марка не може да поднесе носителот на порано регистрираната трговска марка, доколку во текот на пет години последователно пред поднесувањето на предлогот знаел за користењето на подоцнежната трговска марка.

(3) Предлогот за огласување ништовно решение се поднесува во писмена форма до Заводот.

(4) Кон предлогот од ставот (2) на овој член подносителот е должен да ги достави потребните докази.

(5) Заводот е должен во рок од петнаесет дена од приемот на предлогот да му го достави предлогот на носителот на правото и да го повика да се изјасни во определен рок кој не може да биде подолг од шеесет дена од приемот на известувањето.

Решение по предлогот

Член 277

Решението со кое се огласува за ништовно решението за признавање на правото од индустриска сопственост се впишува во соодветниот регистар и се објавува во службеното гласило на Заводот.

Откажување од предлогот

Член 278

Ако подносителот на предлогот се откаже во текот на постапката од својот предлог да се огласи за ништовно решението за признавање на правото, Заводот може да ја продолжи постапката по службена должност.

ДЕВЕТТИ ДЕЛ

ЗАСТАПУВАЊЕ

Лица кои можат да вршат застапување

Член 279

(1) Во постапките за заштита на правата од индустриската сопственост, застапувањето на странките пред Заводот може го вршат физички и правни лица кои се впишани во Регистарот што го води Заводот и тоа:

– државјанин на Република Македонија;

– кое е регистрирано за вршење дејност застапување од областа

на индустриската сопственост;

– со завршен правен, еден од техничките факултети и фармацевтски факултет;

– кое има положено посебен стручен испит положен во согласност со одредбите од овој закон; и

– кое има познавање на најмалку еден од официјалните јазици на организациите од областа во кои Република Македонија е членка.

1) физичко лице:

2) адвокат кој е впишан во Адвокатската комора на Република Македонија и кој ги исполнува условите од точката 1) од овој став и адвокатско друштво или адвокатска канцеларија кои се впишани во Адвокатската комора на Република Македонија и кои имаат вработено лице кое ги исполнува условите од точката 1) на овој став;

3) правно лице:

– со седиште во Република Македонија;

– кое е регистрирано за застапување во областа на заштита на индустриската сопственост; и

– кое има вработено барем едно лице кое ги исполнува условите од точката 1) од овој став.

(2) Застапувањето од став (1) на овој член може да го врши застапник од друга држава под услови на реципроцитет, доколку:

– е застапник во својата држава;

– го познава македонскиот јазик.

Стручен испит

Член 280

(1) Со стручниот испит од членот 279 став (1) точка 1) алинеја 1 се проверува знаењето на кандидатите од областа на индустриската сопственост.

(2) Стручениот испит се полага во Заводот.

(3) Стручниот испит се одржува најмалку еднаш годишно.

(5) Лицата кои го положиле стручниот испит за застапници се евидентираат во Заводот.

(4) Стручниот испит се полага писмено и усно.

(6) Содржината и програмата на стручниот испит, содржината на пријавата за полагање на стручниот испит, постапката за спроведување на стручниот испит и поправен испит, како и содржината на евиденцијата на лицата кои го положиле испитот се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Испитна комисија

Член 281

(1) Стручниот испит се полага пред испитна комисија составена од претседател, четири члена, нивни заменици и секретар.

(2) Претседателот, членовите, замениците и секретарот на комисијата со решение ги именува и разрешува директорот на Заводот и тоа со мандат од три години, а по истекот на тој рок членовите можат да бидат повторно именувани за уште еден мандат од три години.

(3) Во решението за именување на членови и заменици на испитната комисија се определуваат и предметите по кои тие ги спроведуваат предавањата и испитот.

(4) Претседател и членови на комисијата можат да бидат лица кои имаат научни или стручни познавања од областа.

(5) На претседателот, членовите и секретарот на комисијата им следува надоместок за работата во комисијата, чија висина ја утврдува директорот на Заводот, која треба да ги покрива реалните трошоци за работата на Комисијата, врз основа на бројот на кандидати кои ги следат предавањата односно го полагаат испитот, бројот на предавањата, бројот на спроведени испити на писмен и усмен дел.

Стекнување на правото за вршење дејност застапување

Член 282

Правото за вршење дејност застапување пред Заводот се стекнува со денот на впишувањето во регистарот на застапници.

Впишување во регистарот

Член 283

(1) Постапката за впишување во регистарот на застапници се поведува со поднесување барање за впишување во Регистарот на застапници.

(2) Кон барањето за впишување во Регистарот на застапници се поднесува и соодветна документација за исполнување на условите за впишување од членот 279 ставови (2) и (3) од овој закон.

(3) Документите со кои се докажува правната основа за исполнување на условите за впишување во Регистарот на застапници се доставува во оригинал или заверена копија, во целина или само на делот од кој јасно произлегува дека основот е исполнет.

(4) Содржината и формата на барањето за впишување во регистарот на застапници, постапката за впишување во Регистарот на застапници и соодветната документација од ставот (2) на овој член, се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Обновување на впишување во регистарот

Член 284

(1) Впишувањето во Регистарот на застапници се обновува пред истекот на една година од денот на впишувањето, односно од денот на обновувањето на впишувањето во Регистарот.

(2) Содржината, формата како и постапката по барањето за обновување на впишувањето во Регистарот на застапници се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Административни такси и трошоци во постапката за застапување

Член 285

(1) Административни такси се плаќаат за впишување во Регистарот на застапници, за обновување на впишувањето во Регистарот на застапници, при повторно впишување во Регистарот, за промени во Регистарот и издавање потврди.

(2) Трошоци се плаќаат за спроведување на испитот за застапници, за поправниот испит и за објавување во службеното гласило на Заводот.

(3) Висината на административните такси односно трошоци, е пропишана во Законот за административните такси и Тарифата на Заводот.

Регистар на застапници

Член 286

(1) Регистар на застапници води Заводот.

(2) Содржината на Регистарот на застапници се утврдува со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Бришење од Регистарот

Член 287

(1) Застапникот се брише од регистарот на застапници:

1) Ако не побара обновување на впишувањето во Регистарот на застапници во рокот од членот 284 од овој закон;

3) Ако со судска одлука му е забрането вршење на застапување;

2) Ако поднесе барање за бришење од Регистарот;

4) Ако не поднесе доказ дека ги исполнува условите за обновување на впишувањето во Регистарот;

5) Физичко лице се брише од Регистарот на застапници во случај на смрт и ако ја изгуби деловната способност;

6) Ако го изгуби државјанството на Република Македонија;

7) Правното лице се брише од Регистарот на застапници со престанокот на правното лице;

8) Ако нема веќе седиште на територијата на Република Македонија;

(2) Ако се исполнети условите за бришење од регистарот на застапници од став (1) на овој член, Заводот донесува решение за бришење од регистарот на застапници.

(3) Во гласилото на Заводот по службена должност се објавуваат податоците за бришење на застапниците од Регистарот на застапници.

Повторно впишување во Регистрот на застапници

Член 288

Застапникот кој еднаш бил избришан од регистарот на застапници може повторно да поднесе барање за впишување и при секое повторно впишување во Регистарот на застапници добива нов реден број и ги доставува истите докази како при впишување во регистарот.

Впишување промени во регистарот на застапници

Член 289

(1) Во Регистарот на застапници се запишуваат сите подоцнежни промени на адресата на физичкото лице, односно на седиштето на правното лице, промени во списокот на вработените лица кои ги исполнуваат условите за застапување кај правните лица, престанување на вршењето на дејноста на застапување и останатите промени кај физичките и правните лица.

(2) Содржината, формата на барањето како и постапката по барањето за впишување промени во регистарот на застапници, се утврдуваат со пропис кој го донесува директорот на Заводот.

Објавување на податоци во службеното гласило

Член 290

(1) Во службеното гласило на Заводот, по плаќањето на соодветните такси и трошоци, се објавуваат податоци за:

1) впишување во Регистарот на застапници;

2) впишување промени во Регистарот на застапници;

3) бришење од Регистарот на застапници.

(2) Извод од Регистарот на застапници се објавува еднаш годишно, во првиот број на гласилото на Заводот по службена должност.

ДЕСЕТТИ ДЕЛ

СУДСКА ЗАШТИТА

ПОВРЕДА НА ПРАВАТА

Оставрување на заштита на правото

Член 291

(1) Лице чие што право стекнато со овој закон е повредено има право на заштита на правото со поднесување тужба пред судот кој е надлежен за решавање на споровите за правата од индустриска сопственост.

(2) Како повреда на пријавените и признаените права утврдени со овој закон се смета секое неовластено користење, располагање, ограничување, имитирање, асоцијација, вознемирување на правата и слично што е спротивно на одредбите од овој закон.

(3) За имитирање, во смисла на ставот (2) од овој член се смета ако просечниот купувач на стоки односно услуги, без оглед на видот на производите може да ја согледа разликата само ако обрне посебно внимание, односно ако кај трговската марка се работи за превод или транскрипција односно транслитерација.

Лице овластено за заштита

Член 292

Тужба за остварување заштита на правото од членот 291 став (1) од овој закон може да поднесе:

– подносителот на пријавата за заштита на правото;

– носителот на правото;

– стекнувачот на исклучителна лиценца, во обем во кој го стекнал правото на користење врз основа на правна работа или закон;

– овластениот корисник на географската ознака, односно ознаката на потеклото на производот; и

– овластениот корисник на колективна и сертификатна трговска марка.

Солидарност на странките

Член 293

Кога некое право определено со овој закон е повредено секој од носителите на тоа право може во однос на трето лице да побара заштита на правото како да е единствен носител. Кога лицето што го повредило правото ги исполни барањата на еден од носителите на истото право, неговата обврска престанува и спрема останатите носители на правото. Доколку се работи за судска постапка која е во тек, носителите на истото право се сметаат за единствени сопарничари.

Содржина на тужбеното барање

Член 294

(1) Лицето чие што право е повредено со тужба може од судот да бара:

1) утврдување дека постои повреда на правото;

2) забрана на дејствијата наведени во тужбата со кои се повредува правото;

3) надоместок на штета која настанала со повредата на правата со намера или од невнимание;

4) одземање и уништување на производите кои се создадени или ставени во промет со повреда на правото и средствата употребени за нивно производство;

5) тужениот да даде информации за идентитетот на трети лица вклучени во производство и дистрибуција на стоки или услуги со кои се повредуваат правата, како и за нивните дистрибуциски канали;

6) доставување на документацијата и податоците од лицето кое го повредило правото;

7) граѓанска казна;

8) објавување на пресудата на трошок на тужениот; и

9) други барања.

Рок за поднесување тужба

Член 295

Тужба за повреда на правата уредени со овој закон може да се поднесе во рок од три години од денот кога тужителот дознал за повредата и за сторителот, а најдоцна во рок од пет години од денот на сторената повреда.

Итност на постапката

Член 296

(1) Постапката по тужбата за повреда на правата, оспорување на правата, привремени мерки и други мерки на обезбедување уредени со овој закон е итна.

(2) На постапките за заштита на правата се применуваат прописите за парнична постапка, односно за обезбедување на побарувањата.

Прекинување на судската постапка

Член 297

(1) Постапката поради повреда на правото од пријавен патент, индустриски дизајн, трговска марка и користење на географска ознака, односно ознака на потеклото на производот, судот може да ја прекине до донесувањето на решение за признавање на соодветното право од Заводот.

(2) Со тужбата која се однесува на повреда на правото од патент, тужителот е должен да достави соодветен писмен доказ во согласност со членот 62 став (6) од овој закон.

(3) Судот може да го определи рокот во кој тужителот треба да го достави доказот од ставот (2) на овој член.

(4) Ако доказот од ставот (3) на овој член не биде поднесен во рокот кој што го определил судот, тужбата ќе се отфрли.

(5) Ставовите (2), (3) и (4) на овој член соодветно ќе се применуваат на објавените европски пријави во ЕПЗ за користењето на пронајдокот во периодот од објавата на европската пријава до признавањето на европскиот патент како и на европскиот патент кој е впишан во регистарот на Заводот сметано од датумот на кој ЕПЗ го објавил признавањето во согласност со ЕПК.

Утврдување и престанок на повреда

Член 298

(1) Против лицата кои на неовластен начин превземале некои дејствија со коишто се врши повреда на правата стекнати врз основа на овој закон, со тужбата може да се бара утврдување на повредата, престанување на повредата и забрана за понатамошни исти и слични повреди.

(2) Кога со превземање одредени дејствија ќе се предизвика сериозна закана за повреда на правата стекнати врз основа на овој закон, со тужбата може да се бара престанок на тие дејствија и забрана за повреда на правото.

(3) Тужба од ставовите (1) и (2) од овој член може да се поднесе и против лицата кои во извршувањето на својата стопанска дејност даваат услуги што се користат кај субјектите кои ги повредуваат правата односно кај кои постои сериозна закана за повреда на правата.

Надомест на штета, вообичаен надоместок и корист стекната без основ

Член 299

(1) Лицето кое ќе ги повреди правата од индустриската сопственост уредени со овој закон одговара за штета според општите правила за надомест на штета од Законот за облигациони односи.

(2) Со тужбата може да се бара плаќање надоместок во износ кој со оглед на околностите би можел да се бара во договорот за лиценца доколку истиот бил склучен.

(3) Против лицето кое без правна основа, судска одлука или закон, неовластено превземе некои дејствија со кои се повредува право стекнато врз основа на овој закон и при тоа се стекнало со одредена корист, со тужбата може да бара враќање или надоместок на таа корист, во согласност со општите правила за стекнување без основ од Законот за облигациони односи.

(4) Барањата од ставовите (1), (2) и (3) меѓусебно не се ислкучуваат. Во случај на кумулативно поставени барања од ставовите (1), (2) и (3) судот ќе постапува во согласност со општите правила од Законот за облигациони односи.

Одземање и уништување предмети

Член 300

(1) Со тужбата може да се бара производите кои се создадени или прибавени со повреда на права стекнати врз основа на овој закон, како и средствата кои претежно се користени на такви производи, да бидат повлечени од промет, одземени или уништени.

(2) Мерките од ставот (1) од овој член, судот ќе ги одреди на товар на тужениот, освен ако постојат посебни причини за така да не одлучи.

(3) Во случај на одредување на мерка од став (1) од овој член судот ќе внимава мерката да биде во сооднос со степенот на извршената повреда.

Алтернативни мерки

Член 301

(1) Надлежниот суд, на барање на тужениот може да определи исплата на паричен надоместок на оштетената страна како алтернативна мерка, наместо примена на мерките за повлекување од комерцијалните канали и конечно отстранување од комерцијалните канали и мерките за уништување, исплата на парично побарување на оштетената страна.

(2) Мерката од ставот (1) на овој член, судот може да ја определи ако лицето дејствувало ненамерно и без невнимание, ако извршувањето на предметните мерки би му предизвикале несразмерна штета и ако оштетената страна е задоволна од паричниот надоместок.

Доставување податоци

Член 302

(1) Во постапката за повреда на правото тужителот може да бара доставување на податоци за потеклото и за дистрибуциските канали на движење на стоките и услугите со кои е сторена повредата.

(2) Тужба или времена мерка од ставот (1) на овој член може да се поднесе против:

1) лицето кое е тужено во постапката за повреда на право од овој закон;

2) лицата кои при извршувањето на стопанската дејност поседуваат стоки или даваат услуги за која постои сомневање дека со нив се повредува право од овој закон;

3) лицата кое при извршувањето на стопанската дејност даваат услуги кои се користат во дејствијата на други субјекти за кои постои сомневање дека со нив се повредува правото од овој закон; и

4) лицата кои од страна на некое од лицата од ставот (2) точка 1),2) и 3) на овој член се наведени како учесници во производството или дистрибуцијата на стоки или во давањето услуги за кои постои сомневање дека со нив се повредува право од овој закон.

(3) Барањето од ставот (1) на овој член може да се поднесе и како прво барање во тужба со повеќе тужбени барања, ако лицето против кое се поднела тужбата е и во главното барање.

(4) Барањето за доставување податоци за потеклото на стоките и дистрибуциските канали на стоките и услугите од ставот (1) од овој член може да ги опфати особено:

1) податоците за имињата и адресите на произведувачите и дистибутерите, добавувачите и други претходни иматели на стоката односно даватели на услуги, како и продавачите на големо и мало за кои таа стока е наменета; и

2) податоци за количеството на производената, изработената, испорачаната, примената или нарачаната стока или услуга како и остварените цени.

(5) Лицето кон кое е доставено барањето за доставување податоци може да одбие да ги достави од истите причини од кои според правилата од Законот за парнична постапка може да се одбие сведочењето. Ако одбивањето за доставување на податоци е без оправдана причина, лицето одговара за штета во согласност со Законот за облигациони односи.

(6) Одредбите од овој член не влијаат врз примената на одредбите од прописите за начинот на користење доверливи податоци во граѓанските и кривичните постапки, на прописите со кои се уредени одговорностите за злоупотреба на права на добивање податоци и на прописи со кои се уредуваат обработката и заштитата на лични податоци.

(7) Одредбите од овој член не се однесуваат на членот 314 од овој закон со кој се регулира обезбедувањето докази.

Граѓанска казна

Член 303

(1) При повреда на правата стекнати врз основа на овој закон, ако правата се повредени со намера или крајна небрежност, носителот на правото може да побара исплата на вообичаениот надоместок зголемен до 200%, независно дали заради повредата претрпел имотна штета во тој износ.

(2) При одлучувањето по барањето за плаќање казна од ставот (1) на овој член и одмерувањето на нејзината висина, судот ќе ги има предвид сите околности на случајот посебно степенот на вината на тужениот, износот, вообичаениот надоместок, како и превентивната цел на казната.

(3) Доколку имотната штета е поголема од казната, носителот на правото има право да ја бара разликата до целосно обештетување.

Објавување пресуда

Член 304

Тужителот може да бара правосилната пресуда со која дури и делумно е уважено тужбеното барање да биде објавено во средствата за јавно информирање на трошок на тужениот. Судот, во границите на тужбеното барање ќе одлучи во кое средство за јавно информирање ќе ја објави пресудата како и тоа дали ќе се објави целата пресуда или нејзин дел. Ако судот одлучи да се објави само дел од пресудата, тогаш ќе се објави барем диспозитивот и по потреба оној дел од пресудата од кој е очигледно каков е видот на повредата и кое е лицето што го повредило правото.

Огласување носител на патент, односно индустриски дизајн

Член 305

Пронајдувачот, односно авторот, неговиот наследник или друг правен следбеник може со тужба кај надлежниот суд да бара за сето време на траењето на патентот односно индустрискиот дизајн судот да го огласи за носител на патентот односно индустрискиот дизајн, ако патентот односно индустрискиот дизајн е издаден на име на лице кое не е пронајдувач односно автор, негов наследник или друг правен следбеник.

Спор за признавање на пронајдувачот односно авторот

Член 306

(1) Пронајдувачот на патентот, односно авторот на индустрискиот дизајн, може со тужба кај надлежниот суд да бара да биде наведен во пријавата и во сите исправи.

(2) Со смртта на пронајдувачот, односно авторот од ставот (1) на овој член, правото на тужба преминува врз неговите наследници.

Рок за поднесување тужба

Член 307

Тужбата од членот 306 на овој закон може да се поднесе од денот на поднесувањето на пријавата како и за сето време на траењето на патентот односно индустрискиот дизајн.

Оспорување на правото на трговска марка

Член 308

(1) Правно или физичко лице може со тужба за утврдување да бара од судот да утврди дека знакот што го употребува во прометот за одбележување на своите стоки, односно услуги е идентичен или сличен со трговската марка што ја употребува друго правно или физичко лице за одбележување на своите стоки односно услуги од ист или сличен вид и дека тој знак бил добро познат во смисла на членот 6 бис од Париската конвенција како обележје на стоките, односно услугите на тужителот уште пред туженикот да поднесе пријава за трговска марка.

(2) Тужителот може да бара од судот него да го огласи за носител на трговската марка.

(3) Тужбата од ставот (1) на овој член судот нема да ја уважи ако тужениот односно носителот на трговската марка докаже дека уште пред поднесувањето на пријавата го употребувал спорниот знак за ист или сличен вид стоки, односно услуги и тоа исто толку колку и тужителот или подолго отколку тужителот.

(4) Тужбата од ставот (1) на овој член не може да се поднесе по истекот на пет години од денот на уписот на трговската марка во регистарот на трговски марки.

Други случаи на оспорување на правото на трговска марка

Член 309

Лицето кое во времето на поднесување на пријавата за признавање на правото на трговска марка има фирма, односно назив идентичен со трговската марка на друго лице, може да ја оспори таа трговска марка за истиот или сличен вид стоки, односно услуги, освен ако носителот на трговската марка кој бил совесен во моментот на поднесувањето на пријавата имал иста фирма односно назив.

Запишување во регистарот

Член 310

(1) Во рок од деведесет дена од денот на доставувањето на правосилната судска одлука со која е уважено тужбеното барање, тужителот може да бара да се запише во соодветниот регистар како носител на соодветното право и за тоа Заводот да му издаде соодветна исправа.

(2) Ако лицето на кое му е уважено тужбеното барање во рокот од ставот (1) на овој член не поднесе барање да се запише во соодветниот регистар како носител на правото што му е признаено, запишаното право ќе се избрише од соодветниот регистар.

Права на трети лица

Член 311

Правата со кои трето лице се стекнало од поранешниот носител на правата, важат и спрема новиот носител на правата, ако биле запишани во соодветен регистар или уредно пријавени за запишување пред започнување на спорот.

Примена на одредбите за повреда на правата

Член 312

Во постапките за оспорување на правата, соодветно се применуваат одредбите за повреда на правата и мерки на обезбедување од овој закон.

Привремени мерки

Член 313

(1) Лицето кое може да поднесе тужба за повреда на неговите права утврдени со овој закон, доколку достави докази со кои ќе стори веројатно дека неговото право е

повредено или ќе биде повредено, судот на негов предлог може да определи привремени мерки заради обезбедување на неговите барања, и тоа:

– да се забранат сите дејства на повреда и нивно продолжување;

– да се запленат, исклучат од промет и соочуваат примероци, средства, опрема и документи во врска со нив; и

– да се донесат други слични мерки.

(2) На барање на тужителот доколку достави докази со кои ќе стори веројатно дека неговото право е повредено или ќе биде повредено при извршувањето на стопанската дејност, сé со цел прибавување економска корист, и со таквата повреда може да настане ненадоместлива штета, покрај привремените мерки од ставот (1) од овој член, судот може да определи како гаранција одземање на движен и недвижен имот во сопственост на тужениот кој имот не е во непосредна врска со повредата, како и забрана за располагање со средства на сметки кај финанските институции и располагање со друг имот.

(3) Заради одредување и спроведување на мерките од ставот (2) од овој член, судот може да бара од можниот сторител на повредата или од други лица кои со тоа раполагаат, доставување на економски податоци или пристап кон други потребни податоци и документи. Судот е надлежен да го обезбеди чувањето на тајноста на овие податоци, како и да забрани нивна злоупотреба.

(4) Привремената мерка од ставот (1) од овој член може да се изрече и без известување на можниот сторител на повредата ако предлагачот на гаранцијата стори веројатно дека друга привремена мерка нема да даде ефект или постои опасност од настанување на ненадоместлива штета.

(5) Привремената мерка од ставот (2) од овој член може да се изрече и без известување на можниот сторител на повредата ако предлагачот на гаранцијата докаже дека во спротивно привремената мерка нема да има ефект или дека е тоа неопходно со оглед дека се работи за особено тешки околности на повредата.

(6) Ако привремената мерка е изречена без известување на можниот сторител, судот решението за привремената мерка веднаш по нејзиното спроведување ќе го достави до можниот сторител.

(7) Во решението за времена мерка судот ќе определи и траење на таа мерка. Доколку мерката е определена пред поднесувањето на тужба, рокот во кој предлагачот на гаранцијата мора да поднесе тужба заради докажување на оправданоста на тие мерки не може да биде подолг од 20 дена од денот на доставувањето на решението на предлагачот.

(8) За постапките за определување привремени мерки се применуваат прописите за обезбедување на побарувањата, доколку не е поинаку определено со овој закон.

Мерки за обезбедување докази

Член 314

(1) На барање на лицето на кое му е повредено правото или постои оправдано сомневање дека ќе му биде повредено правото, судот може да одреди мерка за обезбедување на доказите.

(2) Мерката од ставот (1) од овој член судот може да ја изрече особено за:

– изработка на детален опис на стоката за која може да се стори веројатно дека повредила одредено право, со или без земање примерок;

– одземање на стоката за која се верува дека повредува одредено право;

– одземање на материјалите и средствата што се употребени за изработка и дистрибуција на стока за кои постои сомневање дека повредува одредено право, како и документацијата што се однесува на него.

(3) Мерката од овој член може да се изрече и без известување на спротивната страна, доколку лицето на кое му е повредено правото или постои оправдано сомневање дека ќе му биде повредено достави докази со кои ќе стори веројатно дека доказите за таа повреда може да бидат уништени и дека не ќе можат да се обезбедат или ќе настане ненадоместлива штета. Ако мерката е изречена без известување на спротивната страна, судот ќе одлучи мерката веднаш по нејзиното донесување да и ја достави.

(4) Во решението за времена мерка судот ќе определи и траење на таа мерка. Доколку мерката е определена пред поднесувањето на тужба, рокот во кој предлагачот на гаранцијата мора да поднесе тужба заради докажување на оправданоста на тие мерки не може да биде подолг од 20 дена од денот на доставувањето на решението на предлагачот.

(5) За постапките за определување привремени мерки се применуваат прописите за обезбедување на побарувањата, доколку не е поинаку определено со овој закон.

Прибавување докази во текот на парничната постапка

Член 315

(1) Кога странката во парничната постапка се повикува на доказ и тврди дека доказот се наоѓа кај спротивната странка или под нејзина контрола, судот ќе ја повика спротивната странка да го достави тој доказ, определувајќи и рок за доставување.

(2) Во случај кога носителот на правото од овој закон како тужител во тужбата тврди дека се случила повреда на право заради стекнување економска корист, како и кога во постапката се повикува на банкарски, финасиски или слични економски документи, исправи и слични докази и тврди дека истите се наоѓаат кај спротивната.

странка или под нејзина контрола, судот ќе ја повика таа странка да ги достави тие докази, и ќе определи рок за доставување.

(3) Кога странката која е повикана да поднесе доказ одрекува дека доказот се наоѓа кај неа или под нејзина контрола судот може да изведува докази заради утврдување на тие факти.

(4) Во однос на правото на странката да го одбие поднесувањето на бараниот доказ, се применува правото на одбивање на сведочење според прописите за парнична постапка.

(5) Судот по свое убедување ќе процени од какво значење е тоа што странката нема да постапи по решението на судот, со кој и се наложува да достави доказ или спротивно на убедувањето на судот негира дека доказот се наоѓа кај неа.

ЕДИНАЕСЕТТИ ДЕЛ

НАДЗОР

Член 316

Надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството за економија.

Член 317

Инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон по однос на прометот и употребата на заштитените права од индустриската сопственост врши Државниот пазарен инспекторат по службена должност (во натамошниот текст: Инспекторат) и по барање на носителот на правото.

Член 318

(1) Ако Инспекторот утврди дека се повредени правата од индустриска сопственост ќе донесе решение со кое ќе нареди да се повлечат производите од промет, односно опремата, средствата и документите во врска со нив, односно ќе определи соодветни мерки за спречување на натамошната повреда и ќе определи рок за нивно повлекување од промет, а особено кога :

1) неовластено се користи заштитен пронајдок;

2) неовластено се користи или имитира заштитен индустриски дизајн;

3) неовластено се користи или имитира заштитена трговска марка;

4) неовластено се користи ознака ® за трговска марка што не е регистрирана; и

5) неовластено се користи или имитира добро позната трговска марка и

6) неовластено се користи или имитира заштитен географски назив,.

(2) Доколку правното или физичкото лице не постапи по наредбата од ставот (1) на овој член Инспекторатот ќе донесе решение за привремена забрана на вршење дејност во траење од 30 дена за правното лице, а за физичко лице од 15 дена, ќе ги запечати просториите во кои се врши дејноста и ќе ги одземе производите, опремата, средствата и документите во врска со нив.

(3) Одземените производи, опремата, средствата и документите во врска со нив инспекторот е должен веднаш да му ги предаде на надлежниот суд.

(4) Привремено одземените предмети настанати со прекршокот од овој член, по правосилноста на судската одлука се уништуваат во согласност со законот за извршување на санкциите.

(5) Ако Инспекторот утврди дека со сторениот прекршок е остварена незаконска противправна имотна добивка должен е во барањето за покренување на прекршочна постапка да ја наведе висината на таа добивка и да бара да се одземе од сторителот.

Член 319

(1) Кога Инспекторот основано ќе се посомнева дека со стоката пуштена во промет се повредува правото на индустриска сопственост од членот 318 став (1), а пред поднесување на барање од страна на носителот на правото, стоката со записник ја става вон промет.

(2) За мерката од став (1) на овој член, инспекторот веднаш го известува носителот на правото, за да може да поднесе барање за поведување на дејствија во согласност со членот 320 од овој закон.

(3) Инспекторот може од носителот на правото да побара да ги даде сите податоци кои се потребни за потврдување на причините за сомневање.

(4) Доколку во рок од 3 работни дена од известувањето, носителот на правото не поднесе барање за преземање на дејства во согласност со член 320 на овој закон, стоката се пушта во промет.

Член 320

(1) Носителот на правото може во писмена форма да поднесе барање до Инспекторатот за преземање на дејствија на заштита на правата од индустриска сопственост од членот 318 од овој закон.

(2) Кон барањето од ставот (1) на овој член, носителот на правото е должен да го достави до Инспекторатот:

1) доказ дека соодветното право од индустриска сопственост е заштитено;

2) изјава дека во целост презема одговорност кон лицата вклучени во постапката заради дејствие или пропуст на носителот на правото или кога е утврдено дека предметната стока не повредува право од индустриска сопственост;

3) технички опис на стоката (прецизен и детален);

4) вредноста на оригиналната стока во Република Македонија;

5) локација на стоката;

6) податоци за увозникот на стоката и

7) земја или земји на производство.

ДВАНЕСЕТТИ ДЕЛ

ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 321

(1) Глоба во износ од 4.000,00 до 8.000,00 евра во денарска противвредност надлежниот суд ќе му изрече на правното лице за прекршок, доколку:

1) неовластено се занимава со застапување на странски правни и физички лица (член 22);

2) неовластено користи пријавен или заштитен пронајдок (член 291 став (3));

3) неовластено користи или имитира пријавен или заштитен индустриски дизајн (член 291 став (3));

4) ако неовластено користи или имитира пријавена или заштитена трговска марка (член 291 ставовите (3) и (4));

5) ако неовластено користи или имитира добро позната трговска марка (член 291 став (3));

(2) Покрај глобата од ставот (1) на овој член, на правното лице му се изрекува санкција забрана за вршење дејност од една до три години.

(3) Глоба во износ од 1.000,00 до 1.500,00 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(4) Покрај глобата од ставот (3) на овој член, на одговорното лице во правното лице му се изрекува санкција забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од една до пет години или трајна забрана за вршење дејност.

(5) Глоба во износ од 700,00 до 1.200,00 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице за прекршокот од ставот (1) на овој член.

(6) Покрај глобата од ставот (5) на овој член на физичкото лице му се изрекува санкција забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од една до три години.

(7) За сите прекршоци од членот 318 на овој закон и ставот (1) на овој член, на правното лице, одговорното лице во правното лице и на физичко лице ќе им се изрече посебна санкција за одземање предмети.

(8) Доколку се утврди дека прекршоците од ставот (1) на овој член се сторени од организирана група лица, составена од најмалку три лица, надлежниот суд може да изрече глоба во трикратен износ.

(9) При повторување на прекршоците од ставот (1) на овој член, надлежниот суд може да изрече глоба во петкратен износ.

(10) За прекршоците од ставот (1) на овој член со кои се предизвикува поголема имотна штета, во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, надлежниот суд може да изрече глоба до дваесеткратен износ од утврдената штета.

Член 322

(1) Глоба во износ од 700,00 до 1.000,00 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице за прекршок доколку:

1) неовластено користи ® за трговска марка што не е регистрирана;

2) неовластено користи или имитира заштитен географски назив (член 291 ставови (3) и (4)) и

3) на барање на носителот на правото не ги доставил документите и податоците во врска со повреда (членови 297 став (2) и 314).

(2) Глоба во износ од 350,00 до 700,00 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице за прекршоците од ставот (1) на овој член.

(3) Глоба во износ од 350,00 до 700,00 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице за прекршоците од ставот (1) на овој член.

ТРИНАЕСЕТТИ ДЕЛ

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Донесување на подзаконските акти

Член 323

(1) Прописите предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) До денот на влегување во сила на прописите од став (1) на овој член, ќе се применуваат постојните прописи.

Постапки во тек

Член 324

(1) Во постапките за признавање на правата од индустриска сопственост за пријави поднесени пред влегувањето во сила на овој закон ќе се применуваат одредбите од овој закон, освен за пријавите по кои Заводот презел одредени дејствија пред влегувањето во сила на овој закон.

(2) На европските пријави поднесени пред примената на Законот за ратификација на Конвенцијата за признавање на европски патенти се применуваат одредбите од Договорот за проширување.

(3) Одредбите на членовите од 119 до 126 и членот 297 став (5) ќе се применуваат на европските пријави поднесени по 01.01.2009 година.

(4) Одредбите од членот 74 од овој закон за продолжување на рокот на важење за патенти со сертификат за дополнителна заштита ќе се применуваат на пријавите поднесени по 01.01.2004 година.

(5) Постапките за судска заштита, прекршочна постапка и инспекциски надзор од страна на Државниот пазарен инспекторат кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не се завршени, ќе се завршат според прописите кои биле во сила до денот на влегувањето во сила на овој закон.

(6) По жалбите кои се поднесени против решенијата на Заводот до денот на влегувањето во сила на овој закон одлучува Комисијата на Владата на Република Македонија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на индустриската сопственост.

Престанок на важење

Член 325

Со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за индустриската сопственост (“Службен весник на Република Македонија” број 47/2002, 42/2003, 09/2004, 39/2006, 79/2007).

Влегување во сила

Член 326

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.